Книжарници

08.08.2013 09:01
Книжарници

Да, за Нова Година се случуваат чуда. Дури и во Скопје! Имено, потписникот на овој текст, пред некој ден, во желба да го поддржи буџетот на оној брадест, црвен во образите и облеката, дебелко што, традиционално, еден ден во годината ве наградува, а цела година просудува дали сте биле добри или не, отиде во една од скопските книжарници. Идејата, се разбира, беше нечија елка, освен со лампиони, да се закити и со некоја книга. Засега, идејата остана нереализирана, а буџетот на Дедо Мраз под знак прашање. Едноставно, во книжарницата имаше толкав ред, небаре се оди на некакви протести или контрапротести, а не се купува таква опскурна работа, како што е книгата.

За волја на вистината, љубезната книжарка ми објасни дека книгата е сезонска стока и дека главниот удар на продажбата секогаш е за време на Саемот на книгата, годишните одмори и, јасно, Нова Година. Но, без оглед на овој, веројатно, релевантен факт, факт е и тоа дека во последните месеци се отворија уште најмалку две книжарници. Едната на книгоиздателството „Матица“, а другата на „Феникс“.

Сепак, и покрај наведеното, погрешно би било да се заклучи дека во Македонија допрва почнува книжарничарската преродба. Напротив. Уште лани (или можеби преклани) најголемата онлајн книжарница на светот, Aмазон, објави дека книжарниците, во форма во која ги познававме, се – мртви, а ова свое тврдење го поткрепи со податокот дека продала повеќе електронски отколку печатени изданија книги. Македонија, ете, и тука предничи пред светот. Се разбира, не по продадени електронски изданија, туку по умирањето на книжарниците. Традиционално, да не кажеме транзициционално, едни од најтенките алки во кинењето на синџирот на вредности во оваа духовно и не толку богата земја, како што обично се мисли, покрај кината, беа токму книжарниците.

Денес, во главниот град на Македонија и не постои репрезентативен објект за оваа намена. Некој ќе ја спомене книжарницата на „Култура“ во „Ристиќевата палата“, меѓутоа нејзината репрезентативност се огледа само по луксузната местоположба, а никако и по книжниот фонд со кој таа располага. Додуша, неодамна се појави иницијатива оној несреќен мал трговски центар „Линукс“, што се наоѓа непосредно пред зградата на ЕВН и Градскиот трговски центар да биде претворен во своевидна книжарничарска стоковна куќа. Такви и поголеми повеќекатни зданија, претворени во книжарници, конечно имаат не само сите главни градови во земјите во опкружувањето, туку и повеќето поголеми центри. Оваа идеја, која од „Линукс“ требаше да направи вистински центар за културни настани (на македонски: ивенти), за жал, остана само на хартија, откога, речиси, севкупната општествена средина, што беше запознаена со овој проект, почна да го набљудува потенцијалниот инвеститор како „медицински случај“.

Ваквата перцепција, нормално, не се должи на таканареченото „културно ниво“ на овдешната јавност, туку многу повеќе на традицијата и горчливите искуства. Ако сакаме да бидеме искрени, во Македонија и никогаш немало вистински книжарници. Повеќе се работи за дуќани со пултови, на чии полици, по некоја среќна случајност, седат книги, а не, на пример, кондури или облека. Но, и тие и такви книжарници немаа многу среќа во нововоспоставениот неолиберален пазарен систем. Веројатно најголемата книжарничарска мрежа во Републиката ја имаше „Култура“, но по повеќекратната приватизација, од сите тие книжарници, остана само таа во „Ристиќева палата“, колку да потсетува на времето кога книжарскиот бизнис не се гледаше само низ призмата на голиот профит и способноста да се плаќаат даноци на државата. На крајот на краиштата, таа книжарница во „Ристиќева палата“, без оглед на репрезентативната местоположба, и тогаш не се вбројуваше меѓу најдобро снабдените. Скопјани, на пример, уште ја помнат книжарницата на истата таа „Култура“ што беше сместена во зградата на Факултетот за музички уметности, која истовремено функционираше и како антикварница.

По пропаѓањето на државните издавачки куќи, книжарникарскиот бизнис го презеде „Мисла“, која отвори повеќе луксузно опремени, но сепак не премногу големи салони. Денес, и покрај книжарниците на „Табернакул“, „Три“, „Или-или“, „Топер“, „Икона“, „Магор“, „Феникс“..., сепак, главниот збор го држи „Матица“, иако во ниту една од нив нема да можете да бидете сигурни дека ќе најдете книга по ваш вкус.

Во оние бивши времиња, кога на повеќето од македонските жители таканаречениот српско-хрватски јазик не им претставуваше некој особен проблем, постоеше обичај книгите, ако ништо друго, да се купуваат на метар, во тврд повез и соодветна боја „да ми одговара на регалот“. Ако не во книжарница, тогаш по принципот на „Општински суд 2“, односно преку нарачка и на кредит. Денес делува како научна фантастика некој да жртвува, на пример, 12 месечни рати, за да купи еден или два комплета нечии собрани дела. Башка што собрани дела повеќе никој и не објавува. До душа, ни книги во тврд повез.

Но, да не ги глорифицираме работите. Дека и тогаш не стоеја добро работите со македонската книга, говори фактот дека речиси секоја посета на Белград или Загреб од овдешните луѓе беше користена – за шопинг на книги. Денешните генерации тоа можат потешко да си го допуштат, не затоа што во Белград или Загреб не можат повеќе да се најдат евтини и квалитетни книги, туку поради послабото познавање на српскиот или хрватскиот јазик. Да се оди до Лондон само за да се купат книги е сепак незамислива варијанта.

Но, да не се разбереме погрешно, значењето на книгата и на книжарницата не само што не е само социјално (најмалку е тоа), туку не е првенствено ни интелектуално. Односот кон книжарниците го одразува степенот на цивилизацијата на едно општество. Секоја негативна утопија претпоставува одмазда кон книгите. Реј Бредбери во „Фаренхајт 451“ предвидува општество што ги гори книгите и движење на отпорот што истите книги ги учи на памет и потоа ги пренесува на следните генерации. Во световите на Олдоус Хаксли книги воопшто и нема. Секоја диктатура се распознава по односот кон книгите и книжарниците. Важно е дали најпродаваната книга ќе ви се вика „Мајн Кампф“ од Адолф Хитлер или „Црвената книшка“ од Мао Цедунг или „Хари Потер“. Од друга страна, еден од основоположниците на магичниот реализам, Борхес, речиси севкупното свое творештво го посветува на книжарници и библиотеки.

Книжарниците се мистика. Во идеалните книжарници можат да се најдат најневообичаени книги, свети списи, збирки на мапи со изгубено богатство, проколнати книги кои имаат ист учинок и врз нивните читатели, книги што ги откриваат најголемите тајни на човештвото и на човековото срце, книги што, ако веќе не го заменуваат животот, како кај Борхес, секако го збогатуваат и го прават поподнослив... Зашто одамна е познато дека животот не пишува романи, туку ја имитира литературата.

А книжарниците... Тие се тие ковчези со непроценливо азно. Правливи и запуштени, затемнети и таинствени, со непроценливиот мирис на оловна печатарска боја, со книги кои немаат ни почеток и крај. Затоа книжарниците и немаат класични пултови. Тие, конечно, и не се вистински продавници. Бидејќи во книжарница човек треба да биде и опуштен и концентриран, зашто и вистинската книга, како и моментот, е само една и може да избега и пред да ја забележите.

Во таа смисла, и покрај новогодишното чудо со невообичаениот ред пред пултот на скопската книжарница од почетокот на овој текст, овдешната популација остана хендикепирана од недостигот на вистински книжарници. Немањето на книжарници во вистинска смисла на зборот значи и отсуство на вистинска граѓанска класа. А ако едно општество нема граѓанска класа, тоа значи дека нема ни развиен и богат јазик. Ако нема развиен и богат јазик, тоа значи дека нема ни развиен и богат мисловен процес. А ако чувствувате дека не постои богат и развиен мисловен процес, тогаш тоа може да значи дека живеете во Македонија. Доколку не чувствувате дека не постои богат и развиен мисловен процес, тоа значи дека недостигот на вистински книжарници веќе го зел својот данок.

Во секој случај, кругот е маѓепсан. Без јазик и мислење нема квалитетни книги, а без квалитетни книги нема ни книжарници. Ако е за утеха, не може да недостасува она што никогаш не ни постоело. Ние веќе одамна ја живееме фантазијата на Олдоус Хаксли.

Извор: Граѓански

ОкоБоли главаВицФото