Хименопластика

08.08.2013 09:29
Хименопластика

Најновата иницијатива на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за отворање и менување на Уставот заради потврдување на веќе постојната дефиниција на бракот како заедница само меѓу еден маж и една жена, како и потврдување на веќе постоечката регулатива со која се дефинира дека посвојување на дете може да направат само хетеросексуални брачни парови (поинакви и не постојат во нашето општество) отвора многу прашања. Најмногу се отвораат прашања заради аргументацијата за отпочнување ваква иницијатива. Аргументот е дека со иницијативата се сака да се зачува традиционалниот македонски брак, веројатно од наездата на нови идеи и концепти кои ги прифатило современото милје, особено во западната хемисфера, каде ние (не) сакаме да одиме. Прашањето е: што е тоа традиционален македонски брак? Според она што знам, традиционалниот македонски брак се договара меѓу семејствата и младенците немаат право на приговор доколку родителите го договорат бракот. Исто така, откако ќе се договори бракот, прецизно се договара и чеизот кој треба да го донесе невестата во новиот дом, кај нејзиното ново семејство. Откако деталиве ќе се уточнат, се случува свадбената веселба, која кулминира утрото по веселбата, со истакнување на чаршафот на кој спиеле младенците. Мајката на зетот треба да се увери со чаршафот дека примила невина девојка, како жена за нејзиниот син. Невестата нема право на приговор за кое било барање од членовите на новото семејство, особено понизна треба да е кон свекрвата и сопругот. Развод на бракот под никакви услови не може да се случи, традиционалниот брак не го препознава разводот како концепт.

Задачата да се зачува традиционалниот брак не би била спроведлива доколку не се воспостават механизми со кои ќе се имплементираат сите овие елементи кои го сочинуваат традиционалниот брак. Размислувајќи на темава, издвоив неколку неодминливи механизми без кои не можеме да речеме дека иницијативата би била успешна.

ЗАКОН ЗА ЗАБРАНА НА РАЗВОДИТЕ

Невозможно е да се осигура концептот „традиционален брак“ доколку не се забрани разводот. Разводот за прв пат се појавува во нашето општество по Втората светска војна, во времето кога комунистите уништија сѐ, градејќи држава за која „традиционалистите“ никогаш не успеале да се изборат, ниту да ја создадат. Во тој несфатлив поход за градење на македонската држава, комунистите ги вметнале придобивките на современиот свет, меѓу кои и смртниот непријател на традиционалниот брак: разводот.

Со тој нов закон, значи, не само што би се регулирале нераскинливите врски меѓу двајца кои еднаш веќе одлучиле да стапат на ваквиот „луд камен“, туку треба да се воведат и неколку механизми кои ќе гарантираат имплементација на концептот.

УПРАВА ЗА НЕЕДНАКВИ МОЖНОСТИ МЕЃУ МАЖИТЕ И ЖЕНИТЕ И ЗА СУЗБИВАЊЕ НА ХИМЕНОПЛАСТИКАТА

Незамисливо е да се имплементира концептот за зачувување на традиционалниот брак без воспоставување управа која ќе спречи лажирање на истиот концепт. Оваа управа треба да осигура дека при договарањето, склучувањето и реализацијата на еден традиционален брак елементите како невиноста на невестата и нејзината покорност се неприкосновени и зачувани. Најнапред управата ќе треба да се осигура дека ниту една болница во државата, јавна или приватна, не нуди услуга: хименопластика. Доколку се утврди, при инспекциски надзор, дека некоја болница извршила ваков вид операција, тоа треба да се третира на ниво на издавање државна тајна и работа против сопствената држава. Треба да се пропишат високи казни кои и превентивно ќе дејствуваат врз болниците за да не нудат на црно ваков вид услуга.

СЕКТОР ЗА НЕЕДНАКВИ МОЖНОСТИ МЕЃУ МАЖИТЕ И ЖЕНИТЕ

Незамисливо е една ваква управа да функционира без Секторот за нееднакви можности меѓу мажите и жените. Овој Сектор би имал задача да ги следи и истражува појавите на „бескрвни чаршафи“. Ова и не е наивна работа, како што навидум може да изгледа. Освен утврдување на ДНК на крвта која се појавила на чаршафот, Секторов ќе има задача и да ја утврдува еластичноста на хименот, при појава на тврдење на невестата дека е невина, а нема доказ за тоа, односно нема крв која може да ја види свекрвата утрото по првата брачна ноќ. Исто така Секторот ќе треба да прави истражувања доколку некое семејство се пожали дека невестата е непокорна, знае одвреме-навреме да се замисли, односно има свои мисли надвор од зададените задачи од сопругот, свекрвата или кој било друг член на семејството. Секторот мора да има мандат да реагира и по допрен глас.

Ваквата Управа за нееднакви можности меѓу мажите и жените и за сузбивање на хименопластика, најлогично е да биде под капата на Министерството за здравство, а како една од клучните во надградување и унапредување на општеството, најлогично е да е под директно раководство на министерот за здравство, кој е најстручен и за утврдување на непокорност, еластичност на химен, како и за утврдување ДНК.

КОМИСИЈА ЗА ВЕРИФИКАЦИЈА НА ФАКТИТЕ ЗА ОДОБРЕНИТЕ РАЗВОДИ

Заради расчистување со неприфатливото комунистичко минато, во кое се случиле многу сквернавења на традицоналниот брак, ќе мора да се воспостави и Комисија која ќе ги верификува фактите околу веќе одобрените разводи. Со утврдување на фактите, Комисијата ќе треба да донесе поништувачки решенија за сите одобрени разводи и да ги спои повторно сите разведени мажи и жени во светата заедница, во традиционалниот македонски брак. Основна дилема за една ваква Комисија за верификување на фактите околу одобрените разводи е: дали таа ќе има надлежност за верификување на фактите од независноста па наваму, или пак ќе верификува факти околу разводите и во периодот кога бевме дел од Југословенската федерација.

Се разбира, заради легитимација на целиот процес за зачувување на традиционалниот македонски брак, Комисијата ќе треба да започне со верификување на фактите околу разводите на актуелната политичка елита, која се огрешила и наспроти традиционалните вредности и светоста на македонскиот брак имајќи развод зад себе.
Заради важноста и одговорноста која на свој грб ќе ја има Комисијата, најлогично е со неа да раководи директно Претседателот на Владата на Република Македонија, како најодговорен за движењата во нашето општество.
На овој начин, не само што ќе се обезбеди имплементација на новите уставни измени, туку и ќе се исполнат уверувањата и барањата на нашиот традиционален народ, за зачувување на традицијата, традиционалните вредности и светоста на традиционалниот македонски брак.

Авторот е Програмски Дректор на ЛГБТИ Центарот за поддршка - МХК

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото