1022 hPa
81 %
9 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:59
Уште на 26 јули 1963 год. Републичкиот штаб за одбрана од елементарни непогоди издаде наредба: да се евакуираат децата, мајките со деца, болните, старците и лица со физички и психички недостатоци, т.е. неактивното население на градот, а децата од Скопје што се наоѓаат на одмор да останат во одморалиштата до натамошна наредба. За да биде евакуирањето што поорганизирано, се формира Одделение за народна одбрана при Градското собрание, кое беше сместено на игралиштето „Работнички". Ова Одделение беше одговорно за евакуацијата. Се пристапи кон евакуација, бидејќи во Скопје секој момент можеа да се појават епидемиолошки заболувања, затоа што станбениот фонд беше разурнат и неактивното население немаше каде да се смести, а шатори во прво време немаше достатно, но и да ги имаше, за децата и старците не беше здравствено препорачливо да живеат под шатори, а и требаше да се отстранат сите оние што во тој момент претставуваа товар на градот. Затоа, евакуацијата на неактивното население беше задолжителна.
Сите патишта кои водеа во Скопје и од Скопје беа пренатрупани со возила. Додека долги механизирани колони, носејќи разни машини и опрема толку потребна на настраданиот град, се движеа кон Скопје, градот го напуштаа необични карвани. Илјадници автобуси, камиони, автомобили, мотоцикли, велосипеди, КОЊСКИ и воловски запреги, КОЛИЧКИ и пешаци како река го напуштаа Скопје упатувајќи се во сите правци. Стотици композиции, полни со најмилите и најсаканите — децата, заминаа на исток, запад, север и југ. Немаше населено место во Југославија што не ги отвори вратите за сместување на иастраданите од Скопје. Целата земја се чувствуваше како едно срце, дишеше со еден пулс, мислеше со една мисла: да му помогне на Скопје. Децата од Скопје станаа жители на целата земја. Во многу краеви и места низ целата наша земја се заангажираа низа објекти: одморалишта, лекувалишта, интернати и сл. Во нив главно беа сместени деца или мајки со деца до 7 години. Во првите денови по катастрофата се исели и еден дел од активното население. Некои се засолнаа од градот привремено, некои отидоа заедно со семејствата, и откако ги сместија, се вратија. Така, непосредно по катастрофата од Скопје се евакуираа околу 130.000 граѓани, главно жени, деца, старци и дел од активното население кое, спротивно на наредбата, привремено се евакуира. Во градот остана способното население да работи на расчистувањето на урнатините и на отстранувањето на другите последици од катастрофалниот земјотрес. Во тие денови, во градот воопшто не можеше да се види дете. За оној дел од активното население кое спротивно на наредбата го напушти Скопје се презедоа санкции во смисла да им се откаже службата до колку за кратко време не се јават на должност. Тенденција беше во градот да се врати сето активно население. Градското собрание и општествено-политичките фактори не сакаа да прекинат секаква врска со она население кое подолго време требаше да остане надвор од Скопје. Напротив, се презедоа сите мерки скопјаните и во другите градови да останат скопјани, да одржуваат постојана врска со градот и секогаш да бидат готови да се вратат во Скопје штом за тоа се создадат услови.
До општинските штабови за помош на настраданите пристигнуваа многу понуди на граѓаните кои беа готови на кој било начин да им укажат помош на евакуираните скопјани. Многу стопански организации, друштва, клубови и поединци се нудеа да прифатат евакуирани давајќи им на располагање соби или цели станови. Во писмото од еден инвалид од Панчево пишува: „Ви испраќам пакет со детски чевли, џемпер, фустан и др. Како првоборец и воен инвалид решив веднаш да дадам своја крв. Примам едно семејство од 4 члена во својот стан (една соба) со слободно користење на кујната и др. Мене ми се драги сите наши луѓе, па вие предвидете кого треба да примам и јавете ми каде се наоѓа тоа семејство за да отидам и да го преселам во својот дом". Еден работник од Трстеник пишува: „Немајќи можност да помогнам со директна работа во отстранувањето на несреќата, ве молам барем да ми испратите едно семејство на сместување кај мене". Жителите од село Галичник на општа конференција решиле да ги отворат своите домови за сместување на 100 семејства од Скопје. Едно учителско семејство од Цеље бара да му се упатат две семејства на стан и обезбедување на неограничено време. Така од сите краишта од земјата. Покрај понуди на стан, имаше, и тоа уште повеќе, понуди за згрижување на децата, на мајки со деца или за усвојување на деца што останале без родители. Некои бараа на определено време да ги школуваат децата нагласувајќи дека ќе им набават книги на македонски јазик. Во писмото од еден работник од Бихаќ се вели: „Оженет сум, а деца немам. Добро сум сместен, материјално стојам добро и ве молам да ми испратите на издржување едно семејство од 3 члена или пак 2—3 деца што останаа без родители за постојано или привремено. Ќе ги издржувам и за нив родителски ќе се грижам". Еден првоборец од Жабно кај Крижевац пишува: „Од трагедијата на Скопје многу сум потресен. Be молам да ми доделите некое дете што останало без родители, на усвојување преку суд. Ние ќе го школуваме и ќе му го оставиме во наследство целиот наш имот". Едно семејство од Цетиње пишува: „Готови сме да прифатиме 2 деца што останаа без родители, по можност да бидат брат и сестра. Ние не сме за тоа да им се промени името и презимето, туку децата да знаат кои им биле татко и мајка". Еден службеник од Јасеновац кај Сисак пишува: „Ве молам да ме известите дали имате дете без родители. Готов сум веднаш да го примам. Ова го чинам затоа што и јас сум доживеал слични моменти, кога како млад бев прогонуван од непријателот, ги минав логорите и не знам за свои родители и дом..." Една ученичка од VII одделение од Валево пишува: „Разговарав со мајка ми и татко ми и се договоривме да побараме една другарка од 12—14 год. да се смести кај нас и заедно со мене, да го посетува училиштето, се дотогаш дури не и се укаже можност да се врати назад. За тоа не бараме никаков надомест". Еден геометар од Богатиќ уште како дете живеел во Скопје, го засакал овој град и бара на усвојување едно дете. Така од сите републики, од сите краишта на нашата земја.
Во шаторските населби сè е готово за да се евакуираат децата. „Децата за евакуација да се јават. По малку поаѓаме на пат" — гласно довикуваше човекот што го држеше списокот во рацете, влегуваше од шатор во шатор и ги собираше децата. Настана вриеж. Се гушкаа родителите со децата, ги гушкаа комшиите, блиските... Во очите на жените светкаат солзи. Разделба. „До гледање сине, чувај се" — овие последни поуки се слушаа на секој чекор. Децата се построија во две редици. Некои плачат, особено девојчињата, a од машките некои плачат, а други, кои порано веќе биле на летување, скокаат и се веселат што им се укажала можност да патуваат. Тажни колони на деца, жени и старци со врзулки преку рамо, со куфери и кошници ВО раце итаат од рано утро кон железничката станица, или се качуваат во камиони и автобуси. На разурнатата железничка станица возови полни со оние што треба да тргнат. На перонот полно луѓе, главно деца и родители. На еден перон, мајката ја теши својата постара ќерка која за првпат се одвојува од неа: „Не плачи... He си само ти. Гледаш, Верка е помала од тебе а не плаче. Сите твои другарки од целиот град ги носат. Таму ќе ви биде поубаво... Па... пишете и на мајка ... Да ми ја чуваш Верка, ти си голема... Ајде, доста... престани, качувајте се...“ Мајката се прави дека е тврда, но кога возот тргна, од нејзините очи потекоа солзи што ја наросија косичката на малото дете што го држеше во рацете. Таа само помина со раката преку детската коса и се загледа некаде далеку... Возовите не одеа по никаков возен ред. Кога ќе се наполнеше со бегалци, службеникот даваше знак и возовите тргнуваа. Родителите плачеа, а плачеа и децата. На разурнатиот перон, родителите останаа со раката во воздухот, поздравувајќи ги. Секое дете знаеше дека тате и мама нема да се вратат во својата куќа, зашто таа веќе не постои. Малите бегалци тргнаа во другите градови-пријатели. Од возот се слушаа тажни, тенки детски гласови. Ја пееја песната „Тешка беше нашата разделба... Зад нив остана пустелија. Останаа детските игралишта што се затрупани со бетон и тули, лулашките што се лулеат сами. Под урнатините останаа нивните играчки и училишни тетратки. Го видоа своето училиште урнато, или, како гори во пламен. Го видоа скршено училишното ѕвонче и стариот служител што плачеше пред распуканите скали.
На сите попатни станици малите скопјани ги чекаа претставници на Црвениот крст и маса граѓани, кои им нудеа топол чај и лимон, топли крофни и друга храна. На децата и девојчињата кои не беа доволно облечени, т. е. кои беа само во пижами, во кошули или боси, им се даваа нови алишта и чевли. На повредените им се даваше лекарска помош. Граѓаните им делеа чоколада, карамели, бисквити и друго. Во сите градови и села каде што возовите поминуваа, децата гледаа како на сите јавни и општествени згради се веат црни и национални знамиња на половина копје. На една железничка станица еден воз чекаше на вкрстување. По неколку минути во станицата влезе моторен воз полн со деца. Кондуктерот од првиот воз се наведна преку прозорец, погледа во правец на моторниот воз и рече: „Децата од Скопје ги евакуираат". Во тој момент, од прозорецот на соседниот воз се чу извик: „Тате! Татеее!" Две деца мавтаа со рацете и викаа: „Татеее". Кондуктерот замрзна, се претвори во камен. Тука, покрај него беа неговите две деца, што ги оставил во Скопје пред да го прими дежурството. „Никола!" — викна кондуктерот. „Петре!" Но моторниот воз тргна. Во заглушено чукање на тркалата се изгубија слабите детски гласови. Кондуктерот уште неколку моменти стоеше на отворениот прозорец со протегнати раце во правец на децата и потоа заплака. Плачеше како најнесреќен човек на светот: „Дечиња мои... таткини јагниња..."
Од излезот на скопската станица, скопските деца не беа веќе само СКОПСКИ, тоа беа деца на целата нација. Во, Лесковачка околија беа згрижени — 5.585, во Крагуевачка — 9.666, во Кралевачка — 3.500, во Смедеревска — 248 итн. Во цела CP Србија — 34.419 лица.
Во Загреб, Риека, Сплит, Осиек, во Преко кај Задар, во Водице кај Шибеник, во женскиот дом кај Карловац, во Српске Моравице и по целото Хрватско Приморје на гостите им беа откажани многу летувалишта и интернати за да се прифатат скопските деца.
Феријалниот сојуз на Словенија ги стави на располагање сите капацитети на своите домови. Скопските деца беа во Солкан кај Нова Горица, во Љубљана, во Марибор, Цеље, Копар, Изола, Зидани Мост и др. Црвениот крст на Црна гора овозможи да се сместат голем број деца на Црногорското Приморје. Скопските деца беа гости на Цетиње, Титоград, Никшиќ, Бар, Рисан, Иванград, Жабљак и др.
Околиите на Босна и Херцеговина прифатија 11.000 лица од Скопје. Сараево, Бихаќ, Бања Лука, Илиџа и др. топло ги пречекаа СКОПСКИТЕ деца. Се разбира дека најмногу евакуирани лица имаше во Македонија, а особено во соседните и блиските градови на Скопје. Во Тетовско беа евакуирани околу 10.000, во Титовелешко 8.793, во Кумановско над 12.000, во Битолско 8.000, во Кочанско 2.000, во Штипско околу 18.000, ВО Струмичко 2.000, во Валандовско 167 семејства ити. Сите објекти на Феријалниот сојуз во СРМ беа ставени на располатање на настраданите. И скопските околни села се наполнија од евакуирани скопјани.
(продолжува)
Фотографии: Франс Велтерс