Камп за родово недефинирани момчиња

09.08.2013 11:14
Камп за родово недефинирани момчиња

Во текот на изминативе три години, фотографката Линдзи Морис ги документира активностите кои се одвиваат во кампот за родово недефинирани момчиња и нивните родители.

Кампот „You Are You“ (Ти си ти) е наменет за „родители чии тригодишни деца сакаат да носат високи потпетици и многу повеќе ги сакаат розевите фустанчиња од темните костими, односно кои не се вкоплопуваат во родовите улоги одредени за нив“, изјавува Морис смеејќи се.

Тоа е исто така место на кое родителите и децата се чувствуваат заштитено во околината која го поттикнува слободното изразување. „Децата не мораат да се чувствуваат загрозени и можат да се опуштат. Тоа се четири дена во кои ништо од сето тоа не е важно, тие се опкружени со членови на семејството кои ги поддржуваат“, додава таа.

Морис изјавува дека целта на нејзиниот фотографски проект е да го претстави духот на овие момчиња во нивниот целосен сјај. Во кампот тие имаат прилика да уживаат низ претставување на талентите или за време на модните ревии за кои учесниците се подготвуваат и по цела година, вежбајќи ја својата точка, или пак, шиејќи го фустанот кој ќе го носат со нивните мајки и другите членови и пријатели на семејството.

„Дружбата и ентузијазмот се навистина неверојатни. Некои од родителите се многу емотивни, посебно семејствата кои доаѓаат за прв пат во кампот и го искусуваат овој вид прифаќање од групата.“

Иако не се знае дали децата во кампот во текот на времето ќе се идентификуваат како хомосексуалци, односно како трансродови лица, или пак, дали општественото конструирање на родот и сексуалноста ќе бидат трансформирани на овој начин, целта на вака организираниот камп е да им пружи можност на децата за едно целосно поинакво согледување на самите себе.

„Тие се соочуваат со доволно прашања во нивните секојдневни животи, па ова е одлично место за нивно лично изразување на сопствените чувства. Мислам дека слушаме толку многу тажни приказни за тоа како ЛГБТ децата се најпогодени од малтретирање, задевање, депресија и самоубиства, па сето тоа навистина надвиснува над нив и на некој начин и ги осудува уште од самиот почеток. Ова е една нова приказна. Ова не е трагедија.“

Морис се надева дека ќе објави книга од своето дело и дека ќе лансира големо мултимедијално шоу со кое ќе патува низ САД и светот, покажувајќи го новото лице на младите ЛГБТ поединци. Децата кои учествувале во нејзината програма се фотографирани со дозвола од нивните родители. Нејзината крајна цел е основање фондација за собирање пари со кои на децата кои живеат во полоши финансиски услови, ќе им биде овозможено да го посетат кампот. Таа се надева и дека ќе го дополни проектот со уште една димензија, преку создавање повеќе портрети и документирајќи ја транзицијата која децата ја доживуваат по пристигнувањето во кампот.

„Навистина би сакала да ги следам децата додека растат и да видам какви видови односи ќе развијат. Сакам да бидам сведок на еволуцијата, знаејќи од каде започнале, да видам како ќе се одвива понатаму нивниот живот – се надевам среќно – и верувам дека тие ќе имаат полесен премин во животот на возрасните во споредба со генерацијата пред нив“, вели Морис.




Извор: Slate

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото