Неуспехот на елитите

12.08.2013 10:16
Неуспехот на елитите

Неодамна во некои значајни европски весници Волфганг Шојбле објави статија под наслов „Не сакаме германска Европа“ за да го побие тврдењето дека Германија посакува водечка улога во Европската унија. Заедно со германската министерка за труд, Шојбле е последниот „Европеец“ од западноевропски тип во кабинетот на Ангела Меркел. Тој е сè освен ревизионист кој има намера да ги пресече сите врски на Германија со Европа, и со тоа да ги сруши темелите на повоена Европа.Тој е свесен за проблемот што би можел повторно да се актуелизира, од кој сите Германци би требало да стравуваат.

По формирањето на царството во 1871 година, Германија имаше фатална, донекаде хегемониска позиција во Европа, која најдобро ја опишуваат зборовите на Лудвиг Дехиос: „преслаба за да владее со неа, а пресилна за да се интегрира во неа“.Сето тоа го трасираше патот кон XX век. Благодарение на успехот на европското обединување, ниту поделена, а подоцна ниту обединета Германија не можеше повторно да падне во истото искушение. Во нејзин најголем интерес е ништо да не се промени во овој поглед. Но, нели ситуацијата се промени?

Волфганг Шојбле реагира на моменталната опасност. Токму тој е оној кој го тера тврдиот курс на Меркел, создавајќи пукнатини кои се закана за европското јадро. Тој е оној кој во клубот на министрите на еврозоната се противи на барањата на „земјите примачи“ за промена на политиката. Најновиот пример е спречувањето на појавата на банкарска унија, која требаше да направи со заеднички трошок да се ликвидираат банките.

Шојбле не отстапува ни за јота од канцелариските упатства дека германските граѓани смеат да се оптоварат само со кредитни гаранции кои финансискиот пазар секогаш ги бара, а заради отворените пријателства на „политиката на спасување“ и редовно ги добива. Инсистирањето на овој курс секако ја вклучува помошта и на грчките мали и средни претпријатија од 100 милиони евра, кои неодамна богатиот вујко од Берлин ѝ ги подари на својата намачена роднина од Атина.

Факт е дека Ангела Меркел на Франција и на „земјите од југ“ им наметнува спорна кризна политика, додека со купување еврообврзници Европската централна банка ѝ пружа неопходна поддршка. Истовремено Германија ја негира одговорноста за катастрофалните последици, која таа ги презема со - како молам? - потполно нормална хегемониска улога. Да помислиме само на грозната невработеност на младите на југот на Европа, како една од последиците на претурање на товарот на штедењето на најслабите алки на нашето општество.



Во овој контекст пораката „Не сакаме германска Европа“ не изгледа баш најдобро.Формално гледано, одлуките на Европскиот совет се носат едногласно. Меѓутоа, Ангела Меркел како само еден од 28-те членови на овој совет, непоколебливо ги застапува националните интереси, или она што таа го смета за национален интерес. Од својата доминантна економска позиција Германија извлекува корист сè додека европските партнери не се посомневаат во германската приврзаност кон Европа. Така и статијата на Шојбле, барем така ми изгледа мене - е само одговор на незадоволството на другите земји членки на ЕУ, што е предизвикано со двојната игра на германската влада.

Наспроти ставот на Франција и земјите во криза, сè повеќе изолираната германската влада во име на наводниот пазарен императив, форсира строга политика на штедење. И покрај фактите, таа смета дека државите членки на еврозоната можат сами да одлучуваат за своите буџетски и економски политики, а во случај на нужда со помош на кредитите од „фондовите за спас“ би требало сами да се „модернизираат“ и да ја направат својата држава и економија поконкурентна.

Оваа фикција на суверенитет е удобна позиција за Германија, зашто со тоа како посилен партнер е поштедена од негативните ефекти кои заради нејзината политика ги трпат послабите членки на ЕУ. Марио Драги, уште пред неколку години предупредуваше: „не е легитимно, а уште помалку економски одржливо, кога економската политика на една земја ја загрозува целата монетарна унија“.

Постојано мора да повторуваме: субоптималните услови под кои денес функционира еврозоната, се последица на непотполната политичка унија. Затоа решението не лежи во тоа да се префрлат проблемите на грбот на државата во криза. Со октроираната политика на штедење не можат да се елиминира економската нерамнотежа во еврозоната. Отстранувањето, или барем ублажувањето на овие разлики, на среден рок би можело да донесе усогласена фискална, монетарна и социјална политика. За да се избегне опасноста овој пат да нè однесе во некој вид технократија, мораме да ги прашаме граѓаните што мислат за демократското јадро на Европа. Волфанг Шојбле тоа многу добро го знае.



Европската политика падна во стапицата која Клаус Офе беспоштедно ја илустрираше: „ако не сакаме да се откажеме од монетарната унија, институционалната реформа, за која повторно треба одредено време, од една страна е непходна, а од друга непопуларна“. Затоа политичарите кои се надеваат на реизбор, овој проблем го буткаат под тепих. Во процепот, пред сè, е германската влада која со своето дејствување одамна ја презеде одговорноста за цела Европа. Таа е и единствена која може да даде поттик за одлучен чекор напред, за кој мора да ја добие и поддршката од Франција. Не се во прашање ситници, туку проект во кој повеќе од половина век, најголемите европски државници ја вложуваа сета своја сила.

Од друга страна, што значи „непопуларно“? Кога некое политичко решение е неразумно, треба да биде поддржано од демократските гласачи. А кога ако не пред претстојните парламентарни избори? Сè друго е одобрување и забошотување. Потценувањето на гласачот секогаш било грешка, и ќе го сметам за историски неуспех на политичките елити во Германија ако и понатаму продолжат да ги затвораат очите, и да се однесуваат како сè да е во ред, и ако кусогледото ценкање околу малите букви во договорот го претставуваат како одговор на сите проблеми.

Наместо тоа, тие треба да ја кажат вистината пред вознемирените граѓани, пред кои до сега не е изнесено ниту едно важно прашање. Мораат офанзивно да водат неизбежна поларизаторска расправа за алтернативите, од кои ниедна не е бесплатна. Тие, исто така, не смеат да молчат за негативните последици од прераспределбата која „земјите даватели“ во свој долгорочен интерес, на краток и среден рок мораат да ја прифатат како едиснтвено конструктивно решение за кризата.



Го знаеме одговорот на Ангела Меркел - смирувачко избегнување. Изгледа дека во нејзината официјална појава, недостасува секаква нормативна суштина. Од избивањето на грчката криза во мај 2010, и изгубените покраински избори во Северна Рајна и Вестфалија, таа на секој чекор се приклонува кон опортунизмот за да остане на власт. Мудрата канцеларка од тогаш се провлекува со јасен став, но лишен од суштина. И за време на нејзиниот втор мандат, таа се трудеше да го поштеди Бундестагот од секаква контроверзна тема, а за внимателно отстранетата европска политика не треба ни да се трошат зборови. Таа знае да го одреди дневниот ред, бидејќи опозицијата се плаши дека кога би инсистирала на европски теми би била столчена со чеканот на „должничката унија“. И тоа од луѓе кои повторуваат сè како папагали, кога воопшто имаат што да кажат.

Европа се наоѓа во вонредна состојба, а политичката моќ им припаѓа на оние кои одлучуваат за тоа за кои теми ќе се расправа во јавноста. Германија не стои на крајот од амбисот, туку се втурнува во него.

Неуспех на елитите? Секоја демократска земја има политичари какви што заслужува. А да се очекува од избраните политичари однесување кое е различно од рутинското, е навистина нешто невообичаено. Среќен сум што од 1945 година живеам во земја на која не ѝ требаат херои. Не верувам во реченицата дека личностите ја создаваат историјата, во секој случај, не во потполност. Знам само дека постојат вонредни ситуации во кои моќта на перцепцијата и имагинацијата, храброста и спремноста на поединците за преземење на одговорност, е тоа што ја прави разликата.

Извор: Spiegel
Слики: Marcelo del Pozo

ОкоБоли главаВицФото