Во крчмата на животот

12.08.2013 14:30
Во крчмата на животот

Наместо театарска рецензија, овој текст ќе се обиде само делумно да нагласи некои естетски и социо-културни одредници на претставата Подемот и падот на кабарето, во режија и драматуршка подготовка на Владимир Милчин, која имаше своја праизведба во МНТ на 29.06.2013.

Подемот и падот на кабарето
е репрезентативен театарски, естетски но и политички акт на постдрамскиот тетатар. Станува збор за драматуршка и режисерска бравура која почива на детално, посветено истражување, но и живеење на естетскиот сценски апаратус како парче од историскиот, општествениот, идеолошкиот и државниот апаратус.

Подемот и падот на кабарето во режија и драматуршка обработка на Владимир Милчин е претстава на перформативна (авто)рефлексија, која воспоставува папочна врвца помеѓу епското и лирското, преку која тие заемно се хранат, надополнуваат, критички преиспитувајќи го копнежот по слободата на секој еден во заробената, омеѓената заедница.

Феноменот на кабарето бара опсежна елаборација. Оттаму, Подемот и падот на кабарето може да се нарече храбар уметнички, социо-културен и политички отклон во македонската театарска и изведбена историја – во враменото време од два и пол часа, Владимир Милчин го прави речиси невозможното, создавајќи до детали разработено и изведено авторско експозе на една обемна, прецизна, консеквентна, провокативна, интелектуално и емотивно мобилизирачка, катарзична, брилијантно фокусирана и сконцентрирана на вертикалната, ‘рбетната тема (слободата, индивидуалната и колективната драма и одговорност) претстава.


Во сиот раскош на конкретни релации, симболи, знаци, мизансцен, конфликтни дејствија и слоевити ликови, со алатките на кабаретскиот феномен, но и со алатките и предзнаците карактеристични за постдрамскиот театар (богата, но фрагментирана јазична структура, дисбаланс на очекуваната епска синтакса во лирски моќен сликовит јазик...), Милчин создава режисерска, авторска, историска и теориска елаборација не само на хронологијата и мотивацијата за постоењето на кабарето туку и на својата визија за она што треба да значи естетски и политички ангажиран театар.

Оваа претстава е лабораторија во која се истражува не само потеклото на овој перформативен феномен, туку, пред сè, неговата иманентна, длабока поврзаност со талкачките идентитети и животи во актуелниот политички контекст. Токму затоа, овој проект на Владимир Милчин може да се смета за подвиг преку кој со најрафинирани знаења на поетиката на театарот се исцртува моќна естетска и политичка рамка низ јазикот, движењето, говорната и мизансценската структура. Авторот/режисерот јасно се застапува за уметноста, за естетското како интегрален дел од политичкото. Тој, во време кога кај нас постои ретроградна тенденција на елитизација, мистификација и затворање на концептот на уметничките практики во однос на поширокиот социо-културен контекст, покажува дека тетатарот е отворено дело, дека животот е сцена, и дека сцената е токму она место каде што животот со сета негова конфузија, болка, осама, политичка ранливост може да се артикулира и сконцентрирано да се согледа.

Подемот и падот на кабарето покажува дека дека постои длабоко проникнување на најважните, онтолошки прашања и запрашаности на човекот кој копнее по слободата, кој збунето ги меша низ лонецот на неговото омилено мени мирудиите на слободата, правдата, љубовта, автономијата, личниот императив и припаѓањето на/во колективот.
Богата, слоевита, комплексна и конзистентна во својата драматуршка обработка (Милчин користи спектар на репрезентативни текстови и стихови на споменатите теми од Артур Шницлер, Лудвик Тома...), Подемот и падот на кабарето станува лабораторија каде има истражување на јасни стратегии на конципираните и одиграните улоги како општествени појави, односно, каде што режисерот/авторот јасно ја поврзува уметничката со социо-културната изведбеност. Милчин, на начинот на кој ги поставува сите театарски аспекти во циркуларното сценско простор/време, прави двонасочно истражување на релација општество - театар: тој отвора сериозна „дебата“ за театрализацијата на општеството и за доживувањето на театарот како облик на општествена организација.


Отсекогаш една од главните поетики на режисерот, драматургот, педагогот Владимир Милчин бил интелектуално-сценскиот експеримент, со прецизни смерници, налик на оние на Аугосто Боал, кои создаваат од театарот агора за критички разговор помеѓу она што се случува на сцената, публиката и она што се одвива вон затворената театарска кутија. Тој не ни дозволува театарот да го согледуваме како изолиран исечок од општественото и политичкото. Напротив, неговата поетика создава театар кој е витален орган на цел еден стварен живот во една општествена рамка во која постои запрашаноста за вечните човекови интимни егзистенцијалистички бездни, но и во кој се поттикнува спектаторот да го вклучи алармот за својата одговорност во заедницата.

Она што можеби за мене претставува најголема вредност на режисерскиот/авторскиот концепт на Владимир Милчин е извонредниот успех во поврзувањето на кабарето со играта на сонот и копнежот. Овој процес се одвива преку сложеното користење на текстовите кои служат како драматуршка база, а со кои се создава нов стил кој има улога на телеграфска прецизност, преку своевидна раскршена синтакса, поткопување на очекуваната единствена перспектива во логиката на човековото дејствување (Милчин нуди цел спектар на „улоги“, кои човекот ги презема и игра во текот на својот живот во „кафеаната“ наречена општество.)

Постдрамскиот театар на Владимир Милчин упатува на тоа дека уметноста може да се концептуализира на начин кој нема да пружи репрезентација, туку непосредно, интендирано искуство на „реалното“ (време, простор, тело). Милчин создава културолошки перформанс во кој има едновремена концентрација на Брехтовата дистанца и рационалност, но и на нужната внатрешна дистанца, воспоставена преку кабаретските или, доколку сакаме да бидеме попрецизни, брехтијански сонгови, кои како хорот во античката трагедија, се гласот на вистината и на најкомплексните значења за и на колективот.


Во основното функционално начело на театарот постои битка, конфликт, отпор, одбивање на фикционализираниот простор како единствен. Фикцијата и раните нанесени од референците на стварноста се водат рака под рака. Владимир Милчин ни го подарува токму ваквото функционално значење на театарот потсетувајќи нè каква тежина и одговорност носи со себе театарското творештво.

Во овој текст кој се задржува само на некои аспекти од режисерската поетика на Владимир Милчин, неправедно ќе бидат изоставени останатите интегрални чинители на претставата Подемот и падот на кабарето, без кои таа не би била искуство какво што е. Тие заслужуваат посебна анализа. Сценографијата, костимите, сонговите и брилијантното актерско мајсторство на 22-члената актерска екипа создаваат тоталитет и тоналитет кој ви дозволува да ги почувствувате сите историски аспекти на кабарето, но и сите актуелни референци на мигот.

Брилијантната сценографија на Крсте Џидров, која е обликувана со параметрите на цитатноста на едно време, но контекстуализирана во виолинскиот клуч на моќната порака на сегашното и некое идно апокалиптично собитие, создава совршен баланс на визуелната полност, историските судири и слоеви вкрстени проникнувачки со просторот на содржината, мизансценските и актерските потреби, кои се плод на комплексната, експлозивна и имплозивна визија на режисерот.


Костимографските решенија на Марија Пупучевска говорат еднакво како и јазикот - богатство со ентропична природа, како што прилега на политичкиот феномен на кабарето. Актерите режисерот во исклучително комплицираната драматуршка структура ги претвора во мноштво, во едно треперливо но моќно тело, во кое јасно е исцртан секој подем и пад.Оваа претстава ни покажува дека македонското глумиште, вкрстено во три генерации актери, создало нешто што се забележува како примарен актерски квалитет - тоа се актери кои владеат и прецизно го ползуваат целокупниот говорен и телесен апаратус. Актери кои испорачуваат и ве вовлекуваат целосно во исклучително моќната приказна за стравовите интимни и колективни, за политичката конфузија, и на интимно и на колективно рамниште, за читањето на слободата, и на интимно и на колективно рамниште. Подемот и падот на кабарето е театар со сите референци на поетиката на театарот кои одамна исчезнаа од нашите сцени.

Доколку сакате да се најдете во сонот и копнежот на театарската уметност, а притоа да бидете длабоко вкотвени во општествената, политичката стварност прочитана низ диоптријата на уметникот, на отворениот сензибилитет кој секогаш гледа во времето идно преку времето минато и времето сегашно (Т.С. Елиот), тогаш е неминовно да соберете храброст и да се соочите со авторското кредо на Владимир Милчин, кој со својот комплексен ракопис и потпис на уметник, остар и софистициран критички промислувач на сценската и на општествената јама ја води целата екипа низ тунелите и лавиринтите на историјата на кабарето, но и на интимната историја на одговорноста да се биде (о)слободен од прангите на наметнатите улоги во заедницата, во „општествената кафеана“.

Фотографии: Кире Галевски