Приказни за името, грешките и непријателството

13.08.2013 14:14
Приказни за името, грешките и непријателството

„Единствениот Сото во градов сум јас“

Својата приказна „Југ“ Борхес ја завршува на фасцинантен начин кој, па, за Македонците што читаат може дополнително да биде морничав (а морничав е, многу, и без македонското прашање!) заради темата - драматичното прашање на името. Оваа случка која зборува за драматичноста на името Борхес во една пригода му ја раскажал и на Алберто Мангал. Расправајќи, значи, за „култот на храброста“, како што го нарекувал кодексот на однесувањето на уличните кавгаџии во Буенос Аирес на преминот меѓу 19-иот и 20-иот век, Борхес се потсетил дека некојси Сото, професионален боксер, од кафеџијата слушнал дека во градот дошол уште еден човек со истото име. Случајот сакал вториот Сото да биде кротител на лавови, член на патувачки циркус кој дошол во тие краишта за да одржи претстава. Сото влегол во кафеаната каде што се наоѓал и кротителот на лавови и го запрашал како се вика. „Сото“, одговорил кротителот на лавовите. „Единствениот Сото во градов сум јас“, рекол боксерот, „и затоа земи нож и излези надвор“. Престрашениот кротител на лавови немал друго освен да прифати да биде убиен поради кодексот за којшто ништо не знаел.


Прецртаното име на непријателот

Мангал раскажува и една друга случка со Борхес, пак поврзана со прашањето на името. Борхес зборувал за омразениот политичар и диктатор Хуан Перон (патем, политиката Борхес ја дефинира како „најјадна од сите човечки активности“), но се обидувал да не му го изговори името. Притоа раскажал дека слушнал дека во Израел, кога некој испробува ново наливперо, наместо да го напише своето име, го пишува името на древниот непријател на Евреите, Амалек, а потоа го прецртува, илјадници години по судирот. Борхес му рекол на Мангал дека и во иднина ќе го прецртува името на Перон, секогаш кога ќе му се укаже можност.

 

Архитектонски натпревар

Во почетокот на 18 век Французите и Англичаните воделе една од нивните многубројни меѓусебни војни. Во престолнините на државите, Париз и Лондон, војната толку не се чувствувала и повеќе се водела на психолошки и пропаганден план. И францускиот крал, Луј XIV, „Кралот Сонце“, и англискиот Џорџ I, се однесувале како победници, делејќи одликувања и медали. И Париз и Лондон во тие години доживувале градежен бум, бидејќи владетелите се натпреварувале во тоа чија престолнина ќе биде поголема културна и политичка метропола. Луј XIV за себе го подигнал новиот дворец Тиљерие. Џорџ I немал намера да гради уште еден дворец, меѓу многуте, но добил друга идеја: кога во Лондон почнала да се гради една од првите лудници на светот, Бедлем, англискиот крал добил идеја зградата да заличи на Тиљерие. Како што Џорџ замислил така работниците спровеле - лудницата била намалена копија на францускиот нов дворец. Кога низ Европа се раширил гласот за архитектонската иронија, Луј се изнервирал и смислил како да ја возврати психолошката шлаканица. Наредил покрај новиот дворец да се изгради куќа, „онаа кајшто и царот оди пеш“, која ќе биде копија на Сент Џејмс, дворецот на англиските кралеви. Како што Луј намислил, така било направено.

Келтите со тоа немаат ништо

„На Келтите помалку од на било кој друг праисториски народ, можат да им се припишат тие гигантски градби. Лимфатичниот темперамент, недостигот на енергија во нивните крупни тела коишто не можеле да поднесат сериозни напори, конечно нивната аверзија спрема долгорочната работа докази се за неможноста тие кога било да подигнале и најмалецок менхир, да изградат барем еден долмен... Почитта и честа, кои ги изискуваат овие макотрпни дела, мегалитскиве споменици треба да ѝ ја дадат на енергичната и упорна лигурска раса, на тие ситни и жилави тела и на нивниот непоколеблив и тврдоглав карактер.“
Барон Роже де Белог, Галската етнологија, 1872

 

Индијанци

Името на цел еден народ (поточно: голема и разновидна група племиња од една раса) добиено е - по грешка. Пражителите на Америка ги именуваме како Индијанци, иако тие немаат никаква врска со Индија, од чиешто име е изведен зборот Индијанец. За погрешното именување на Индијанците една од причините е и што Земјата е тркалезна.

Патувајќи со своите бродови на запад Колумбо на 12 октомври 1492 година стигнал до брегот на Америка, без да знае дека стапнувајќи на тлото на бахамскиот остров Гванахани (подоцна наречен Сан Салвадор), открил нов континент. Мислел, всушност, дека стигнал во Индија, па тамошните жители, кои подоцна ги сретнал, ги нарекол Индијанци. Со тоа уверување Колумбо и умрел, иако уште три пати патувал во Новиот свет (1493, 1498 и 1502). Неговата заблуда ја воочил друг голем истражувач, Америго Веспучи, по кого новооткриениот континент го добил името Америка. Но, називот за пражителите на тој континент си останал, сè до денес - Индијанци.

Кенгур

Кога славниот англиски морепловец Џејмс Кук, познат и како Капетанот Кук, во 1770 година стигнал на источниот брег на Австралија, здогледал необично животно. Скокало потпирајќи се само на задните нозе, а во отворот на стомакот, како во некоја торба, било сместено младунчето. Капетанот Кук, иако бил насекаде, од Аљаска до Хаваите, дотогаш немал видено такво чудно животно. Затоа им наредил на морнарите да му доведат еден домородец, абориџин. Кога преплашениот Австралијанец стигнал во придружба на морнарите, Кук покажал со рака во правец на кенгурот и на англиски јазик запрашал:

-Како се вика животното?

Збунетиот домородец одговорил:

-Кенгуру.

На неговиот јазик тоа значело: „Не те разбирам.“ Домородците, инаку, кенгурот го викале валаби или валару.

Капетанот Кук не го знаел јазикот на австралиските племиња, па во својот истражувачки дневник запишал дека открил ново животно коешто домородците го нарекуваат - кенгуру.

Слики: Adhika Rahmani

Сроден текст: Приказни за името, симболите и историјата