Кон градот и кон споменот

15.08.2013 09:16
Кон градот и кон споменот

Еден град што сè уште не постои се привсенува веќе во воздухот, стои, измешан со измаглината на ноември, врз покривите на вистинскиот град. Одите по улицата и се сеќавате: тука раката на невидливиот урбанист повлекла линија, отворила некои нови гледници, ги населила со идните девојки идните балкони на идните куќи. Одите и се чувствувате како оној друг крај на шестарот, незацврстен, исполнет со танок шилец на графитот, кој кружи врз белата, цврста хартија. По аглите и крстопатите стојат, невидливи но присутни, крукчиња и стрелки: мали ружи од туш и од лесно перо што ќе процутат утре.

Во халата на Саемот врз макетите на градот стојат гимназисти, љубовни двојки, пензионери. Пред нивните очи се одигрува чудо: градот ги менува своите облици. Меѓу улиците и куќите што постојат се вселуваат непостоечки но сепак присутни куќи и улици. Како за овој град да се однесуваат, изречени за еден друг град, зборовите на Виктор Шкловски: „Во самиот облик на градот содржана е историјата - сменување на формите при нивно едновремено постоење“.

Градот и тука, на макетата, како и во стварноста, го менува својот правец на ширење, правец на движење. Одеднаш неговата ружа се издолжува во правец исток-запад, поклопувајќи се со неговата ружа на ветровите, следејќи ги бреговите на реката, ритамот на патиштата. Градот се ослободува од својата крута, премногу здржана, неслободна оска: Станица - Чаршија. Историјата тука е присутна повеќе отколку што можеме да претпоставиме на прв поглед: Главната улица е пробиена, некаде во првите години на нашиот век, поради посетата на Султан Мехмед Решад V, според системот на Потемкиновите села, а пред сè поради поголемата сигурност на султанот. Дотогашната Главна улица - која денес се вика Генерал Темпо - била премногу тесна за низ неа без опасност да може да мине помпезната врволица на пајтони, онаква каква што е забележена на треперливите и несигурни филмови на Милтон Манаки. Се разбира, тоа како да нема никаква врска со придружбата на султанот и со филмовите на Манаки, но таа бивша Главна улица сè до денес е запоседната со фотографски дуќани во кои се сликаат војници и вљубени двојки од провинција. Во линијата на градот стои историјата, незабележлива понекогаш.


Некои детали од макетата на урбанистичкиот план одеднаш возбудуваат. Оние скали, на макетата на Кензо Танге, на пример, што слегуваат од двете страни на плоштадот кон Камениот мост. Скали и вода: во тоа има нешто медитеранско, нешто од она што овој град го поседувал некогаш, кога преку грпката на Мостот преминувале карвани камили. Или онаа извонредно среќна идеја: поставување на сите театри покрај реката. Не само заради нас, денешните, кои при одењето во нив, преминувајќи ја реката, ќе се сеќаваме на некогашниот Дрвен мост, однесен од поплавата, кој беше секогаш разбоздисан и изабен, нишан од ударите на реката, и во чии процепи меѓу изгниените штици, при одењето на премиерите во некогашниот Народен театар, упаѓаа топуците на нашите придружнички; не само заради нас, денешните: во тој таинствен и збунувачки спој на водата што тече, однесувајќи го времето со својот тек, и театарот, како говор и како судбина, постои една флуидна метафора која допрва треба да биде објаснета.

И некои имиња блеснуваат како симболи: Јужен булевар! Едно ново, возбудливо име кое влегува во овој град како одамна да го барало своето место во него. Или, врз таинствениот идеограм на сообраќајници ќе затрепери името: Јадранска магистрала. Во тој миг одеднаш се чини (не само поради своето можно рационално објаснување) дека градот ќе биде поблиску до морето, до неговиот густ летен сон што толку интензивно последните години го сонува современата македонска поезија.



Додека ја гледам макетата, една девојка - како во расказот на Јуриј Олеша „Коштичка од вишна“ - одеднаш извикува: Еј, таму каде што е нашата куќа ќе биде парк! Во гласот, место тага, избива само весело изненадување.

Се сеќавам на Бодлер: „Обликот на еден град се менува побргу, за жал, од срцето на смртниот човек“.

Верувам, сепак, дека за оваа девојка, за нејзиното срце, во обликот на паркот, во обликот на тој иден парк што сè уште не постои, во зеленилото и во распоредот на клупите на кои ќе седат љубовниците, ќе постои - како што стеблото на вишната израснато од фрлената коштичка ќе цути „во чест на љубовта без заемност“ среде колоси од бетон во расказот на Олеша - секогаш нешто од куќата во која живеела. Како што, впрочем, за пишувачот на овие редови постои, лебдејќи некаде во воздухот, на аголот каде што се сече улицата 29 Ноември со Партизанска, една бакалска продавница запаметена од детството, урната при пробивањето на Партизанска, продавница во која се судруваа, во неговата воздушеста но ненарушлива конструкција, преку сувото грозје и морските оревчиња, преку мирисите на цимет и на ловор, далечните морски патишта и Молучките Острови, арихипелазите, екваторот, Црното Море и ’Ртот на Добрата Надеж.

(декември 1965)

ОкоБоли главаВицФото