Герилско градинарство

15.08.2013 11:35
Герилско градинарство

Во областа на екологијата и одржувањето на јавната околина, сè повеќе се зборува за градските градини, пермакултурата и креативното герилско градинарство. Еден многу актуелен поим е т.н. бомбардирање со семиња (seed bombing), техника спороведувана од страна на герилските градинари.

Бомбардирањето со семиња е техника со која може да се спроведат различни расадувања на одредено подрачје, преку фрлање топки земја кои содржат семе, но често и ѓубриво кое е потребно за растот на билките. И додека ова не е нужно урбана, илегална или активистичка дејност, во самиот поим герилско градинарство е вклучено значењето дека се прави нешто што што и не е законски дозволено. Излегувајќи од рамките на законот, герилското градинарство секогаш пренесува порака, без разлика дали ентузијастите-градинари сакаат позелен и поубав свет околу себе, или пак сметаат дека градинарството преку директните дејства им помага да пренесат политичка порака.



Својот современ облик овие акции го добиле во Њујорк во 1970-те кога Лиз Кристи ја формирала групата „Green Guerillas“, која и денес е активна. Како последица на тогашната криза, многу градски згради останале напуштени, а парцелите биле празни и пусти. За да го раззелени градот, групата започнала да ги фрла преку оградите првите бомби со семиња, кои всушност биле кондоми наполнети со вода, ѓубриво и семињата од локалните диви билки, а поставувале и тегли со зеленило на прозорците на напуштените згради. Од оваа иницијатива настанала и првата градска градина, на раскрсницата помеѓу Huston Street и Bowery, а била регистрирана под името „Bowery Houston Farm and Garden“. Идејата брзо се проширила, луѓето ги присвојувале напуштените земјишта, па денес само во Њујорк има повеќе од 600 градски градини.



Сепак, како политички ангажман, герилското градинарство има многу подолга историја. Уште во 1649 година радикалната политичка група „Diggers“, водена од мислата на Џерард Винстенли дека „вистинската слобода се наоѓа онаму каде што човекот се храни и одржува, во користењето на земјата“ сакала да воспостави реформи во општеството низ преземање на заедничката земја, каде би создала одржливи аграрни заедници.

Токму врската помеѓу човекот и природата, човекот и човекот, денес е во позадината на речиси сите акции на герилското градинарство. Без разлика дали се работи за креативни интервенции во урбаното ткиво на големите градови или за преуредување на градските градини, герилските градинари со своите дејства се залагаат за нови одржливи врски помеѓу градот, природата и човекот.

Извор: Green Guerillas

Слични содржини

Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Екологија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото