Атеистите се поинтелигентни од религиозните луѓе?

16.08.2013 11:44
Атеистите се поинтелегентни од религиозните луѓе?

Историјата памети времиња кога религиозните лидери го користеа врвниот авторитет – Бог – за да ги осудат и отстранат од заедницата оние што ја отфрлиле верата. Во XXI век оние кои сакаат да ја денунцираат религија ја имаат усвоено истата тактика. Највисок орган веќе не е Бог туку - науката. И за жал реториката на науката сега е узурпирана и се претвори во оружје со која морално се осудуваат религиозни луѓе.

Неодамна беше објавена една метаанализа која се повикува на 63 „научни” истражувања кои заклучиле дека верниците се помалку интелигентни од атеистите. Однадвор студијата, насловена како “Врската помеѓу интелигенцијата и религиозноста: метаанализа и некои можни објаснувања”, објавена во списанието „Личноста и социјалната психологија“, ги носи сите обележја на ригорозна научна монографија. Во потрагата по најсоодветен аргумент или инструмент, атеистичката мантра сега е синтагмата “истражувањето покажува”. Сепак, искуството покажува дека односот меѓу “истражувањето покажува” и вистината е исто толку проблематичен колку што на времето (а, и денес – з.м.) беше е и оној помеѓу тврдењето “И Бог рече...” и она што всушност се случило.

Секој што досега се бавел со интелигенцијата на различните групи, знае дека вакви студии се полни со методолошки тешкотии. Интелигенцијата сама по себе е спорен концепт и многу далеку од јасно е што се мери со овие студии. Ставовите кон културните вредности се посредувани преку различни влијанија кои се релациони, со специфичен контекст чие значење се губи доколку се квантифицирани и се сведе на само на бројки. Секој обид да се воспостави причинско-последична врска помеѓу личното убедување и интелигенцијата има голема веројатност да остане само една изнудена апстракција.



Она на што најмногу се повикуваат аналитичарите на овие „научни трудови“ кои се обидуваат да ја докажат тезата дека религиозните се помалку интелигентни од атеистите е дека луѓето поминуваат повеќе време во образование и дека со оглед на тоа дека средните училишта, а особено универзитетите, имаат тенденција да бидат секуларни институции, тие ќе произведуваат пропорционално повеќе атеисти. Секуларизмот и атеизмот се дел од културното сценариото на високото образование. Бидејќи од нив очекува да се приспособат на различни вредности, кај паметните деца кои не одат на универзитет постои поголема веројатност да ја задржат нивната верска припадност. Така, секуларните истражувачи, најверојатно, го откриле она што веќе го претпоставувале како корелација помеѓу нивните вредности и високото ниво на интелигенција.

Како социолог, прашањето што ме интересира е зошто луѓето се зафаќаат со проект кој има за цел да ја утврди врската меѓу интелигенцијата и верското уверување. Сигурно дека повеќето истражувачи не стануваат наутро, и додека си ги мијат забите не си велат „Боже, зар не би било одлично за науката ако откријам дали атеистите се повеќе или помалку интелигентни од религиозни луѓе“. Нашите истражувачки проекти колку што се објективно мотивирани, толку се и субјективни, и тоа е причината зошто толку многу од општествените истражувања се претвораат во застапувачки истражувања.

Не дека истражувачите се нечесни, но и тие страдаат од тенденцијата да се открие она веќе го претпоставуваат. Во денешно време кога религијата се поврзува со застарени верувања, сомнителни традиции, со догма и предрасуди, неизбежно е дека научните авторитети ќе го искористат тоа за да докажат дека религиозните луѓе се глупави. Во таква ситуација, дали е изненадување тоа што самобендисаниот твит на Ричард Докинс, во врска со оваа метаанализа, вели дека интелигенција на атеистите дури и не треба да се доведува во прашање?



Полемичката употреба на науката - наречена сциентизам - нема ништо заедничко со вистинската наука. Сциентизмот го користи авторитетот на науката за да го понижи моралниот статус и нивните практики на групи или поединци врз основа на нивната природна инфериорност. Во XXI век тоа е еквивалентно на краниологијата од XIX, односно на расизам.

За жал мантрата “истражувањето покажува” стана замена за критичката споредба на различни погледи. Девалвирање на интелигенција на вашите противници е исто како она што децата го прават кога се нарекуваат едни со други глупави. Тоа е алиби на кое некој се повикува кога не ги зема аргументите на опонентите сериозно.

Како атеист јас земам за право да кажам дека моите ставови се производ на мојата интелигенција. Како и многу други, јас ја остварувам мојата способност врз основа на мојата морална автономија и на мојот егзистенцијален избор. Верувам дека сум направил интелигентен избор да не веруваам. Но, јас не мислам дека атеизмот може да се изедначи со интелигенција, исто како што не сметам дека религиозноста треба да се поврзува со ступидноста. Зошто? Бидејќи искуството на животот покажува дека во редовите на атеистите има еден добар дел идиоти. Ако се сомневате во моите зборови - започнете истражување со која ќе правите анализа на содржината на нивните твитови поврзани со оваа метаанализа за тоа дека атеистите се попаметни од религиозните.

Извор: The Independant

Френк Фуреди
Д-р Френк Фуреди е редовен професор по социологија на Универзитетот Kент во Кентербери. Неговото потесно поле на специјалност е културата на стравот. Неговите студии ги истражуваат врските помеѓу потсвеста и перцепцијата на стравот.

 

ОкоБоли главаВицФото