1025 hPa
58 %
11 °C
Скопје - Вто, 12.11.2024 12:59
Штети во сообраќајот
Од катастрофалниот земјотрес во Скопје железничкиот, патниот, поштенско-телефонско-телеграфскиот и воздушниот сообраќај претрпеа штета од околу 9 милијарди динари. Сообраќајот претрпе најголеми штети поради целосно уништување на железничката станица, a делум беа разурнати и товарната станица и ложилницата. Во железничката станица беа уништени и најнеопходните уреди за одвивање на сообраќајот, но тоа железничарите не ги збуни. Co импровизирани уреди, некои извлечени од урнатините, за неколку часа службата почна да работи, сместена во неколку патнички коли. Патничкиот сообраќај во тие моменти одигра мошне голема улога организирајќи навреме префрлување на повредените и на семејствата што останаа без покрив, како и на помошта што во тој момент му беше упатена на Скопје од сите страни на нашата земја и од целиот свет. Беа воведени голем број вонредни возови, а исто така се воведоа и вонредни мерки — бесплатно превозување на патници и стока. Во првата недела по земјотресот се префрлени околу 300.000 патници. Набргу се нормализира патничкиот сообраќај, додека товарниот неколку дена беше речиси закрчен од големо количество на неистоварена стока. Меѓуградскиот автобуски сообраќај не претрпе големи штети и тој брзо се активира.
Градскиот сообраќај неколку дена беше во застој поради тоа што улиците не беа расчистени, но наскоро се оспособија 7 градски и сите приградски линии. Градскиот сообраќај воведе специјални линии за Тетово, Куманово и Титов Велес каде што имаше најголем број евакуирани скопјани.
Поштенскиот сообраќај претрпе особено големи штети. И двете поштенски згради настрадаа, а Пошта I беше толку демолирана што неколку стручни лица и една рударска екипа одвај ја задржаа во „вертикална" положба додека да се демонтираат и спасат скапите телекомуникациони уреди што чинат преку 5 милијарди динари. Во тоа особено многу придонесоа група рудари кои деноноќно работеа на потпирањето на Поштата со бандери на рударски начин. За тоа се употребени 500 бандери.
Штети во трговијата, угостителството и занаетчиството
„Не треба да се заборави дека во Скопје трговијата и угостителството беа релативно силно развиени и претставуваа приближно 50% од вкупните активни основни средства, 65% од општествениот производ и над 47% од запослените во оваа област во СРМ" — рече во својот реферат Љупчо Арсов на Седмата вонредна пленарна седница на Главниот одбор на ССРНМ одржана на 17. VIII. во Куманово. Пред несреќата градот располагаше со 676 продавници со 34.270 м2 продажбен простор. За време на земјотресот наполно беа уништени 83 продавници заедно со целокупниот инвентар и стоката која се наоѓаше во нив. Површината од продажбен простор што ја зафаќаа овие продавници изнесуваше 4.100 м". Покрај тоа делум беа оштетени 164 продавници со 14.533 м2, или вкупно уништени и оштетени беа 247 продавници со 18.633 м2. Вкупната штета изнесува 1,5 милијарда динари. Магацинскиот простор, исто така, претрпе значителни штети. Градот располагаше со 49.899 м2. Уништени се 22 магацини со 7.451 м2, а оштетени 42 магацини со 27.924 м2. Според тоа, вкупната површина од магацински простор која во тоа време беше неупотреблива изнесуваше 35.464 м2. Штетата изразена во динари изнесува: 1.773.000.000 динари простории и 600.000.000 динари опрема. Работните простории, канцелариите и другите административни простории за време на несреќата се уништени 80%. Од вкупно 6.321 м2 колку што ги имаше пред 26 јули, наполно се уништени 1.042 м2, а тешко оштетени 4.187 м2, или вкупно 5.229 квадратни метри, во вредност од 340 милиони динари. Вкупната вредност на штетите со уништувањето на продавници, магацини и работно-административни простории изнесува 4.213.000.000 динари. Овде е пресметана и сајмишната хала I чијашто купола и галерија се уништени. Повеќе трговски организации и покрај тоа што претрпеа огромни штети само ден-два пo земјотресот почнаа со работа. Изнесоа тезги под настрешници или шаторски крила и му нудеа разна стока на населението.
Од стихијата угостителството исто така претрпе големи штети. Наполно се урнати хотел-рестораните „Македонија" и „Скопје". Хотел-рестораните „Бристол" и „Москва" се тешко оштетени, додека кај „Турист" и „Јадран" се потребни генерални поправки. Само „Домот на инвалидите" остана неоштетен. Од 19 угостителски објекти што работеа во режија на претпријатието „Метропол" три се наполно уништени, a другите се помалку оштетени. Во „Меркез" од вкупно 34 само 6 објекти беа способни да ја вршат својата дејност веднаш по земјотресот. Другите бараа големи поправки.
За положбата и оштетувањето во занаетчиството другарот Љупчо Арсов, во споменатиот реферат, рече: „Во Скопје имаше 1622 занаетчиски организации со околу 6.500 запослени во општествениот сектор, или околу 29% од вкупно запослените во занаетчиството во Македонија. Занаетчиството учествуваше во општествениот сектор со околу 70% и тоа заземаше доминантно место во Републиката". Занаетчиството во општествениот сектор беше главно металопреработувачко, електротехничко, водоинсталатерско и друго од значење за градежната оператива, за одржување погони во индустријата и во станбениот фонд. Индивидуални занаетчии имаше 1.230 и тие беа ориентирани кон обезбедување услуги за низа непосредни потреби на секој поединец. Од скопското занаетчиство остана само пустелија. Сите работни простории, магацини и др. се уништени или неупотребливи за долг период. Се смета дека скопското занаетчиство настрада 90%. Голем број самостојни занаетчии останаа на улица, дури некои и без средства за егзистенција. Се презедоа мерки за згрижување и вклучување во работа на сите занаетчии.
(продолжува)