Театарот како коридор за културна промена

16.08.2013 13:14
Театарот како коридор за културна промена

Зошто театарот во Македoнија стреми кон елитизација, банализација, испразна помпезност, надворешни ефекти, отсуство на значења и недостиг на критички дух потврден преку естетски современи кодови? Дали станува збор за генералниот тренд во културното и уметничкото творештво кај нас, кој пропагира спектакл, декоративност без продлабочена социјална семантика? Од каде конфузијата во однос на тоа што треба да претставува театaрот, која е неговата улога во општеството и како тој се вткајува во социо-културниот контекст? Каков театар ни е потребен во овие скудни времиња? Ова се само дел од прашањата кои во последниве неколку години се покренуваат имајќи го на ум расчекорот што се случува во рамки на театарската продукција и иницијатива во Македонија, споредбено сопоставена со она што се основните поетички начела на театарот поставени од дамнина и трансформирани во содружништво со развојот на филозофските, социолошките и културолошките парадигми низ вековите, а особено во втората половина на дваесеттиот и почетокот на дваесет и првиот век.

Изведбеноста во Македонија е сериозно загрозена и како сценско-драматуршки чин но и како политички перформатив кој треба да биде во разговор со социо-културниот простор. Таа не ја извршува својата функција на огледало, но и на место на отпорот во однос на слоевитиот општествен калабалак.

Се чини дека во Македонија веќе подолго време постои застој во развојот во театарската уметност (и во перформативниот дел но и во драмското творештво) заради изместените параметри во толкувањето на она што театарот (имајќи ја на ум историјата на театарот) треба да е, и она што се наметнува како негов функционален императив.
Овде, културата и уметноста, па следствено и театарот како најструктуриран и најкомплексен аспект во уметничките практики, се прифаќаат и се практикуваат со предзнакот „елитно“. Тоа е парадокс по себе, особено имајќи го на ум мотивот за појавата на театарската уметност – имено, театарот се појавува за да ја искомуницира и искоментира општетсвената, политичката, историската реалност и за да понуди рефлексија за некоја можна, нова реалност, за да го претстави сеопфатното, повеќеслојното и повеќезначното лице на светот и на релациите во него. Како што рече големиот Антонен Арто, театарот мора да биде двојник на светот, но двојник со кој светот ничкум, наопаку ќе се преврти.


Тој е клучниот коректив и длабоката совест на контекстот во кој се појавува. А за да ја извршува таквата своја функција, за која Аристотел велеше дека претставува единство на просторот, времето и местото во кое единство, преку сплет на собитија и интензивни дејствија се доживува катарза, прочистување, разбистрување на перспективите, светогледите, хоризонтите, потребен е интензивен, динамичен мислечки апаратус кој преку актерот и режисерот ќе го исполни тој „празен простор“ на секојдневието со осознавачки дух.

Она што најмалку му е потребно на театарот за тој да ја изврши својата општествена и естетска функција е кадифе, срма и злато, или пак згради-споменици кои ќе талкаат низ внатрешната организациска структура и ќе создаваат поданичка репертоарна политика – никако не смееме да дозволиме театарот да ја добие онаа своја 17-то вековна изманипулирана улога на симбол на моќта на владетелот и слугувањето на авторот.

Оние кои го создаваат театарот мора жестоко да се спротивстават на секој обид за ваков насилен упад во неговата сушност. Театарот треба и мора да биде во дијалог, отворен, ослободен од какво било дејствување управувано по диктат на центрите на моќ.

Постојат неколку одредници клучни за суштината на театарот:

1. Театарот, пред сè, треба да претставува критика, субверзија, прекин со доминантните модели на естетското, уметничкото, егзистенцијалното и политичкото.

2. Театарот е континуиран експеримент, битка, отпор, стимулација.


Помеѓу сцената и светот мора да постојат коридори, исчекори, капии низ кои ние ќе минуваме поттикнати и спремни да ја препознаеме нужноста од културната промена.

Во време кога може со сигурност и загриженост да се констатира дека постои криза на вистината, токму театарот мора да стане знаменосец на исчезнатата, речиси утописка идеја за вистинољубие.

Се вели дека сиромаштијата е еден од аргументите за скудниот, непоттикнувачки театар. Но, Гротовски, таткото на експерименталниот и алтернативен театар вели нешто сосема спротивно. Тој тврди дека театарот треба да отфрли сè освен актерот и неговото тело. Театарот треба да располага со „хумани инструменти и неограничено време“. Според него, театарот треба да биде во моќно и одговорно проникнување со значењата на стварноста и општеството. А за да го стори тоа не му се потребни раскошни згради, пари, светкави и блескави салони, златни балкони, скапи костими и сценографија туку напорна работа, дисциплина, прецизност.

Нам ни е потребен „посветен театар“. „Посветениот театар“, како што го нарекува еден од најголемите режисери на дваесеттиот век, Питер Брук, е театар во кој невидливото ќе стане видливо. Длабоко сме свесни дека најголемиот дел од животот им се измолкнува на нашите сетила. И токму театарот е оној јавен простор кој треба да ни го подари измолкнатото, невидливото. Но тоа нема да го стори преку елитизација, раскош на надворешни ефекти, кои само дополнително ќе ја зајакнат илузијата без да отворат пат за соочувачката битка со неугодното во културата. Бидејќи на театарот не смее да му е цел самиот театар. Целта му е преку естетизација на стварноста и на политичкото да се осветлат најтемните думани на животот и преку болното соочување со порозноста на светот, да се пресоздаде истиот.


Конечниот ефект на театарот би требало да биде повеќе суров, анархоидно етички отколку бесмислено естетски. Се разбира, потребата од експеримент, од радикални нови форми на комуникација со стварноста никогаш не треба да исчезне. Но театарот, сосема спротивно од она што се подразбира кај нас, има задача да биде во спрега со „официјалната култура“, со догматските системи на вредности, да има полемички rasion d’être, виталност, непокорност.

Театарот мора себеси да се согледа како алтернатива и авангарда во уметничкото и политичкото промислување на светот. Тој мора да ги најде начините на кои ќе проговори за сето она за кое индивидуата или толпата молчи.
На некој начин, театарот треба да претставува манифест за иднините сништа на општеството.

Токму затоа сметам дека е нужно што поскоро театарските уметници во Македонија да осознаат дека можат и треба да направат, па да ги понесат одговорноста и бремето на времето, создавајќи едноставен, но моќен театар – театар кој ќе биде посветен, соголен, но достоен да ги понесе парадигмите на фантазматското, на илузијата која ќе биде директен атрибут на промената и на критичкиот дух во општеството. Едноставно, театар кој ќе биде место на отпорот.