Власта прави Македонија да биде меѓу најмрзливите држави во светот

19.08.2013 09:30
Власта прави Македонија да биде меѓу најмрзливите држави во светот

Македонија - земја на невработени или на мрзливи

Со серија манипулации и отежнување на условите, во Македонија станува сѐ потешко или сѐ побескорисно човек да се пријавува како невработен во Агенцијата за вработување на РМ. Па, така, од февруари 2011 година, кога бројката на пријавени невработени изнесуваше 323.947, таа денеска изнесува 223.739. Но, ни ова не е сѐ. Од оваа бројка, само 96.999 се бројат како лица кои активно бараат работа.

Власта, откако се појавија овие бројки, упорно инсистира дека во земјава всушност само „околу 100.000 лица бараат работа“, наместо 284.823, колку што бројот на невработени изнесува според Државниот завод за статистика.

Само за појаснување. Невработеноста се мери на два начини. Еден е според бројот на пријавени невработени во Агенцијата на вработување, а вториот е според кварталната анкета на Државниот завод за статистика.

СТАТУСОТ НЕВРАБОТЕН СТАНА ПРИВИЛЕГИЈА

Со новите манипулации бројките на овие две институции од пред две, две и пол години почнаа драматично да се разликуваат, иако претходно беа на слично ниво. Сега државната статистика брои 284.823 невработени, додека во АВРМ се пријавени 223.739 лица од кои како фактички невработени кои активно бараат работа се бројат само 96.999 лица.

Бројката во АВРМ почна да паѓа откако државата воведе серија измени во законите. Како прво, таа направи пријавувањето во Агенцијата да не биде предуслов за добивање сини картони за здравствено осигурување, па почна да ги тера невработените наместо еднаш во четири месеци да се пријавуваат на секои два, па на секој еден месец. Потоа, невработените беа поделени на две групи - оние кои активно бараат работа и кои мораат да се пријавуваат секој месец и оние кои пасивно бараат работа и кои треба да се пријавуваат само еднаш во 6 месеци. Потоа, заострена е казнената политика, па така ако задоцните само еден ден со пријавувањето автоматски бивате избришани од евиденција без право на пријавување од една година и друго. Сето ова влијаеше бројот на лицата што се пријавуваат во АВРМ драматично да падне, но во анкетата на државната статистика овој пад е далеку помал и изнесува само само 30-40.000 лица, односно исто онолку колку што власта во изминатиов период вработуваше во администрацијата и јавните претпријатија преку партиски вработувања.

Но, ако се инсистира на тоа само овие 96.999 лица што активно бараат работа да се бројат како невработени, тогаш ова предизвикува друг проблем. А, тоа е дека нивото на работата сила во Македонија ќе биде меѓу најниските во Европа, што значи дека ќе бидеме меѓу најмрзливите земји во Европа, но и во светот. Имено, исто како што светските медиуми објавуваат написи за тоа каква е состојбата со невработеноста на глобално ниво, тие објавуваат и написи за тоа каде најмногу и каде најмалку се работи.

ИЛИ ГОЛЕМА НЕВРАБОТЕНОСТ ИЛИ ГОЛЕМА МРЗЛИВОСТ

Што претставува работната сила? Таа е процент од вкупното население на возраст над 15 години, кое е или вработено или бара работа.

Па, така, според последните податоци на Државниот завод за статистика, на вкупно население од 1.708.602 жители над 15 години, 953.780 ја сочинуваат работната сила (668.957 се вработени, а 284.823 се невработени). Овие податоци во проценти значат дека работната сила во земјава изнесува 55,8 отсто. Еве како тоа изгледа компаративно ако се погледнат бројките од земјите во регионов и во еврозоната (крај на 2011 година - САД и Шведска се ставени само како пример да се види нивото на работната сила кај најразвиените земји):

Како што се гледа од графиконот, Македонија со овие бројки има поголема работна сила како процент од населението над 15 години од БиХ, Грција и Бугарија. На глобално ниво, со овие бројки сме на 144 место во светот од 176 земји како што се гледа од оваа табела.

Но, ако бројот на невработени е само 96.999 наместо 284.823, тогаш работната сила ќе изнесува само 765.956 лица наместо 953.780 лица, при што оваа бројка претставува процент од 44,8 отсто од вкупното население над 15 години во земјава.

Со работна сила од 44,8 отсто, ги делиме местата од 171 до 174 во светот од вкупно 176 земји и во Европа ќе бидеме подобри само од Молдавија, односно ќе бидеме убедливо меѓу најмрзливите земји во светот и втора најмрзлива во Европа. Ова едноставно ќе значи дека живееме како штурци од бајката за штурецот и мравката и ќе изгледа како во земјава многу малку луѓе да се заинтересирани за работа зашто мал број или работат или бараат работа.

ВРЕМЕ ЗА ОДЛУКА: ИЛИ НЕВРАБОТЕНИ ИЛИ МРЗЛИВИ

Сето ова значи и дека власта треба да се одлучи. Дали сака Македонија да биде земја со втора највисока невработеност во Европа и со тоа светот да не жали, но и да гледа со симпатии или сака земјава да биде втора најмрзлива во Европа и со тоа светот да ни се смее.

P.S.: Бројот на вработените како процент од вкупното население ни е катастрофален и тоj многу говори за тоа колку работиме. Тука никакви комбинаторики не помагаат. Каква и да е состојбата со нивото на работната сила или состојбата со невработеноста, Македонија е на претпоследно место во Европа, само пред БиХ, по бројот на вработените лица како процент од вкупното население над 15 години, како што покажува долниот графикон или уште попрецизно оваа табела.



(Напомена: Сите графикони - indexmundi.com - според податоци од Светската банка)

Извор: anfas.blogspot.de