1033 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 11:59
Трет дел од фељтонот по повод 20 г. од падот на Берлинскиот ѕид, со тема: Успешни и неуспешни обиди за бегства преку Берлинскиот ѕид. За список на останатите делови, проследете го следниов линк.
Рефреширајте ја страницата во браусерот доколку фотографиите не се вчитаат прописно.
Вовед
Теророт на тоталитарната власт во источна Германија, особено спроведувана од злогласната тајна служба Штази, тера многумина да си ја пробаат среќата да пребегаат преку Ѕидот. Некои и успеваат, а многумина паѓаат убиени на лице место.
Првата жртва на Берлинскиот ѕид
Една од првите жртви на Ѕидот е младиот 18 годишен студент Петер Фехтер. На 17 Август 1962 г. тој е застрелан од страна на источно-германската стража при обид за прескокнување на Ѕидот, пришто паѓа погоден на ничија земја и тука страда ранет и очајнички повикува за помош пред камерите на западните медиуми. Од Западна страна никој не се осмелува да влезе во тој простор и да му помогне, заради страв од меѓународен инцидент. Ниту источно-германските војници не се осмелуваат да се доближат толку близу до него, плашејќи се од евентуално отворање оган од западната страна.
Така, Петер Фехтер умира после саат време искрвавување на ничија земја, помеѓу Источен и Западен Берлин, помеѓу Источна и Западна Германија, помеѓу Источниот и Западниот блок, среде самиот центар на поделениот свет.
Петер Фехтер умира во маки
Драматична историска снимка: После саат време колебање, источно-германските стражари доаѓаат да го земат трупот на Петер Фехтер. Спази го ужасот на лицето на младото војниче!
Инвентивни начини за пребегнување преку Ѕидот
Се копаат подземни тунели преку кои многумина успешно бегаат на Запад
Семејствата Wetzel и Strlzyck успеваат да прелетаат во Западна Германија со балон! Подготовките траеле долго, материјалот потребен за изработка на балонот тие го купувале претпазливо во мали количини за да не предизвикаат сомневање кај параноичните власти. После нивното успешно бегство властите забрануваат продажба на таков најлон во Источен Берлин!
Овој човек го има пренесено целото свое семејство преку Ѕидот со помош на претходно разапната метална сајла и „направи-сам“ машинче за клизање по неа!
Сопругот, кој некако добил дозвола за излез од државата демонстрира како ја прошверцал и жена му на Запад, скриена во дупли гепек на автомобилот.
Лудаков се залетал со булдожер, ги пробил бариерите и успешно избегал на Запад
Довитливоста на бегалците нема граници, а нивната храброст се граничи со лудило. Например, сопругата на еден Источногерманец успеала некако да пребегне на Запад, по што тој побарал од комунистичките власти легално да му се одобри заминување од земјата за да и’ се придружи, но бил цинично одбиен како „предавник“. „А така ли?“- рекол инаетливиот маж, по што земал весло в раце и во кајак завеслал по Балтичкото море., во надеж дека ќе може да пристигне до бреговите на некоја Западна земја. Притоа користел разни „направи-сам“ трикови за да ги залаже радарите: пуштал предмети да пловат по водата, балони во воздухот и сл. По пат го зафатила и силна морска бура, морал да се бори со дождови, ветришта и огромни бранови... Кога веќе помислил дека се’ е готово, како нарачан одеднаш се појавил некаков Дански туристички брод, кој му го спасил животот! Може само да се замисли вџашеноста на присутните на бродот! Човекот пристигнал на Запад, каде се пронашол со сопругата и прикаската завршува со филмски хепи енд! Други пак, отишле уште подалеку во својата инвентивност, па којзнае како успеале да склепаат, ни помалку ни повеќе туку импровизирано АВИОНЧЕ со кое успешно прелетале на Запад!
Многу од предметите користени за бегство, како например импровизираните уреди, возила, лажните документи и други артефакти, денес се чуваат во Музејот на Checkpoint Charlie во Берлин.