Фејсбук или Твитер: што зборува за нас изборот на социјалната мрежа?

19.08.2013 12:42
Фејсбук или Твитер: што зборува за нас изборот на социјалната мрежа?

На 14 септември 2012 година, неколку минути после пладне, на Фејсбук му се придружи милијардитиот корисник. Неколку месеци претходно, некаде кон крајот на јуни минатата година, (конкурентската) Твитер заедница го доби петстотини милионитиот член. Што зборува за нас одлуката да му се придружиме на едното или на другото племе?

Иако е несомнено дека голем број луѓе во исто време се корисници на повеќе социјални мрежи, факт е дека помеѓу двете најбројни социјални мрежи постои битна разлика. Фејсбук го става нагласокот на тоа кои сме, кого познаваме, во каков круг на луѓе сакаме да се движиме. Ограничувајќи нè на 140 карактери по статус, Твитер помалку нè открива како личности, акцентирајќи го тоа што имаме да го кажеме.

Дали начинот на кој ги користиме овие веб страници е поврзан со тоа какви сме како личности и дали постојат карактерни разлики помеѓу луѓето кои ја преферираат едната или другата социјална мрежа?

Дејвид Хјуз, психолог и истражувач на Бизнис школата на Унивезритетот во Манчестер, поттикнат од ова прашање, направил мало онлајн истражување и дошол до интересни согледувања.

Во анкетата спроведена преку интернет, учествувале 300 испитаници, од кои 70 проценти од Европа, а остатокот од подрачјата на Северна Америка и азиските земји. Сите испитаници одговарале на сет од прашања за тоа како ги користат Фејсбук и Твитер и која од двете социјални мрежи ја преферираат. За да можат резултатите од прашалникот да се поврзат со карактерот на испитаниците, секој субјект правел “Big Five” тест на личноста – стандарден мерен инструмент кој ја проценува личноста врз основа на пет базични особини: отвореност (за нови искуства), совесност, екстровертност, невротичност (емоционална (не)стабилност) и кооперативност. Дополнително, кај испитаниците е мерена потребата за когниција, карактеристика на личноста која се дефинира како интелектуална љубопитност, потреба за когнитивна стимулација или стекнување со нови знаења, како и социјабилност.

Можеби најинтригантниот наод може да се согледа во следното: Дури десет проценти од разликите во начинот на кој луѓето ги користат социјалните мрежи може да се објасни со варијациите во цртите на личноста, што упатува на заклучокот дека другите фактори, како што се интелигенцијата и мотивацијата, играат значајна улога во тоа.

Без оглед на таквиот општ наод, студијата на Хјуз открила неколку интересни корелации:

Друштвената употреба на Фејсбук (користењето на оваа мрежа како канал за дружење и проширување на кругот на пријатели) е во корелација со високиот резултат на тестот за социјабилноста и невротичноста како изразени црти на личноста. Тоа се вклопува во резултатите од претходните истражувања, кои сугерираат дека срамежливите луѓе често го користат интернетот и социјалните мрежи за да воспостават контакти, да стекнат нови познанства и да ја победат осаменоста.

Друштвената употреба на Твитер е поврзана со високиот резултат на тестот за социјабилноста и отвореноста како доминантни црти на личноста (но не и со невротичноста), додека тој е во негативна корелација со совесноста. Таквиот наод сугерира дека Твитер не им служи на корисниците за борба со осаменоста, колку што им служи за еден вид друштвена прокрастринација.

Далеку поинтересни разлики во карактеристиките на личноста на оние што го користат Фејсбук и оние што го користат Твитер се утврдени кај луѓето кои ги користат социјалните мрежи како канал за размена на информации:

Информативната употреба на Фејсбук е во позитивна корелација со невротичноста, социјабилноста, екстровертноста и отвореноста, и во негативна корелација со совесноста и потребата за когниција.

Нештата се обратни кај оние кои го користат Твитер. Информативната употреба на Твитер е во позитивна корелација со совесноста и потребата за когниција, и во негативна корелација со отвореноста, екстровертноста и социјабилноста.

Според интерпретацијата на авторот, таквите матрици упатуваат на заклучокот дека луѓето кои го користат Фејсбук за размена на информации – бараат и споделуваат информации на когнитивен начин кој нема големи барања, избегнувајќи ги текстовите во списанијата и обемните новинарски извештаи. Ограничени со кратките статуси, корисниците на Твитер ја користат оваа социјална мрежа за когнитивна стимулација, без да се социјализираат.

Иако интерпретацијата делува празно, имајќи ги предвид групите на Фејсбук чија природа упатува на „вмрежување“ токму заради когнитивната стимулација, до сличен заклучок наведува и анализата на резултатите добиени во поглед на општата преференција кон едната или другата мрежа. Имено, преференцијата кон Твитер е во позитивна корелација со високо изразената потреба за когниција, додека преферирањето на Фејсбук е во корелација со невротичноста, екстровертноста и социјабилноста.

Фејсбук повеќе служи за дружење, а Твитер за споделување и размена на информации. Резултатите секако треба да се земат со голема мера на претпазливост. Од вкупно 300, 207 испитаници се помлади личности од женскиот пол. Освен тоа, сите податоци се собрани врз основа на самоизвестување – преку анкетата и одговорите од тестовите. Сепак, тоа што оваа студија ја прави интересна е фактот дека станува збор за првиот обид Твитер да се доведе во врска со цртите на личноста, а потоа од истиот ракурс да се набљудуваат преференциите на една од двете најпопуларни социјални мрежи.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото