1016 hPa
56 %
18 °C
Скопје - Пон, 13.04.2026 18:59

Германија ќе стане првата европска држава која ќе воведе „неодреден пол“ во книгата на родените, покрај вообичаеното родово изјаснување со поделбата на машки и женски род.
Оваа опција ќе заживее на 1 ноември благодарение на измените на законот за семејство кои се донесени уште во мај, но за тоа не се известуваше во медиумите сè до објавата на статија во семејниот магазин FamRZ.
Оваа измена ќе им овозможи на родителите кои не се во состојба да го одредат полот на детето кое е родено со карактеристики на двата пола, тоа едноставно да му го препуштат на својот потомок. Според овој закон, поединците исто така ќе можат да изберат да останат надвор од класичното бинарно полово определување.
Воведување на X
Сè уште не е јасно како „неодредениот пол“ ќе се води во останатите лични документи, па FamRZ повикува на воведување на опцијата X покрај M и F кои означуваат машки и женски пол. Според законите во Австралија, опцијата за „среден род“ е воведена во сите документи и дава можност за такво изјаснување на сите, а не само на оние кои го промениле полот со операција или се подложени на хормонска терапија.
Бриселската бирократија за сега ги признава/препознава само транссексуалните и интерсексуалните малцинства. Меѓутоа, таа не отиде чекор подалеку од подигањето на свеста за постоењето на такви лица кога станува збор за дискриминацијата. Најблиска до Германија по ова прашање е Финска, но за сега е неизвесно дали и кога вакво родово изјаснување ќе им биде понудено и на финските граѓани.
Извор: Spiegel