По кејовите, покрај реката

20.08.2013 09:18
По кејовите, покрај реката

(По повод изложбата на проектите за регулација на Вардар)

Оние што умеат да замислуваат ќе можат и низ оваа изложба на проектите за регулација на Вардар, отворена во центарот за култура и информации, да ги насетат, во плановите и макетите, контурите на идниот кеј.

Но и оние што имаат повеќе доверба во фактите поцврсто поставени во реалноста, ќе можат да се уверат - низ поместувањата на големи маси земја и песок, низ свртувањето на речните текови и низ секојдневното растење на камените ѕидови - низ целиот тој масовен работен спектакл што со месеци се одигрува пред очите на шетачите - во претворањето на тие планови и макети во дело.

Стариот кеј, настанат во првите години на овој век, веќе со густа мов во процепите меѓу камењата, полека исчезнува. Како што исчезнале многу нешта на што овие ѕидови на реката биле природен декор, рамка на случувањата. Таму каде што денес Партизанска се подготвува да ја премости реката, повеќе години ја нема зградата на Народниот театар. Тука, во таа зграда, бил некогаш управник Бранислав Нушиќ, а во 1927 година тука била играна пиесата „Ленче Кумановче“ на Васил Иљоски пред публика што воодушевено го пречекала делото напишано на нејзин јазик. Во летните вечери, во оние што спаѓаат во нашето сеќавање, додека се даваа последните премиери на сезоната, публиката меѓу чиновите излегуваше на малиот плоштад, целиот во закрила на големиот платан. Гледачите доаѓаа до реката, седнуваа на каменот од кејот, низ Вардар доаѓаше свежиот здив на вечерта, последните реплики од сцената се втопуваа во шумот на реката и на платанот.

Еден друг платан стоел некогаш на левиот брег на Вардар, веднаш под Камениот мост. На него, во седумнаесеттиот век, ќе биде обесено телото на Карпош, несреќниот водач на големото селско востание; пред тоа, на Камениот мост, Карпош ќе биде набиен на кол. Свесни дека важноста на местото, неговата поставеност во градот, му дава значење и одек на чинот што на него ќе се одигра, и Германците ќе ги стрелаат деветтемина заложници, во предвечерието на ослободувањето, покрај Мостот, на истиот брег.

За нас денешните Мостот е влез во чудесниот свет на чаршијата. Тој свет ја носел во себе секогаш својата мистерија. „Градот е прошаран со многу конузлати и сомнителни дуќани кои со сигурност може да се сметаат за одделни филијали на тие конзулати... Може со мирна душа и со чиста совест да се рече дека секој десетти човек во Скопје е нечиј шпион. Тоа е толку сигурно колку што е сигурно дека хотелот Призрен го држи газда Младен Поповиќ“, или, за и вам да ви биде појасно - оваа споредба: „како што е сигурно дека Вардар тече низ Скопје“. Тоа го пишува Петар Кочиќ за конзулските времиња на Скопје. Квартот на конзулатите, судејќи според еден австро-унгарски план на градот од тоа време, се наоѓал на десниот брег, покрај кејот, подолу од Камениот мост. Веројатно тука некаде - каде што денес се наоѓаат станбените кули чија слика ја зема за својата најавна шпица скопската телевизија - живеел некое време и оној славен генерален конзул на Австро-Унгарија, господин Прохаска, од бурлескната приказна на Егон Ервин Киш „Буквата Н и светската историја“.

Уште подолу, на левиот брег, постоеше колски пат што доаѓаше до Вардар: по него, во летните вечери, слегуваа последните пајтони за да ги измијат во водите на реката своите збрчкани тела на неверојатни, тетерави инсекти. Од гимназијата „Цветан Димов“ зиме слегувавме кон замрзнатите бари покрај Вардар за да се лизгаме. Над кејот, покриена со чудна купола што завршуваше со висок шилец, стоеше Народната библиотека, место на поинакви авантури, на откритија на нови лектири. Во нејзините ходници, лете полни со ладовина поради огромните дебели ѕидови од грубо реден камен (што го откривме дури во деновите по земјотресот) стоеја графики на Томислав Кризман со мотиви од старата скопска чаршија.

Што од она што пред кејовите го создале сликари може да се одбере во овој миг? Можеби, пред сè, онаа слика на Милан Милановиќ, на која Камениот мост гори во полниот сјај на јужното сонце во некое доцно летно попладне кога воздухот е густ и заситен со прав и со зрели мириси. А и онаа, секако, на Спасе Куновски, која носи назив „Грипозна ноќ“, и на која тој ист мост се протега на една поинаква, метафизичка и самрачна перспектива зад осамената фигура на еден шетач која како веќе во следниот миг да ќе се претвори во шивачка кукла, во манекен.

По тие исти кејови, покрај бреговите на реката, одат момчињата од прозите на Димитар Солев и на Благоја Иванов, носејќи ги во себе своите младешки недоумици, своите немирења и своите неспокои. Враќањата од плажа, долгите денови на летниот распуст, првите љубови: зад сето тоа одвреме-навреме ќе блесне со своите игриви светкања Вардар; младоста на тие книжевни јунаци поврзана е со некои невидливи нишки со неговиот тек, со неговото протечување.

Стоејќи над тој речен тек, далеку во седумнаесеттиот век, турскиот поет Дулгер Заде извикал: „Долго патував низ земјата Румелија и другаде, и видов многу убави градови и со благословот божји бев задоволен, но ниту еден толку не ме вчудовиде и восхити како рајскиот град Скопје низ кој Вардар тече!“ А Матеја Матевски стои денес на истиот брег, можеби пред глетката на истиот мост, но со поинакви стихови:

...а под спарушените и глуви усни на мостовите
времето носи на грб мали куќи од мов
па ги рони за да ги изгради пак
на своите крупни рамена без одмор.

Над Вардар стои и Гане Тодоровски, кој во својата неодамна објавена збирка се обидува да го најде точниот збор за текот на Вардар:

Тој тече, како што си тече,
лудо, полетно, полезно, плавно,
здодевно, злогдрдо, зачудувачки,
тој тече алтруистички!

Природно, ништо од тоа нема на изложбата на која може само да се насети, меѓу макетите и плановите, сликата на еден друг кеј. Неговите површини, со кои градот скалесто слегува кон реката, кон нејзините води, донесуваат нови ведути поради кои веќе не ги препознаваме овие стари кејови по кои толку пати сме минувале. „Местата што сме ги познавале не му припаѓаат само на просторниот свет во кој ние ги сместуваме заради поголема јасност. Тие биле само мал отсечок помеѓу оние допирни впечатоци што го зачувале нашиот тогашен живот; споменот на некоја посебна слика е само жалење по некој определен миг; а куќите, патиштата, дрворедите се минливи, за жал, како и годините“. Тоа го вели Пруст, како утеха.

(ноември 1970)

ОкоБоли главаВицФото