Отровот на Меркел

20.08.2013 11:09
Отровот на Меркел

Во Германија се води чудна изборна кампања. Партиите од опозицијата ја нагласуваат загриженоста на луѓето за пензиите, платите, високите кирии, растот на цената на струјата и недостигот на места во градинките. Власта, нормално, се потпира на задоволните, оние кои имаат релативно сигурни работни места и кои се задоволни од економската состојба.

Необично е тоа чувство кое го шири кампањата, дека сè е во најдобар ред. Не е видлива егзистенцијалната опасност од распадот на Европската унија, а исчезна и големата европска криза. Европејците го вперуваат погледот кон Германија знаејќи дека иднината на ЕУ зависи од неа. Но, она што го гледаат е нација на која како воопшто да не ѝ е гајле за сето тоа.

Партиите во изборната трка спорадично ги споменуваат Европа и кризата. Во своите изборни програми тие бараат „европска Германија во економска и солидарна унија“ (Зелените), „социјално одговорна ЕУ“ (СПД), „нов почеток за ЕУ“ (Die Linke), „европска сојузна држава“ (FDP) и „Европа да излезе посилна од кризата“ (ЦДУ).

Освен ветувањата на канцеларката за посилно евро, Европа исчезна од изборните плакати на сите партии. Ја нема дури ни кај Зелените, во чија програма се тврди дека изборите се „средство за промена на европскиот курс“. Парадоксот е во тоа што колку повеќе партиите во своите програми ја споменуваат Европа, толку помалку зборуваат за неа. Изборните тимови очигледно ја сметаат оваа тема за токсична.

Кога едно големо мнозинство од граѓаните смета дека владата во тешка ситуација направила сè што е во нејзина моќ, тогаш за опозицијата тука нема политички поени. Една од заслугите на Ангела Меркел е и тоа што во светот на граѓаните длабоко е втисната сликата за штедливите и вредни Германци кои ’рмбаат за безгрижните јужњаци.

Освен тоа, таа секогаш се однесуваше како во еврокризата да го прави само она најнужното за да спречи катастрофа, но никогаш повеќе од тоа. И тоа добро поминува. Никој не бараше од неа да им ги објасни на граѓаните своите постапки во еврокризата. Само требаше да ги убеди дека комплицираните работи се во сигурни раце. Успеа во тоа. На овој начин, за потребите на изборната кампања, темата за еврокризата е контаминирана. Кој ќе ја допре, веднаш се парализира.

Тоа најдобро го почувствува кандидатот на СДП, Пер Штајбрук. Наместо да ѝ префрла на Ангела Меркел за недостигот од страст за Европа, како поранешен министер за финансии мораше да игра на својата стручност. Се испостави дека Ангела Меркел ги разбира Германците подобро од него.

Никој, па ни Die Linke не се осмелува да ја критикува политиката за штедење на Меркел. Нејзиниот отров дејствува - и тоа на двата фронта. Незадоволството поради кредитите дадени на земјите во криза изгледа дека постепено ослабнува, што никако не ѝ оди во прилог на анти-евро партијата Алтернатива за Германија.

Многумина се убедени дека најлошата фаза од еврокризата е зад нас. Можеби, но тоа во секој случај не е заслуга на Ангела Меркел, туку на претседателот на ЕЦБ Марио Драги и неговата решеност да направи сè за спас на еврото. Секако, не треба да им се замери на граѓаните што после неколку турбулентни години уживаат во мирот.

Меѓутоа, токму во тоа е проблемот. Независно од тоа дали по изборите нè чека ново отпишување на долговите на Грција, Европската унија ја очекува далеку поголема задача. Монетарната унија ниту во иднина нема да може да функционира без вистинска политичка унија. За тоа ќе се води расправа, т.е. мора да се води расправа. И тоа расправа во која Германија, на изненадување на многу нејзини граѓани, мора да одигра централна улога.

Во мај следната година се изборите за Европскиот парламент. Би било добро дотогаш да се ослободиме од стегите кои нè спречуваат да водиме расправа за Европа. Иако тоа е малку веројатно.

Извор: Süddeutsche Zeitung