1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пет, 06.12.2024 15:40
Седми дел од фељтонот по повод 20 г. од падот на Берлинскиот ѕид.
За список на останатите делови, проследете го следниов линк.
Како вовед во мојата фото изложба, на тема, Берлинскиот ѕид, која можете да ја разгледате со кликање тука, би сакал да споделам некои мои лични искуства со тој феномен.
Стоејќи на одбележаната линија каде што поминувал Берлинскиот ѕид во близина на Бранденбуршката порта, 2005
„Памтим то као да је било данас“ (к’о што велеа Забрањено пушење на нивниот прв албум). Бев детиште, основец, кога во 1989 година падна Берлинскиот ѕид, нешто подоцна, тоа резултираше и со Обединувањето на Германија во октомври 1990. Екипа на тогашната Телевизија Скопје отиде во Берлин, пуштам ТВ кога гледам маса народ маршира низ градот, тогаш центар на светот, во празнична вечерна атмосфера. Горат „жижици“, се наздравува со шнапс, кога одеднаш, од масата се издвојува еден момак, мафта со рака кон камерата и вели „Да се сви народи уједине!“. Некој Југович, гастарбајтер во Западен Берлин, оди да ги поздрави своите сограѓани, Источните Берлинчани. Растевме во една неврзана социјалистичка држава, СФРЈ, не идеална, но секако подобра од онаа отаде Ѕидот, Германската „Демократска“ Република, која беше членка на Варшавскиот пакт. За разлика од нејзините граѓани, нашите можеа слободно да патуваат, многумина од нив и привремено или трајно да се здомат во некогашната Западна, Сојузна Република Германија, вклучително и во Западен Берлин.
Во мај 2005 година бев во посета на сега обединетиот Берлин, за, така да се изразам, аматерско- новинарски да ги следам настаните по повод 60-годишнината од Победата над фашизмот, воедно и да се сретнам со тамошни пријатели, па како љубител на историјата, престојот во овој прекрасен и мошне пријателски европски град, го искористив меѓудругото и за истражување на феноменот на Берлинскиот ѕид. Ги прошетав неговите зачувани сектори, што резултираше со огромна колекција фотографии и видео снимки, посетив и музеи, купував книги и други артефакти на таа тема, воедно и разговарав со жители на градот, кои лично го осведочиле времето кога тој опстојувал. Во таа смисла, се запознав со повозрасни дечки и девојки, кои непосредно учествувале во опозициските протести и во самото негово уривање! Тие, вечни опозиционери, и ден- денес излегуваат да протестираат за за се’ она за што сметаат дека е погрешно. Падот на Ѕидот и Обединувањето на двете Германии не значеше и крај на сите проблеми, туку нов почеток, доаѓање на нови предизвици. Секако, не заборавив да оставам и свој потпис на Ѕидот, а како секој типичен турист, си набавив и парче од него, сертифицирано :)
Патем, токму во тој период, во Берлин се одржуваше Der Karneval Der Kulturen, еден шарен фестивал на чии многубројни стејџови можеа да се следат настапи на домашни и странски андерграунд музички бендови, диџеи, етно- музички состави, во стилот, Бразилци играат самба, Турци или Курди емигранти играат оро итн.. итн... Во програмата на фестивалот, забележав дека, меѓудругото, ќе настапуваат и скопските легенди Суперхикс, па појдов и нив да ги погледнам. Беше навистина комично како фронтменот Петар Младеновски, како и членовите на групата останаа зинати кога им се појавив во прв ред среде нивниот настап. Сигурно дека не би очекувале појавување на фаци, кои ги познаваат од нивните скопски свирки, ете така к’о гром од ведро небо, па усред Берлин :) Близу бината се сретнав и со поштованиот Васко Атанасовски - Бумбикс, сега член на познатата група Bernay's Propaganda, кој тогаш беше дојден во Берлин во својство на официјален шофер на Хиксите.
И така, разговаравме, кој што прошетал во градот и слично, па меѓудругото му ја спомнав мојата опсесија со Берлинскиот ѕид. Тој одговори во стилот „Чоек, мене ѕидот ич не ми се свиѓа...“. Каква е таа реченица бе Васко, пријателе? Прво, на кој нормален човек тој може да му се „свиѓа“, а од друга страна, како бре може да не те фасцинира?! Како?! Абе тоа е, не знам, врвно уметничко дело, врхунски споменик на човековото лудило без никаква конкуренција! „Жив споменик неумности“ како што некогаш пееја словенечките и екс-југословенските punk пионери Панкрти. Знам дека звучи крајно бизарно, речиси перверзно, јас Ѕидот дома би си го земал! Таква грда и сулуда уметничка инсталација не би му дошла на ум ни на најавангардниот уметник, ни на лудиот Салвадор Дали или Марсел Дишан. Замисли, ти си во улога на власт, ставаш Ѕид среде град, БААП, го бапнуваш тукутака, ко од небо паднат, неприродно штрчи, ама тебе око не ти трепнуе. Генијално!
Дејвид Боуви бил инспириран да ја напише неговата славна химна "Heroes" во периодот кога снимал во студио во Западен Берлин и во еден момент го набљудувал својот продуцент, познатиот Тони Висконти (тогаш женет со Мерки Хопкин, позната по изведбата на "Those Were the Days"), како се прегрнува со својата љубовница, Антонија Маас, со Берлинскиот ѕид во позадина. Љубовната сцена се врежала во мислите на Боуви, делувала како херојски акт на отпор против дехуманизацијата која ја симболизирал „Ѕидот на срамот“, како тој го опишува во таа своја песна. "Heroes" е своевидна протестна химна на, навидум, малите луѓе, заради чија сила тој Ѕид всушност и падна!
Секс Пистолс истотака, на еден свој сулуд начин биле фасцинирани од него. Нивната воведна трака на култниот албум "Never Mind The bollocks... Here's The Sex Pistols", под ироничен наслов "Holidays in the Sun", е меѓудругото инспирирана и од Берлинскиот ѕид, кого групата го има посетено, се разбира од западната страна (хех, јес’ да басистот Глен Метлок носел маици со Карл Маркс заради „шок ефект“, сепак, тие биле вечна опозиција, без разлика дали против Кралицата во Британија или Ѕидот во Берлин, сеедно). Мотивацијата за посета на Западен Берлин, инаку била да се вкуси неговиот декадентен ноќен живот. Нивниот лидер, Џон Лајдон, односно Ротен, ќе изјави: „Го сакав Берлин. Го сакав Ѕидот и лудилото на тоа место. Комунистите ја набљудуваа циркуската атмосфера на Западен Берлин, кој никогаш не спиеше и тоа беше нивен впечаток за тоа што е Западот“. Од една страна, неонски реклами, кабареа, стриптиз клубови, дискотеки и мерцедеси, а од друга, „ред, мир и тишина“, сивило, намуртени стражари, бодликава жица, трабанти и вартбурзи. Две различни држави во еден единствен град! Два различни политички системи, два различни начини на живот, два сосема различни менталитети, два различни геополитички блокови, два СВЕТОВИ во рамки на само еден град! Центар на Планетата во време на Студената војна! Лудило!
Исто така, Берлинскиот ѕид послужи и како своевидно „сликарско платно“ на многу ликовни уметници, на него се создаваа ремек дела од типот на графити, мурали, а оние поавангардните одеа доттаму, на него, како сулуди уметнички инсталации да монтираат писоари, клозетски шољи и други лудости! Можете само да ја замислите шокираноста на љубопитните источногермански и советски вооружени сили кои го бранеа Ѕидот, кога по неговото отворање, тие имаа можност да ја посетат неговата Западна страна и да ги видат овие чуда! Денес, на дел од Ѕидот, кој е зачуван, опстојува и таканаречената „Галерија на Источната страна“, колекција мурали создадени од низа познати домашни и странски автори. На посетителите им се препорачува да не ги уништуваат овие ремек дела со чкрабање имиња и сл., па ако имате желба за такво нешто, пронајдете некој празен простор на остатоците од Ѕидот.
По сето ова, на човек му доаѓа да извика: Вратете го Ѕидот! Да, да, било апсолутно грозно и нехумано, ама луѓето имале некоја надеж, некои свои визии и соништа, тоа било 500 милијарди пати поинспиративно време, дури и водење љубов покрај Ѕидот значело нешто, секој графит имал своја тежина, многу повеќе отколку оваа жабокречина сега! Некогаш, пред некои 60-70-80 и кусур години било „ин“ да се биде, да речеме комунист, имало луѓе биле убедени дека прават нешто добро, дека исправаат социјални неправди, или така нешто. Но патот до Пеколот е поплочен со добри намери. Дошле нови генерации, нови идеи, решиле истите тие комунисти заслужено да ги свргнат од власт. Ете и тоа е нешто, некаква визија, некаква идеја. А ние што правиме? Живееме во тотално неинтересно време, се бавиме со нешта, кои за светската историја се тотално минорни, „Грујо вчера му кажал ’тоа и тоа’ на Бранко, Бранко му кажал на Грујо, Љубчо им кажал на двајцата, Ахмети им кажал на тројцата..“. Тапа жива. Да постоел интернет и блогосфера во времето на Ѕидот, којзнае какви се’ не креативни дела ќе излезеле на површина!
Како и да е, Ѕидот, фала му на Бога, веќе го нема. Ве поканувам да ја проследите тематската изложба на мои фотографии од Берлинскиот ѕид, која е дел од еден поопширен фељтон следниов линк: КЛИК ТУКА.