1022 hPa
66 %
11 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 14:59
Осми дел од фељтонот по повод 20 г. од падот на Берлинскиот ѕид. За список на останатите делови, проследете го следниов линк.
Рефреширајте ја страницата во браусерот доколку фотографиите не се вчитаат прописно.
Нашиот комбиниран текстуално- фотографски фељтон по повод 20 годишнината од Падот на Берлинскиот ѕид го завршуваме со нешто троа повесело. Берлинскиот ѕид не само што е симбол на едно од најмрачните поглавја во историјата на човештвото, како што веќе и објаснивме во претходните статии, туку, денес тој е и доходовна туристичка атракција. Дел од таа бизнис машинерија се секако и неизбежните сувенири.
При мојата посета на Берлин и при истражувањата на Берлинскиот ѕид, задолжително морав да поарчам некоја тешко спечалена пара на разни бескорисни тракатанци, било да се работи за Осталгија (носталгија по Источна Германија, од „ост“, на германски „исток“) или пак милитарија и сл., како што редовно практикувам при секоја посета на странска земја. Тие мои сувенири можете да ги разгледате подолу.
Секако ова не го објавувам чисто заради забава, сепак, тука има и една едукативна нота. Сите овие џиџи- миџи се илустрација за еден минат, но битен историски период, па верувам дека можеби ќе им бидат интересни на љубителите на историската наука.
За почеток веднаш оние најинтересните...
Виза за сега непостоечката Германска Демократска Република, која туристите можат да си ја набават на некогашниот граничен премин Checkpoint Charlie. Притоа ви удираат и печат за влез/излез.
Пар типични егземплари за Осталгија...
Шоља за млеко или чај со грбот на Германската Демократска Република, со скратеницата за: Deutsche Demokratische Republik
Алкохолна пијачка посветена на Ampelmännchen-от, човечето со шапка од Источноберлинските семафори, маскота на Осталгичарите.
Милитарија и останато...
Офицерска униформа на Граничните трупи на Германската Демократска Република (Grenztruppen der DDR), кои храбро ги бранеа границите од луѓе кои сакаа да излезат од земјата.
Капата инаку е од Народната полиција (Volkspolizei) , која демократски го бранеше народот на Германската Демократска Република
Војничко капче на Nationale Volksarmee (источно-германската Национална Народна Армија, ем национална, значи германска, ем народна, значи, за народот)
Колан на чија тока стои грбот на Германската Демократска Република, каде демократијата цветаше.
На територијата на ГДР беа стационирани и Советски сили (Группа советских войск в Германии), кои се повлекоа во 1994 г. На сликата: советско воено капче т.н. „пилотка“. Може да биде обична (за обични редови) или декорирана со една или две линии, чија боја означува за кој род на војската се работи, додека две такви линии означуваат старешина. Во случајов се работи за старешина на копнената војска, додека пак воздухопловните сили имаат сини линии.
Знамиња на пропаднати режими на Источниот блок и Варшавскиот пакт...
Германската Демократска Република на Хонекер
Народна Република Бугарија на Тодор Живков
Социјалистичка Република Романија на Николае Чаушеску
Ете драги читатели, вие тоа го гледате, ем демократски! Ем народни! Ем социјалистички! Та што би посакал човек повеќе?
Се надевам дека уживавте во оваа куса презентација и дека во иднина ќе објавиме и нешто повеќе. За список на останатите делови од фељтонот, појдете до неговата воведна статија на следниов линк.