Срамен одговор на западот

22.08.2013 09:38
Срамен одговор на западот

Очигледно е дека египетскиот воен врв не дава пет пари за мислењето на западот. Европа и Америка би можеле да молат, притискаат и предупредуваат колку што сакаат, но хунтата и понатаму ќе ги чисти со булдожери поддржувачите на Морси од улица. Ретко кога како сега, западот на толку брутален начин стана свесен за својата импотентност на Блискиот исток.

Одговорот на западот е срамен. Земјите на ЕУ имаат намера наредната недела да заземат заеднички став за ситуацијата во Египет, а до тогаш (веројатно и после тоа) сè се завршува со резигнирани изјави. Барак Обама, претседателот на земјата која со децении се грижеше за египетската војска, ги откажа воените вежби со неа. Фотографијата на денот од Белата куќа го покажува Обама во сериозен разговор со советничката за надворешна политика, Сузан Рајс. Сликата би требало да покаже дека кризата е под контрола. Тоа не е надворешна политика, туку театар на апсурдот.



За да се оправдаат за неактивноста, реалполитичарите често укажуваат на сериозноста на ситуацијата во Каиро: „Кога САД би ја укинале помошта на египетската војска, веќе следниот ден би се појавиле Русите и Саудијците спремни да го одврзат ќесето. Освен тоа, египетската војка е гарант за мирот со Израел. А освен тоа и Муслиманското братство носи дел од вината за ескалацијата на насилството, бидејќи не мораа да протестираат.“

Можеби е навистина така. Но, западот со слични аргументи секогаш ги ублажуваше и разубавуваше класичните примери на воени удари. Одредена доза на ладнокрвност и рамнодушност во врска со Египет би била разбирлива кога би служела за некоја цел, или кога би се вклопувала во некоја стратегија. Meѓутоа, тука го нема тоа. Обама зборува за американската поддршка на човековото право на мирни протести, а истовремено објаснува дека Америка е неутрална во египетскиот судир. Како тоа се вклопува со фактот дека во Каиро протестите се задушуваат во крв, веројатно е тајна позната само нему. Тој го обвинува Морси дека неговата влада не ги почитувала „ставовите на сите Египќани“. По аналогија, тогаш секој американски републиканец би можел да ја повика на побуна американската војска.



Ситуацијата во Каиро е комплицирана, но не толку колку што се претставува. Морси беше неспособен, тврдоглав, исламистички претседател. Но, исто така тој беше избран претседател - статус кој гледан од аголот на западните демократии би требало да има одредена тежина. Неговата смена, не беше како што кажа Обама „воен инцидент“, туку пуч. Во четвртокот судирите со полицијата и демострантите се претворија во вистински масакр. Америка и Европа сето тоа го набљудуваа од страна и не мрднаа ни со прст кога египетската војска и тајните служби повторно ја приграбија целата власт. Сега западот вика за помош затоа што генералите со своите противници се пресметуваат со воени средства и со средствата на тајните служби. Дали е тоа цинично или само наивно?

Можеби на западот сето тоа и воопшто не му пречи. Можеби Европа и Америка се само набљудувачи. Но, кога на улица лежат 500 или повеќе мртви цивили, би требало да почнеме да ги нарекуваме работите со нивното вистинско име, инаку стануваме соучесници.

Извор: Süddeutsche Zeitung, 17.08.2013