Менинг осуден на 35 години затвор

22.08.2013 10:24
Менинг осуден на 35 години затвор

Бредли Менинг, американскиот војник обвинет за најголемото протекување на тајни документи во историјата на САД, беше осуден на 35 години затвор, во средата за време на судењето во Форт Мејд, Мериленд.

Во овој случај судијката Дениз Линд, која минатиот месец го прогласи за виновен за 20 точки од обвинението, меѓу кои и за шпионажа и кражба, можеше да го осуди и на 90 години затвор. Бранителот на Менинг во својот завршен говор побара казната која ќе биде изречена да не биде поголема од 25 години затвор, замолувајќи го судот при изрекувањето на пресудата да баланисира помеѓу казната и рехабилитацијата. Тој објасни дека за 25 години истекува времето во кое ознаката доверливост веќе нема да биде применлива за некои од документите кои Менинг ги открил.

Менинг (25) ќе биде отпуштен од американската војска и ќе изгуби дел од платите, рече Линд. Неговиот војнички чин ќе биде намален.

Менинг ќе има право на условна слобода откако ќе отслужи третина од казната, која ќе биде намалена за времето кое веќе го поминал во затвор, а и за уште 112 дена поради нехуманиот третман на кој бил изложен во притворот, првите неколку дена по апсењето, во злогласниот затвор Квантико.

Облечен во униформа, Менинг го сослуша читањето на пресудата не покажувајќи никакви емоции. Додека го спроведуваа низ судницата, неговите поддржувачи извикуваа: „Бредли, ние сме со тебе.“

Елизабет Готјен, директорка на програмата за Слобода и национална безбедност во центарот Бренан рече дека казната е „без преседан“ во својата должина. „Тоа е 17 пати повеќе од досега најдолгата казна некогаш доделена за предавање тајни материјали на медиумите“, вели таа. „Ова е во линија со казната за платена шпионажа за непријателот.“

Пред неколку недели Менинг беше прогласен за виновен за повеќе кривични дела, меѓу кои и за шпионажа, но не и за помагање на непријателот, за што понекогаш следува и доживотна робија. Тој ја призна вината пред судот, сепак истакнувајќи дека во времето кога ги доставил податоците до Викиликс не бил свесен дека прави нешто лошо.

Според пресудата, Менинг предал до Викиликс повеќе од 700 илјади доверливи документи, депеши и дипломатски писма на американски службеници. Во моментот кога добил пристап до сите тие документи работел како аналитичар во американската воена база во Багдад.

Меѓу доверливите документи се наоѓа и шокантната видео снимка на која американски воен хеликоптер Апач пука на ненаоружани Ирачани, при што убива и двајца новинари и сниматели на Ројтерс. Викиликс ги опиша снимките како „колатерално убиство“.

Била откриена и една дипломатска преписка помеѓу американски службеници од Државниот секретаријат, во која често се говорело со потсмев и понижување за политичарите на земјите домаќини, со забелешки кои партии и политичари најмногу одговараат на интересите на САД и кои локални службеници нудат соработка. Исто така, било откриено и шпионирање на службениците од Обединетите нации.

Случајот на Бредли Менинг ги истакна сите потешкотии при чувањето државни тајни во доба на интернетот. Американската влада силно се залагаше за тоа дека Менинг ги ставил во опасност американските животи, обидувајќи се да го обвини и за соработка со Ал Каеда, но судијката Линд го отфрли ваквиот обид.

Меѓутоа, јавноста која се залага за поголема транспарентност на власта тврди дека Менинг со право ги објавил информациите за злоупотребите на американските цивилни и воени власти. Од почетокот на судењето невладините организации бараа увид во документацијата за време на процесот, но во април Врховниот воен суд на САД се прогласи за ненадлежен во однос на одлуката за тоа барање. Барањето беше поднесено од њујоршкиот Центар за уставни права, а повеќе од 30 медиумски куќи, меѓу кои и агенцијата АР го поддржаа барањето да се овозможи увид во списите од судењето.

Американските организации за заштита на човековите права соопштија дека ќе го кандидираат Менинг за овогодишната Нобелова награда за мир. Amnesty International го повика американскиот претседател Барак Обама да ја укине казната на Менинг.

„Наместо да се бори со сета сила да го затвори до крајот на животот, американската влада би требало да го пренасочи своето внимание кон истражување и спроведување на правдата за сериозните прекршувања на човековите права, извршени од страна на нивните службеници во името на борбата против тероризмот“, изјави Виднеј Браун, директор за меѓународно право и политика во Amnesty International.

Читањето на пресудата на Менинг во Форт Мејд, домот на ултра-таинствената американска Државна безбедносна служба (NSA) се одвиваше во моментот кога американските службеници се обидуваат да го вратат Едвард Сноуден. На поранешниот разузнавачки аналитичар на NSA кој откри детали за тајната американска програма која вклучува надгледување на телефонскиот и интернет сообраќајот на американските граѓани, му беше доделен привремен азил во Русија.

Извор: E-novine

ОкоБоли главаВицФото