Зошто деца? Нормално е да не ги сакаме!

22.08.2013 12:13
Зошто деца? Нормално е да не ги сакаме!

Иако звучи како да не е на место, прашањето зошто луѓето сакаат да имаат деца не е неоправдано.

Во 2008 година сојузната американска држава Небраска го декриминализираше напуштањето на децата. Потегот на властите беше изнуден со константниот пораст на стапката на абортуси во таа држава. Законот им овозможи на двојките, кои не се подготвени да се грижат за своите деца, да ги остават децата на локации кои се предвидени за тоа, без страв од апсење и кривично гонење. Меѓутоа, конкретниот сет прописи се разликуваше од сличните акти кои некои американски држави веќе ги имаа. По превидот на законодавецот, во него не е внесена одредбата која ја прецизира старосната граница за напуштените деца.

Неколку недели по изгласувањето на законот, родителите почнале да ја користат законската можност без правни последици да ги напуштат децата. Поентата е во следното: Ниту едно од оставените деца не било новороденче. По неколку месеци, статистиката изгледала приближно вака: од 35 деца кои биле оставени во државните болници и полициските станици, 22 од нив имале повеќе од 13 години. Забележан е и случај кога татко ги оставил своите девет деца, на возраст помеѓу 1 и 17 години. Во Небраска почнале да стигнуваат и родители од околните држави, во кои не постоеле слични законски можности.

Случајот во Небраска отвора интересно прашање: Колку родители би ги оставиле своите деца, кога не би постоеле кривични консеквенци? Во крајна линија, таа практика не е ниту нова ниту толку невообичаена. Само во САД, во секој момент постојат околу 400.000 деца кои чекаат да бидат посвоени, дадени во згрижувачко семејство или згрижени на некој друг начин. Се случува и посвојувачите да го напуштат детето и повторно да го дадат на посвојување.

Американското списание Atlantic, во текстот „Сосема е нормално да не се сакаат децата“, го опишува текот на една тема на веб сајтот Secret Confessions. Во февруари 2009 година, на веб сајтот се логирала жена со името Ен и оставила краток коментар:

„Депресивна сум. Мразам што сум мајка. Мразам што сум невработена мајка.“

На веб сајтот кој вообичаено генерира десетина коментари за една „исповед“, под краткиот коментар на Ен, посетеноста на темата активно растела дури и три години подоцна.

Една жена, која останала бремена во својата 42 година, го напишала следното:

„И јас мразам што сум мајка. Секој ден е ист. Мислам дека така ќе биде до мојата 60 година, кога мојот живот ќе биде практично готов.“

Извесна Гиана, пак, искоментирала вака:

„Го сакам мојот син, но мразам што сум мајка. Да се биде мајка е неблагодарна, монотона, исцрпувачка, иритирачка и опресивна работа. Мајчинството е како затворска казна. Не можам да го дочекам пуштањето на условна слобода, што ќе се случи кога мојот син ќе наполни 18 години и се надевам дека ќе оди на студии.“

Меѓу одговорите на „исповедта“ на Ен има многу малку примери на мајки кои се скршени од товарот на сиромаштијата и/или самохраното родителство. Судејќи според тоа што го напишале, претежно се работи за жени со солиден социо-економски статус. Кога би можеле да го вратат времето, тие не би биле мајки, но од причини кои се атипични во однос на тоа што најчесто го слушаме на темава. Овие жени се „исповедаат“ дека статусот мајки им го направил животот едноличен; се жалат на слабата вклученост на своите партнери во грижата за заедничките деца; некои сведочат дека партнерите практично ги принудиле случајната бременост да ја износат до крај и да го родат детето кое воопшто не го планирале и/или сакале. Меѓутоа, преовладувачкиот сентимент е следниот: чувствуваат дека животот во целост им станал подреден на децата, до таа мера што го изгубиле сопственото „јас“.

Од исказите на жените се гледа дека некои од нив едноставно лошо ја процениле сопствената подготвеност за родителство. Но, каков избор би имале доколку не направеле лоша проценка? Наспроти еманципацијата – и за жените и за мажите – одрекувањето од родителството – повторно независно од полот – претставува тежок, често социјално неприфатлив избор. Ретко која средина не ги изложува таквите поединци на „вкрстено испрашување“. Од друга страна, од луѓето кои ќе станат родители, ретко, ако не и воопшто, се бара образложение за таквата одлука.

Дали е морално да се имаат деца?

Неморалноста на откажувањето од родителството и родителството како морален императив често се бранат со многу едноставното тврдење дека да се имаат деца е нешто природно. Бидејќи е природно, наводно тоа не бара дополнително образложение. Меѓутоа, станува збор за две сосема различни нивоа на една појава: од аспект на видот, прокреацијата е саморазбирлива и подразбирачка; од аспект на рационалниот припадник на видот, ниту едно однесување кое е резултат на свесно донесените одлуки не може да биде изземено од (само)преиспитувањето.

Вистина, луѓето ги наведуваат причините за сопствената одлука да креираат потомство. Освен како објаснување на своето прокреативно однесување, често ги користат и како општи морални прескрипции – поуки за тоа зошто секој, освен ако не е биолошки оневозможен, „треба да“ има деца.

- Потенцијалното, но неродено дете е лишено од радоста што ја носи животот; на пример, никогаш нема да јаде сладолед, да вози велосипед, да ужива во сексот...

Иако маскирано во филозофски дискурс, таквото објаснување не може да опстане барем на две нивоа. Генерално, непостоечките поединци не се морални агенти и заради таа причина логички е неосновано да се заземе моралната позиција. Второ, ако прифатиме дека сите треба да имаат деца, затоа што со тоа ја зголемуваат „тоталната“ и „глобалната среќа“, како што тоа го нарекуваат филозофите, се поставува прашањето кога поединецот или двојката треба да запрат со прокреацијата, т.е кога некој направил доволно на планот на зголемувањето на глобалната среќа? Британскиот филозоф Дерек Парфит воочил и покажал дека таквото размислување води кон бесконечна редукција и „одвратен заклучок“.

Да речеме дека детето кое јаде сладолед ја зголемува општата среќа за износот „х“. Во тој случај, две деца би ја зголемиле за „2х“, четири за „4х“ итн. Да претпоставиме дека семејството со осум деца на своите потомци може да им овозможи да јадат сладолед два пати поретко отколку семејството со четири деца. Меѓутоа, тие подеднакво го зголемуваат нивото на глобалната среќа. Имајќи го тоа предвид, од така утилитаристички формулираниот аргумент следува дека секогаш е морално да се имаат што повеќе деца. Крајната последица би била континуирано зголемување на популацијата, чии поединечни припадници водат сè помалку среќни животи. Дури и кога индивидуалното доживување на среќата ќе почне да се приближува кон нулата, глобалното ниво на среќата расте. Значи, прокреацијата е неодбранлива од аспект на поедноставениот утилитарен морал.

- Луѓето треба да имаат деца, зашто со тоа им го продолжуваат животот на своите гени (семејното име).

Најпрвин, се поставува прашањето дали нечија биолошка (генетска) композиција е толку вредна за да биде нужно перпетуирана. Дури и ако прифатиме дека постои таков поединец, освен ако не зборуваме за клонирање, неговиот биолошки материјал не може да биде пренесен во целост во наредната генерација. Како припадници на сексуално репродуктивен вид, се раѓаме со комбинација од гени кои ги наследуваме од двата родители и немаме никаква контрола над тоа кој од нив ќе се изрази во нашиот фенотип.

Повикувањето на гените, во ера кога човечкиот геном е прочитан, а генетичкиот инженеринг и синтетичката биологија доживуваат процут, со себе секогаш повлекува низа етички недоумици. На пример, дали би било оправдано, дури и пожелно, државите да им наметнат обврска за генетички скрининг на поединците, а потоа да ја стимулираат прокреацијата на исклучително генетски „исправните“ индивидуи? Или, дали би требало да се забрани вообичаениот метод на зачнување и луѓето да се упатат на вештачко оплодување? Денес, во таа процедура е можна лекцијата на „супериорните гени“.

- Граѓанска обврска на поединците е со создавањето на потомството да придонесат за опстанокот на заедницата.

Од аспект на етиката, таквиот аргумент е неприфатлив, особено од аспект на жените, затоа што ги претвора во машини за раѓање. Освен што ја ограничува слободата на поединците да изберат дали ќе имаат деца или не, имплицира уште еден начин кој допира во личната, „телесна“ слобода. Имено, опстанокот на заедницата може да го загрози и прекумерната прокреација. Дали во таков случај државата би требало да го санкционира раѓањето?

- Родителството ги прави среќни родителите. Следствено на тоа, го прави светот подобро место.

Така вели интуицијата. Академските истражувања за личното доживување на среќата и самопроценетото општо задоволство од животот тврдат нешто друго: дека родителите се подеднакво или помалку среќни од луѓето кои немаат деца.

Едно од најцитираните истражувања на оваа тема, студијата на американскиот когнитивен психолог (и добитник на Нобелова награда за економија) Даниел Канеман, покажало дека чувањето деца е на дното од листата на активности што причинуваат задоволство. Според резултатите од опсежната анкета и серијата интервјуа кои ги спровеле тој и неговите соработници на примерок од 909 вработени жени од Тексас, вработените мајки повеќе уживаат во низа други, дури и не толку забавни активности: готвење, гледање телевизија, вежбање, зборување на телефон, дремење, купување. Една од ретките активности кои им донесуваат помалку задоволства од директното чување на децата е чистењето; во случајот на мајки со повеќе деца, и тоа може да се чита како „чистење по децата“.

Зошто луѓето, сепак, раѓаат деца?

Затоа што (погрешно) проценуваат дека со тоа ќе се направат среќни себеси и своите потомци.

Истражувањата на цитираниот Канеман, како и низа когнитивни психолози и бихејвиорални економисти, сугерираат дека човечкиот ум „страда“ од она што психолозите го нарекуваат „вродена оптимистичка пристрасност“. Без да сме свесни за тоа, за себе предвидуваме нереално розеви животни исходи (ќе бидам среќна во бракот; нема да се разведам; ќе имам убави и умни деца; ќе бидам компетентен родител; ќе умрам „здрава“, т.е способна да се грижам за себеси и нема да зависам од другите...), припишувајќи им далеку поголема веројатност отколку што би го направиле тоа кога би се раководеле со реални статистички показатели.

Освен вродениот оптимизам, когнитивните психолози откриле дека нашите размислувања за страдањето и среќата се обоени со специфична асиметрија, олицетворена во двојните стандарди со кои ги мериме задоволството и страдањето.

Да замислиме две хетеросексуални двојки. Двојката „А“ ја сочинуваат двајца млади, здрави и богати луѓе. Доколку би имале деца, би можеле да им ги овозможат најдобрите играчки, облека, училишта... Сепак, тешко дека кој било рационален човек би тврдел дека тие имаат морална обврска да остават потомство.

Наспроти нив е двојката „Б“. Тие се млади и богати, но двајцата носат изразено детриментална мутација на ист ген. Доколку добијат дете, неговиот живот ќе биде исполнет со страдање. Во случајот на оваа двојка, голем број рационални поединци би тврделе дека тие имаат морална обврска да не остават потомство.

Хипотетичкиот случај на двете двојки покажува дека на задоволството и страдањето гледаме значително различно: Пропуштената среќа и задоволството на нероденото дете не ја сметаме за загуба во онаа мера во која избегнатото страдање на нероденото дете го проценуваме како бенефит.

Таквата мисловна вежба носи интересен, иако интуитивно застрашувачки генерален заклучок дека, во секој случај, е покорисно да не се создава потомство. Имено, дури и најдобрите од можните животи ќе бидат комбинација од задоволство и страдање. Пропуштеното задоволство, во однос на нероденото дете, на ниту еден начин не го погаѓа вистинскиот поредок на нештата во светот. Од друга страна, секое новородено дете барем минимално ја зголемува апстрактната вкупна количина на глобалното страдање.

Дали сето ова значи дека луѓето имаат деца затоа што се ирационални; затоа што прават грешки во мислењето и донесувањето на заклучоците?

Родителството во контекст

Можно е со интерпретација да се ублажат наодите на Канеман и низата слични студии. Би можеле да речеме дека тие не зборуваат дека родителството ги прави луѓето несреќни, туку дека наспроти интуицијата и очекувањата, не ги прави среќни. И покрај тоа, прашањето е колку овие истражувања можат да кажат нешто за родителството „per se“; далеку поверодостојно е дека кажуваат нешто за родителството во актуелниот контекст. Веројатно оттаму е и следната правилност во собраните емпириски податоци: мајките се помалку среќни од татковците; самохраните родители се помалку среќни од двојките кои заедно ги одгледуваат потомците; родителството е најдосадно, најнапорно и има најголеми барања во периодот кога детето е новороденче и кога почнува да оди.

Колку и да звучи грубо, пред урбанизацијата, децата биле економски ресурс на своите родители. Дури и денес, ако живеете на фарма, добро ќе ви дојде неплатената помош на поголемиот број членови во семејството. Урбанизацијата и економскиот просперитет ги измениле и нашите морални начела. Едноставно, на детството гледаме како на период на заштитеност и привилегии, а на родителството како на процес на усовршување на потомците.

Ова особено важи за средната или повисоката средна класа. Детските психолози пресметале дека децата кои имаат мајки со диплома за основни или академски студии – зборуваме за индустриски развиениот дел од светот – поминуваат најмалку пет часа неделно во таканаречените организирани активности (активности наменети за „усовршување“ на децата). Кога станува збор за децата на работничките, ова време е за три пати пократко, но лонгитудиналните студии покажуваат тренд на приближување.

Податоците за инвестирањето во родителството можат делумно да ги објаснат „тајните исповеди“ на образованите, социоекономски етаблираните жени и одговорите на прашањето зошто мајчинството ги прави незадоволни. Нештата стануваат појасни ако се земе предвид и фактот дека товарот на поинтензивното родителство и концентрираното воспитување (практика на структуирање на активностите на детето, за да се забрзаат неговите физички и интелектуални капацитети) не е рамномерно распореден на двата родители. Иако тие со своите партнери се рамноправно присутни на пазарот на работната сила, жените носат диспропорционално поголем товар за грижата над децата. Оттука е чувството за губењето на автономијата. За сè да биде уште покомплицирано, тие истовремено чувствуваат дека не им се посветуваат доволно на своите деца.

Неусогласеноста помеѓу барањата, кои пред современата жена ја поставуваат професијата и родителството, може да се објасни не само со податокот дека мајките во просек се помалку среќни од татковците, туку и емпирискиот наод дека жените се помалку задоволни во бракот во однос на своите партнери. Кога психолозите Кит Кембел и Џин Твинџ ја направиле метаанализата, безмалку стотина студии на тема „родителството и брачната среќа“, објавени помеѓу 1975 и 2003 година, дошле до податокот дека во набљудуваниот период, негативната корелација помеѓу децата (и нивниот број) и задоволството во бракот станувала сè посилна. Со други зборови, иако доаѓањето на свет на детето секогаш било фактор за структурна нестабилност на семејството/бракот, со текот на времето неговиот ефект е сè поизразен.

Дали искуството на родителството може да се направи помалку штетно во однос на личното доживување на среќата и општото задоволство во брачниот живот?

Постои дел од индустриски развиениот свет во кој не важат цитираните податоци и трендови. Значи, Скандинавија.

Податокот дека Скандинавците кои имаат деца се посреќни од своите сонародници кои немаат деца, т.е дека родителството ги прави Скандинавците посреќни, на светот непланирано му го откри американскиот истражувач со данско потекло, Ханс Колер. Како демограф, првенствено го интересирале причините за падот на фертилитетот во Европа. Обидувајќи се да објасни зошто скандинавските земји немаат проблем со негативниот прираст на населението, дури и кога тоа ќе се спореди со поконзервативните европски нации, кои повеќе полагаат на традиционалното семејство и неговите вредности, дошол до заклучок дека не се работи за економската сила (според економските параметри, скандинавските земји не се толку далеку од останатите европски земји) ниту за приливот на емигранти од културите со поинакви репродуктивни обрасци (и останатите европски земји ги имаат). Како клучна се покажала социјалната сигурност, односно развиеноста на државите како социјален сервис на граѓаните.

Благодарение на едногодишното платено родителско отсуство, скандинавските родители имаат време за приспособување кон промените кои ги донесува раѓањето на детето, при што тие во исто време се лишени од сериозните финансиски грижи. По истекот на едногодишниот период, благодарение на одличната мрежа на детските градинки, финансирани од државните пари, родителите не мораат самостојно да трагаат и обемно да ја финансираат грижата на детето по враќањето во професијата. Додека расте детето, прашањето за неговото здравствено осигурување и школување не мора да се најде на дневен ред; и едното и другото се гарантирани и бесплатни.

Истражувањата и пресметките на Ханс Колер го инспирирале Канеман да ја повтори студијата со вработените жени од Тексас. За да ја тестира хипотезата за позитивната корелација помеѓу државите како социјален сервис и задоволството во родителството, ја применил истата методолошка постапка на два примероци со вработени жени од два слични града според демографските карактеристики: Колумбус (Охајо) и Рен (Франција). Бидејќи жените од двата примероци биле слични според релевантните карактеристики, како најбитна варијабла фигурирале разликите помеѓу францускиот и американскиот систем на социјална заштита. Резултатот е: Французинките се позадоволни со искуството во мајчинството во однос на Американките со слични социо-демографски карактеристики.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото