Грди овошја

24.08.2013 08:15
Грди овошја

Не страдаат само човечките тела од стандардите на убавината, совршенството и правилноста. Едно истражување во Германија покажало дека речиси 40% од овошјето и зеленчукот завршуваат на отпад бидејќи нивниот изглед не одговара на стандардите. Иако ваквото овошје и зеленчук е здраво, односно хранливо колку и она визуелно привлечното, луѓето избегнуваат да го купуваат, па така и некои трговски ланци воведуваат свои стандарди и не ги откупуваат примероците со необични облици. Деформираните моркови, искривените лимони или тиквичките со нерамномерна боја вака завршуваат како добиточна храна или од нив се прави компот.




Џакомо Блум, Мориц Глуке и Даниел Плат се студенти на одделот на визуелни комуникации на универзитетот Баухаус во Вајмар кои се одлучиле да го вратат неправилното овошје и зеленчук на трпезите. Нивната компанија Ugly Fruits (Грди овошја) прикажува привлечни фотографии од непривлечно овошје и зеленчук, предлози за како тоа би можело да се продава во специјализирани продавници или во контејнерите за отпад на локалните саеми. Целта на овие навидум претерани мерки е да се натераат сограѓаните да ги промислат своите конформистички навики и да претстанат да ги отфрлаат несовршените производи на природата. Факт е дека кога би биле подготвени да ги купуваме и овие примероци, со денешното ниво на производство би имале 40% повеќе храна на располагање, а со самото тоа и цената би опаднала. Сите би требале да размислат за ова кога наредниот пат ќе се упатат во супермаркетите или на пазарите.



Извор: Spiegel

ОкоБоли главаВицФото