Игротека на духови

24.08.2013 10:03
Игротека на духови

Во обид да го привлече вниманието и на најмладите, Музејот за современа уметност во Токио претстaвува летна изложба за деца наречена „Духови, гаќи и ѕвезди“ (Ghosts, underpants and stars), а архитектите од компанијата Торафу (Коичи Сузуно, Шинија Камуро) за потребите на изложбата создадоа неверојатна и креативна Куќа на духови. Оваа „проколната куќа“ е галерија од слики и предмети кои на прв поглед се чинат сосема обични, но набрзо станува јасно дека кријат (не)пријатни изненадувања.

Концептот Куќа/Игротека на духови ги предизвикува познатите постојни перспективи и норми, создавајќи простор каде правилата се прекршуваат, а децата се охрабрени да трчаат, врсискаат и да ги допираат предметите, односно да го праваат сето она што обично е забрането во галериите и музеите.

Кога ќе влезете во музејот најпрво ништо не ви се чини чудно, неколку познати дела висат наоколу, но набрзо започнува да се менува перспективата и сè започнува да се движи. Очите на портретите се помрднуваат лево-десно, пар раце изглегуваат од лицето на Мона Лиза и ја менуваат сликата, главите на портретите се вртат во круг, додека децата со олеснување стануваат свесни дека ова не е само уште еден досаден музеј.

Преку тајниот премин се доаѓа до Собата на изненадувањата, каде што малите посетители можат да ги заменат улогите и самите да станат приредувачите на забавните шеги, да интервенираат во ремек-делата и интерактивно, низ игра, да учествуваат во поставката на изложбата.

По разгледувањето на просторијата во која се откриваат тајните на Игротеката на духовите, посетителите завршуваат на Мостот на очите, каде што за крај ги чекаат – многу очи кои лебдат во воздухот!

Во проколнатата куќа, настаната според идејата на архитектите од Торафу, ништо не е како што се чини, а забавното искуство ги тера младите посетители да се тресат од страв и возбуда, а оние постарите да посакаат повторно да бидат деца.











 

 







Извор: Wired

ОкоБоли главаВицФото