Франко во фрижидерот

24.08.2013 13:05
Франко во фрижидерот

На почетокот сè беше во ред. Еухенио Мерино веднаш продаде три копии од својата скулптура „Франко засекогаш“ и тоа по цена од 30.000 евра за парче. Се работи за скулптура од силикон, која го прикажува поранешниот официр и диктатор Франциско Франко во природна величина затворен во стаклен фрижидер – сличен на оние во кои обично се продава кока-кола или други освежителни пијалаци. „Го ставив во фрижидерот бидејќи мислам дека тој е всушност сè уште многу свеж. Тој е сè уште многу присутен во нашето општество“, вели 37-годишниот уметник.

Во меѓувреме, од смртта на Франко поминаа речиси 40 години, но дело како ова во Шпанија сè уште предизвикува жестоки реакции и бурни чувства. Од една страна, Мерино добил многу позитивни критики и пофалби за храброста, но, од друга страна, се соочил и со исто толку осуди и навреди од конзервативно-десничарскиот дел од општеството. Судирот кој настанал, како и новите бурни јавни дискусии само покажуваат дека Шпанија уште не го има пронајдено вистинскиот начин за соочување со минатото поврзано со периодот на диктатурата на Франко – од крајот на граѓанската војна во 1939 година па сè до неговата смрт во 1975 година.

„Уметниците кои ја фалсификуваат историјата...“

„Засекогаш Франко“ за прв пат беше претставена пред јавноста во 2012 година, на уметничкиот саем АРКО. Набрзо потоа, Националната фондација „Франциско Франко“ поднесе тужба против уметникот и бараше оштета од 18.000 евра заради „клевета против поранешниот шеф на државата“. Во јули 2013 година, тужбата беше одбиена со објаснување дека станува збор за „уметничките слободи“. Меѓутоа, Фондацијата поднесе желба протов пресудата. „Тие левичари кои се нарекуваат уметници и писатели страдаат од сериозни проблеми“, изјави Жаим Алоносо, потпретседателот на Фондацијата и додаде дека тие ја „фалсификуваат историјата“. „Тие веруваат дека можат да нè уверат дека за 40-те години од владеењето на Франко немаше ништо друго освен едно лошо време, исполнето со прогони“, вели Алонсо. Националната фондација „Франциско Франко“ делува со цел, како што наведува Алонсо, „да го одбрани достоинството на трудот и идеологијата“. Според неговото мислење, режимот на Франко не бил фашистички, ниту репресивен.

Меѓутоа, историчарите имаат поинакви мислења. Некои од нив, меѓу кои е и биографот на Франко, Пол Престон, проценуваат дека воените сили на поранешниот диктатор во текот на граѓанската војна убиле најмалку 150.000 цивили. Во споредба со ова, силите на републиканците се релативно „безопасни“. Од нив настрадале околу 50.000 цивили.



Длабокиот раздор во шпанското општество

И двете спротивставени страни во спорот околу силиконската скулпура се длабоко огорчени поради начините на кои Шпанија се однесува кон минатото и кон сеќавањето за Франко. Алонсо и неговите истомисленци сметаат дека тој е неправедно прикажан како чудовиште. Наспроти нив, Мерино смета дека Шпанија сè уште не го пронашла вистинскиот начин за справување со наследството на Франко и дека во таа смисла, сè уште „не го пронашла својот мир“.

„Шпанија има еден голем проблем. Се работи за тоа дека во другите земји диктаторите извршија самоубиства или беа линчувани. Но не и овде. Франко мирно почина во својот кревет и никогаш не беше суден. Само што не може едноставно да се каже: ‘Тоа никогаш не се ни случи’, со оглед на тоа дека навистина многу работи се случија, вели Мерино.

Тој потсетува на уште еден пример: во 2010 година еден познат судија, Балтазар Гарсон започна истрага на злосторствата од времето на диктатурата на Франко. Судијата на крај беше осуден и суспендиран, затоа што наводно „ги злоупотребил положбата и овластувањата“.

Конечно, мора да се направи нешто повеќе

Шпанското соочување со минатото е една од промените која започна во 1970-те години и е многу тешка тема. Социјалистичкиот премиер Хозе Луис Запатеро, чиј дедо (републиканец) загинал во борбата против Франко, во 2007 година се обиде за прв пат да ја разреши оваа тема од правен аспект, со воведување одредени закони. Тој донесе закон за „морално обесштетување“ со кој на жртвите им се пружа прилика да добијат оштета. Според овој закон, од сите јавни места во Шпанија треба да исчезнат симболите и скултурите на поранешниот диктатор и да бидат променети имињата на улиците и плоштадите кои дотогаш го носеле неговото име.

Според мислењето на претставниците на десничарските политички струи, овој закон „внел непотребен немир“ и минатото го прикажал во „негативно светло“. Но според мислењето на левичарите, овој закон е и премногу благ. Еден од советниците на Запатеро во однос на ова прашање, историчарот Хозе Алварез Јунко дури и смета дека тие обиди сепак биле „премногу внимателни“. „Мора да се направи многу повеќе – особено кога станува збор за ексхумацијата на оние кои никогаш не биле погребани на соодветниот начин. Нивните тела се сè уште во масовните гробници покрај патиштата“, вели Јунко.


Имињата на улиците и плоштадите сè уште го носат името на Франко

И покрај законот кој го забранува тоа, во Шпанија можат да се најдат многу улици и плоштади кои го носат името на поранешниот диктатор Франко или оние на неговите официри. Најпознатиот пример за тоа е еден голем споменик, недалеку од Мадрид, како и Долината на паднатите (Valle de los caidos) каде што почива и самиот Франко. Овие два споменика веќе со години предизвикуваат дискусии во Шпанија.

Владата всушност се наоѓа пред тешка задача во која мора да пронајде рамнотежа – помеѓу признавањето на жртвите од една страна и опасноста од создавање контроверзии со десничарите од друга страна“, објаснува Јунко. Тој е сепак уверен дека во следните неколку години напнатоста ќе се намали. Преживеаните сведоци од граѓанската војна ќе ги има сè помалку, а за младите Шпанци, Франко нема големо значење.

Што се однесува до уметникот Еухенио Мерино, тој има намера и понатаму да „копа“ по темното минато на својата земја, без разлика дали тоа повторно ќе ги вознемири духовите или не. „Јас сепак можам да кажем што мислам. И за тоа се работи. Можам да го изразам своето мислење и она во што сум убеден, без разлика на сите видови притисок.“

Извор: Deutsche Welle

Слични содржини

Европа / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Стрип / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото