1029 hPa
86 %
-1 °C
Скопје - Пон, 20.01.2025 05:59
Bo јуни 1963 ce подготвував во Белград за патот во Јужна Америка, во составот на државна делегација, предвиден за септември. Требаше да шијам два костума, светол и темен, како и смокинг за посебно свечени прилики. Ми направија и лаковани чевли. Папилотка позајмив од еден пријател амбасадор, зашто немаше од каде да се купи. Co возбуда и страв помислував на тој далечен пат.
Откако се свршија тие подготовки, во јули отидов на одмор во Словенија, во Полјанска Долина. Се сместив во еден мал хотел со само дваесетина соби во село Турија. Да не ми биде досадно, ги зедов со себе потребните белешки, за да го пишувам одамна замислениот учебник по историја на македонскиот јазик.
Работата ми тргна неочекувано добро. Секое утро излегував по појадокот и преку бистрото рекиче се упатував во блиската борова корија. Таму најдов едно соборено стебло, згодно за седење, тетратката ја ставав на десното колено и така пишував. Таа моја книга е пишувана, значи, на отворено, на чист воздух, во проширена шумичка, при опоен мирис на тревки и боровина. Се надевам дека нешто од таа чиста убавина има преминато и во неа. Кога подоцна негаторите на македонскиот јазик напишаа цели десетици жолчни страници против неа, јас поради тоа имав право да речам: „Еве, фрлаат со кал на мојата бела зграда!“
Така работев претпладне, а навечер се дружев со двајца повозрасни луѓе од некоја фабрика во Нови Бечеј — мајстор Стево и мајстор Пишта. Таа фабрика обезбедувала во нашиот хотел места за летување на своите работници. Секоја вечер игравме преферанс со смешни унгарски карти, во кои пиковите се означени со тикви, а трефовите со желади.
Тоа утро пишувањето ми тргна посебно добро. Го завршив обемниот дел за граматиката. Ми остануваше до крајот на книгата уште краткиот осврт врз лексиката. Задоволен, околу ручек станав да се враќам полека кон хотелот. Во тој момент не можев да знам дека тој краток осврт ќе го напишам дури по повеќе месеци и дека дотогаш мојата книга ќе остане незавршена.
Штом стапив во малиот хол, управникот на хотелот ми јa соопшти возбудено веста дека Скопје е погодено од катастрофален земјотрес. Радиото во портирницата беше отворено и токму тогаш јави дека Љубљана испратила веќе таму не знам колку шишиња со крв за трансфузија. Останав како стаписан и занемен. Веднаш сфатив дека работата е многу сериозна.
Се спремив за враќање. Но првиот автобус за Љубљана минуваше овде дури во пет попладне. Лежев во креветот буден и се вртев постојано де на левата де на десната страна. Какви не мисли ми минеа низ главата! Нора, за среќа, не е во Скопје, но што е со другите?
Кога пристигаше автобусот, излегоа да ме испратат моите партнери. Тие го држеа и ми го подадоа мојот багаж. Me молеа да им пишам што поскоро на нивната адреса. Добриот мајстор Стево ми рече: „Професоре, да знаевме дека ова ќе се случи, немаше да ви даваме толку контри!“ Јас се насмевнав, а тој сигурно сети дека не згрешил и дека хуморот добро доаѓа во вакви моменти.
Вечерта на железничката станица во Љубљана имаше доста голема група луѓе. Дури кога влеговме во возот, видовме дека повеќето од нив се скопјани што како мене се нашле на летување, а сега сакаат што побрзо да се приберат. Утрото во Белград навлезе уште поголема маса. Тоа беше тажен воз, упатен кон еден разурнат град, во кој разговорот се водеше испрекинато, а молчењето просто тежеше. Имавме веќе и весници. Ги читавме вестите за настанот и проценките за човечките жртви и материјалната штета.
Кога стигнавме во Скопје, беше ноќ. Спроти некои одблесоци од градот се оцртуваше како скелет станичната зграда со цело едно урнато крило. Во градот не нè пуштија. Требаше некако да го минеме времето до утрото, до часот кога се дозволува движењето. Јас го послав весникот на тревата во скверот спроти станицата и се спружив. Одблесоците ту се намалуваа ту се засилуваа. Цела ноќ одекнуваа извиците на спасувачките екипи. Бевме тука, а одделени од градот и од најблиските во него, полни неизвесност и веќе како помирени со судбината.
Кога се раздени, тргнавме секој на своја страна. Јас стигнав брзо до куќата во која живеевме на улицата „Тенински комсомол“. Патем како да не забележував ништо јасно, како во некој сон да ги гледам урнатите и оштетените згради и оној лом по улиците.
Нашата куќа беше сериозно разнишана. Надворешниот ѕид од мојата работна соба се срушил во дворот заедно со бирото и рафтовите. Сето тоа беше испокршено, а меѓу циглите се гледаа купишта книги. Брзо се упатив нагоре до третиот кат по искривените скали. Вратата беше заклучена, а клуч однатре немаше. Малку ми лекна. Претпоставив дека моите родители се прибрале кај сестра ми Нада во Дебар маало.
Се упатив таму и навистина ги најдов. За среќа никој од нашите не настрадал. Веќе малку прибрана, мајка ми мислеше на најнеодложните работи. Се сетила дека во нејзиниот шифоњер под чаршавите има засолнато триесет илјади динари. Сега беше најважното тие да се приберат. Го зедов клучот и се вратив дома. Парите навистина ги најдов. Me праќаше мајка тие денови и по други работи што ѝ беа потребни. Иако земјава уште не беше смирена, ами по стотици пати се повторуваа помали или поголеми удари, јас не се плашев да се качувам по искривените скали и да влегувам во станот. Меѓутоа, со секој ден чувствував дека стравот од другите преминува и на мене и дека ме потчинува општата психоза, По неколку дена најдовме луѓе и го евакуиравме станот колку што можеше. На попречниот ѕид од мојата работна соба, лево, се гледаше однадвор обесена мојата карикатура правена од Цицо Поповиќ. He можевме да ја достигнеме. Неа ја спаси, не знам како, Трајко Стаматоски, којшто живееше во истата зграда. И еве ја сега во моето ново жилиште, да ме гледа дури го пишувам ова.
Дури по евакуацијата мајка се сети дека ја заборавила својата невестинска низа алтани. Но веќе беше доцна — којзнае кој ја прибрал. Триесетте илјади динари како да ги заслониле во нејзиното сеќавање алтаните што ги носела околу гуша на свадбата. Многу време се туфкаше мајка поради тоа: — Леле, леле. Што сторив слепа слепачка! Низата си ја чував за Hope! — Се смируваше, кога ќе споменевме што загубиле други. Но дури и сега, по повеќе од дваесет години, се случува да ги жалиме тие бесповратно загубени алтани.
Мажите од комшилукот кај сестра ми Нада веќе скрпиле на ширинката пред куќите нешто како натстрешница. Под неа беа густо наредени можеби дваесетина кревети. Тука легнавме да преспиеме. Како да тоневме на некој несигурен сплав во разбранетите простори на ноќта.
Еден млад брачен пар загубил десетгодишно дете. Се слушаше испрекинато липање на жената и постојаниот вџашен говор на таткото. Тој не може да запре. Тој мора постојано да ја раскажува случката и ја повторува пак и пак и пак, како да сака со тоа повторување да си ја претстави сам себе како обична. Безнадежно потиснатото и повреденото дете велело: — Оставете ме мене. Мене не можете да ме извадите. Спасете го бате! — Преморен, заспивам, а тоа кажување ми го определува ритамот на сонот. Којзнае до кога тоа продолжувало во таа грозоморна ноќ.
Утредента претпладне решив да појдам во Клубот, сметајќи дека таму најлесно ќе се вклучам во новата ситуација. По пат, во Железничката колонија, го сретнав случајно пред една порта, Лав Лозински. Тој ми објасни дека тука живее татко му, a јас самиот знаев дека тука живее и неговата прва жена. Лав беше свил ново семејно гнездо, но во маката го побарал и старото.
Bo бавчата на Клубот заварив голема врволица. Бавчата беше претворена во центар на републичките установи. Под секое дрво беше сместено по едно министерство. Го паметам чичо Мито Димитриевски, во својство на висок државен функционер, седнат на масата под еден орев, на кој беше закачен натпис со називот на установата и го прашав што треба јас да правам. Очевидно, тој го разбра погрешно моето прашање, мислејќи дека бapaм за себе некоја привилегија, и ми одговори отсечно: „Секој треба сам да се снаоѓа“. Сретнав и некој од колегите којшто ми соопшти дека другиден во десет претпладне ректорот свикува во бараката на Земјоделско-шумарскиот факултет состанок, на кој ќе се расправа што ќе биде со Универзитетот. Треба да се соберат професорите што се моментално во градот. Ако сум видел или ако видам некого, да му го пренесам ова. Како што веќе споменав, јас го бев видел дотогаш само Лав Лозински.
За Cвoja среќа во бавчата на Клубот го сретнав и Тени Колемишевски, одговорен за внатрешни работи во градот.
— Кај си сместен, Блаже? — ме праша тој.
Јас му објаснив. Тени ми рече дека е најдобро да се јавам кај него во градскиот штаб на помошното игралиште кај стадионот. Тој ќе ми обезбеди шатор за спиење. Ја искористив таа понуда и уште тоа попладне се сместив во еден мал шатор, само за еден човек, во непосредно соседство со Тени. Животот на игралиштето пулсираше интензивно. Идеа и одеа луѓе по различни задачи. Засега тука се решаваа дневните потреби на тешко повредениот град. Најдо Стојменин-Орлов, некогашен дрвар од Неготино, па партизански командант и сега офицер на милицијата, беше задолжен да се грижи за закопот на загинатите. — „Види, Блаже, несреќата нè зближи сите, ми рече тој. — Но ќе мине ова и пак ќе бидеме истите и ќе се вратиме на старото: те зошто овој да има поголема плата од мојата! 'Те зошто оној да има поширок стан и поубава кола!“ Во тој човек имаше дух и мудрост. Многу ми беше жал, кога потоа дознавав за некои негови жестокости.
He можам уште да се одделам од мојот пријател Лав Лозински, професор по физиологија. Треба уште нешто да кажам за него. Го побарав да му соопштам за состанокот кај ректорот. Го најдов дури во дното на дворот, седнат на кревет под лозница. — Како знаеше каде сум? — праша изненаден тој. Сфатив веднаш дека ја заборавил нашата средба пред портата. — Ние те следиме каде и да одиш! — му реков. Тој се препали од тие зборови така, што дури ми стана жал. Подоцна ми расправаа дека од земјотресот, кога и неговиот мал стан бил оштетен, тој доживеал силен шок. Го виделе тоа утро на моторче, со рибарски прибор преку рамо. — Каде, Лаве? — На риба. He е чудно што во таква состојба, против сите граѓански конвенции; ги смешал, барајќи закрила, своите седела. Уште помалку е чудно што не се сеќаваше дека веќе сме се виделе.
Состанокот во бараката на Земјоделско-шумарскиот факултет се одржа во присуство на десетина души. Го водеше тогашниот ректор Кирил Миљовски. Беше присутен и одговорниот за републичката просвета. Тој ни соопшти решително дека Универзитетот треба да се дислоцира за да може да ја почне работата во другитe градишта, во нормални услови, уште оваа есен. Toгаш sе решив да земам збор јас. Го реков приближно ова:
— Ние сме сега длабоко засегнати од елементарната несреќа што го погоди Скопје. Но ние не треба да се предаваме на паника. Јас сум видел градови уште пострашно разурнати. Јас сум видел како изгледаа Киев и Варшава нспосредно по војната. И истите тие градови сум ги видел обновени само по десетина години, така што тешко можеа во нив да се забележат траги од урнатините. Треба да бидеме сигурни дека и Скопје ќе биде наскоро обновено. Co децении македонскиот народ настојувал да создаде свој културен центар. Тоа се постигна најпосле во овој град. Ние сега не треба непромислено преку ноќ да го растураме тој центар. Универзитетот треба да остане во Скопје и да ја продолжи својата работа во Скопје, па и по цена на помала или поголема пауза. Јас знам универзитети што и по цела година биле затворени дури и по политички причини, па сепак натаму, и покрај тие прекини, работеле успешно таму, каде што биле создадени.
-Тоа е дефетизам, тоа значи откажување од непосредната акција, — рече отсечно одговорниот.
Тогаш се случи нешто што ме изненади. Ректорот Миљовски просто му се внесе в лице и крајно возбуден му свика:
-Како смееш ти да се искажуваш така? Од каде ти тебе право да лепиш етикети? Овде секој може слободно да го изнесува своето мислење!
Мојата изненада дојде поради тоа што најдов толку решителна поддршка од еден човек, со кого инаку не еднаш сме се конфронтирале, се разбира, при секогаш присутниот заемен респект. Личноста на Кирил Миљовски доби тогаш многу во мои очи и јас не го заборавав никогаш неговиот настап.
Нашиот состанок мина без заклучок, но по два-три дена се собравме повторно и тогаш одговорниот со истата решителност ни соопшти, како од секогаш да стоел зад тоа: — Универзитетот останува овде! — Тој притоа не почувствува потреба да се извини ни со збор, a јас не почувствував потреба да барам извинување. Јас бев задоволен.
Сега главната грижа ми беше да се пренесе негде на сигурно место картотеката на речникот на македонскиот јазик, врз кој работевме веќе десетина години. Картотеката се наоѓаше во нашиот семинар во универзитетската зграда спроти Гранд хотел „Скопје“, каде што денеска се шири паркинг плац. Зградата беше оштетена, се јавуваше бојазан дека некој нов посилен удар може и да ја урне, a со неа да го закопа и нашиот речник.
Пак ми помогна Тени. Тој договори, материјалот да го прими архивот во Титов Велес и обезбеди џип за превоз. Картонските кутии ги пренесувавме една по една јас и два-тројца мои колеги од семинарот. Тоа значи дека требаше повеќе пати да влегуваме и излегуваме. Во тоа време стравот од затворен простор се беше веќе вгнездил во мене. Me држеше на штрек очекувањето дека секој час може повторно да стресе.
И така послабите удари беа чести. Сепак сè се заврши среќно. Седнав во џипот и се упатив во Велес. Таму ме чекаше нова силна изненада. По оние неколку кошмарни скопски денови и ноќи не можев да си претставам дека тука сосем близу, на само педесетина километри, животот се одвива нормално, како ништо да не се случило. Особено бев поразен, кога видов дека луѓето спокојно си ги чистат чевлите на улица. Ја кренале ногата на сандачето пред чистачот, ја завртиле малку ногавицата, и зјаат околу. Сепак ми се олесни на душата, кога најпосле ја видов сместена картотеката.
Вклучен веќе во дневните задачи, ми се чинеше дека уште доста денови ќе поминам во малиот шатор во соседство со Тени. Но тогаш се случи нешто, што го измени моето очекување.
Една ноќ, веројатно веќе по полноќ, ме разбудија гласови. Тие гласови ми беа добро познати и идеа од неколку другари на Тени, собрани кај него на разговор. Оној што го анимираше разговорот, раскажуваше за некои свои пресни љубовни подвизи. „Таа е ладна — велеше — ама барем не се преправа. Ја однесов синоќа на Водно — ја месев, ја месев, ја месев. Таа само молчи“. Се јави некаков коментар, но одеднаш беше прекинат со ненадејно прашање пак од добро познат глас: „Кој спие во овој шатор?“ Гласот на Тени одговори: „Блаже Конески.“ — „Што, зар и тој е тука?“ — праша пак прежниот глас. Почувствував во него една грда нота, што не ми даде долго да заспијам и откако друштвото се растури.
Утрото му се заблагодарив на Тени за гостоприемството и му објаснив дека морам да се преселам во Автокоманда, бидејќи е таму веќе организиран камп за универзитетските професори. Од разбирливи причини морам да бидам меѓу своите. Тоа звучеше сосем уверливо и Тени не возразуваше. Hе можам да не споменам овде дека ова мое дружење со Тени во земјотресот имаше и еден свој мал епилог. Кога во 1964 година се поведе акцијата против девијациите во органите за внатрешни работи, Тени беше посебно лут на некои луѓе од културата што се истакнаа со нападите. — Кој те прибра тебе, Блаже, во земјотресот? Кој ти даде џип да го спасиш речникот? Тие или јас што сум полицаец? — Јас му одговорив: — Ти, а не тие. Ако е потребно, ќе го потврдам тоа на секое место и пред секого!
Некако тие денови стигна веста дека во кумановската болница починал Горѓи Абаџиев. Веќе подолго време тој лежеше болен од неизлечива болест, а во земјотресот го беа евакуирале во Куманово. Се најдоа коли и неколцина членови на Друштвото на писателите појдовме да бидеме присутни на закопот.
Ковчегот го изнесоа во дворот на болницата и го отворија пред да тргнеме на гробишта. Ракот го испил толку покојникот што од оној крупен човек, каков што беше Ѓорѓи, останало смалено, ситно тело. Очајна и залипана, клечејќи на земи, сопругата на Абаџиев ја мазнеше долго неговата коса. Потоа малата поворка се упати накај гробиштата.
Гробот беше ископан, но гробарите, како да не можеле веќе да чекаат, ги оставиле лопатите и си отишле. Така Абаџиева и буквално го закопаа македонските писатели. Како сега да ми е уште пред очи Србо Ивановски со лопата в раце. Посмртен говор одржав јас. Тоа беше прв посмртен говор што го држев. За жал подоцна требаше повеќе пати да го совладувам тоа беседништво. Се сетив тогаш како и самиот Абаџиев еднаш ми раскажуваше за еден свој таков настап на гробишта. Словото му било напишано на мали ливчиња. Штом почнал да чита, како што ги држел лабаво, дувнал ненадејно ветрот и му ги одвеал. Мака голема!
Абаџиев беше меѓу нас најстрасниот планинар. Често го придружувавме Васил Иљоски и јас. Тој одеше напред, чистејќи го патот. Постојано подмижуваше — тоа беа негови тикови. Најславниот наш поход беше на Турчин. Одејќи како секогаш напред, тој успеа да нè втера во едни такви камењари, од кои можевме само погрбечки и помешечки да се извлечеме. Сепак тој беше и по тоа уште толку бодар, што се фрли жестоко да тепа со стапот една веќе отепана змија. Со ликот на Ѓорѓи остануваат за мене засекогаш сврзани нашите планини и оние нивни стрмнини, и оние падинки и оние рудини.
Отпрвин во Автокоманда бевме сместени во бараките на Земјоделско-шумарскиот факултет. Тоа сместување беше, се разбира, поудобно отколку она под шатори. Но нашата надеж дека тука ќе останеме подолго време брзо пропадна. Некои луѓе со особено развиена државнотворна смисла сметаа дека ние сме само пречка за правилното функционирање на деканатите, а тоа значи и на универзитетот. Ништо не вредеше што ние мислевме дека најважни се луѓето. Моравме да ѝ направиме простор на администрацијата, a самите се сместивме под шатори. Стана тоа добар камп меѓу зградите на студентските домови што постојано се зголемуваше со новодојдените. Се храневме во студентската менза. Елена Мацан, тогаш асистент по историја на уметноста, дојде еден ден да се понуди да им го пере вешот на своите колеги од факултетот. За среќа, немаше потреба од тоа, бидејќи во мензата имаше и перачки. Сепак нејзиниот генерозен гест треба да се забележи.
Бидејќи беше уште топло, вистинско лето, а немаше ни дождови, животот под шатори покажа и некои предимства. Нив ги почувствуваа пред сè женетите, што ги беа евакуирале своите сопруги и деца, па сега им се заслади вкусот на слободата. Меѓу нив се јави идеја, секоја година, по традиција, да се собира еден ваков камп негде на Скопска Црна Гора, за да се одбележува заедничкиот живот во земјотресот. Но и како многу други убави идеи, и таа остана нереализирана.
Во меѓувремето градот како да се соземаше. Тој ги прибира силите и, како болесник по тежок удар, се бори за секој здив. По неговите улици и кејови се обновуваат некои витални функции. Никнале импровизирани киосци и бараки. Можеш да добиеш скара и пијачки. Го пиеш полека своето пиво на кејот кај новиот мост и гледаш во Водно. Една тенка измаглица го крие ридот од твојот поглед и трепети на августовското сонце. Ти станува јасно дека онаа огромна прашина што се кренала од земјотресот до небесното кубе сега полека и бешумно паѓа долу и се таложи. Едно неделно попладне преку гласноговорникот во нашиот камп слушаме веќе радио-пренос од првиот фудбалски натпревар во градот пo земјотресот. Спикерот го забрзува темпото: центарфорот додава, десното крило вози, дрибла центрира, шут на голот! — Каква несреќа, драги слушатели, каква несреќа! „Вардар“ не даде гол!
Се воспоставуваа веќе и врските со светот. Во Градскиот парк пред ресторанот работеше поштенската служба. Одевме одвреме навреме да видиме да не дошло нешто за нас. Прво стигна писмо од Дорошевски. Се интересираше да му се јави како минале колегите. Од Варшава, тој знаеше што е разурнат град и што значат за настраданите изразите на симпатија. Од далечниот Ен Арбор професорот Фарел замерува што не му се уште пратени некои материјали и податоци, иако му било ветено. Очевидно, тој ништо не разбрал за земјотресот во Скопје. За нас тоа звучи речиси неверојатно, толку сме опфатени од својата несреќа, но сепак мораме да признаеме дека е светот голем и дека и тој има свои грижи. Бранко Русиќ, етнолог, прв му се обратил на тој голем свет за лични потреби. Огласил во „Политика“ дека живее под шатор во Градскиот парк, дека се условите тешки и дека ги моли своите научни пријатели да му помогнат. Досега само ќебиња му стигнале десетина, да не зборуваме за пратки со храна. Бранко е познат меѓу пријателите како стипца, па затоа се јавуваат меѓу нив приговори за достојноста на неговиот гест.
Се редат, се разбира, и дописниците и репортажистите. Една трага остави присуството на Синиша Пауновиќ. Тој се интересираше особено за Лазо Личеноски и Никола Мартиноски, но не можеше да не го побара ни Димитар Митрев, со кого го сврзуваше кумство. Од тоа видување произлезе еден поднаслов во „Политика“ за човекот што го преспал земјотресот. Тој човек би требало да биде Митрев. Долго време потоа ја потфаќаа таа тема идејните противници на Митрев на литературното поле, сакајќи со тоа да закрепат и една претстава за неговиот лик. Бидејќи автентичната верзија ја знам од самиот Митрев, сметам дека ми е должност сега да ја раскажам, за да исправам евентуално нешто од она што Синиша го прикажал недоволно јасно и прецизно.
Вистината гласи дека Митрев претходната вечер Седел до полноќ во Клубот на писателите и дека се напил малку вино. Но иако тој виното го сметаше за најарен седатив, дома, пред легнување, се напил и едно апче. Силниот удар во 5,18, се разбира, го разбудил, но точно е исто така дека тој не можел веднаш да се вклучи во ситуацијата. Прво што морал да, забележи е дека креветот му бил слизнат до средината на собата. Станал да погледа низ прозорец. Гледа долу — се скршиле шишиња со млеко, оставени пред продавницата, и млекото тече по тротоарот. Си помислил и дури се насмевнал на својата шеговита мисла: „Види, види, во социјализмот тече мед и млеко!“ Но бидејќи видел дека луѓето со трчање излегуваат од портите, и самиот така по пиџами заслегувал по скалите. Од спротивната страна видел дека се срушила зградата на Клубот на внатрешни работи. Првиот впечаток му бил дека целата бркотија станала поради рушењето на таа зграда. Јас секогаш сум мислел дека новите згради ги ѕидаат несолидно, — си рекол во себе. — Гледаш колку е цврста нашава стара зграда“. Дури тогаш забележал дека е напукната и куќата во која живее и дури тогаш му станало јасно што се случува околу него. He станува збор за преспивање на земјотресот, ами за секунди на неизвесност и несфаќање.
Сега, во овие августовски денови, бевме зафатени со важна и не лесна задача. Требаше да ја евакуираме централната универзитетска зграда, во тоја беше сместен и нашиот факултет. Особено беше важно да се извлечат библиотеките. Учествуваа сите што можеа и што беа присутни, фактички сите од нашиот факултет. Се забележа отсуството само на два-тројца млади луѓе. Се разбира дека тие биле ангажирани во екипата за снимање на документарен филм за Скопје. Си помислував дека некои луѓе откриваат за себе можности во секоја ситуација. Подоцна бев многу задоволен кога видов дека во еден кадар на нивниот документарец влегол и мојот покоен татко.
Без одлагање се вршеше не само расчистувањето на урнатините, ами почнуваше и обновата на градот. Бев особено импресиониран, кога гледав како на многу места обичните граѓани ги поправаат своите разнишани куќички. Минев пред портите каде што тие мешаа песок и бетон, и се чувствував во себе длабоко унижен. Тие не чекаат ничија милост, та не седат со скрстени раце, ами работат од утро до мрак да ги обноват своите седела. А што правам јас? Јас не сум способен со ништо сам да се заштитам, ами треба да се надевам на туѓо разбирање и поткрепа. Бев посрамен како да барам милостиња. Јас немам ни заштеда. Тогаш се јави во мене мислата дека треба веќе еднаш да станам богат, зашто од тоа зависи мојата самостојност што сега ја немам. Но никогаш не ќе ја постигнам таа цел. Очевидно дека и за тоа е потребна некаква способност.
Некои наши сограѓани во меѓувремето брзо сфатија како може најефикасно да се искористат поволните кредити што му се отпуштаа на Скопје. Најпростиот начин за некои беше да земат овде кредит со камата од еден на сто и да ги вложат истите средства во некоја банка во Ниш со камата од осум на сто. Пренамената на кредитите стана обична работа. Се разбира, не сите имаа можност да добиваат лесно кредити. Виден резултат на овие трансакции беше тоа што мнозина купија коли и возниот парк во градот нагло порасна. Раслојувањето, за кое ми зборуваше Орлов, еве почна. Остануваа во наследство тешки морални и материјални последици.
Ho се приближи септември и јас требаше сега непосредно да се соочам со моето патување во Јужна и Средна Америка. Во предвидениот час се префрлив некако до железничката станица и тргнав до Белград. Следниот или некој од следните денови, на самоти полноќ, полетавме со голем авион на шведската компанија. Првото спуштање ни беше дури во Либерија. Отаде ни остануваше уште само една етапа до новата престолнина на Бразил — градот Бразилија.
За жителот на кампот во Автокоманда почнуваше еден месец нов живот, полн сјај и изобилство. Дојдоа до израз смокингот и лакованите чевли. Водејќи под рака некоја дама, обично некоја полничка госпоѓа министерка, стапував со одмерен чекор во раскошните сали, каде што се приредуваа официјалните вечери. Во луксузните хотели ни сервираа сè што ќе посакаме. Требаше само да ставиме потпис на сметката. За мене беше лошо само тоа што одвреме навреме ќе ме жегнеше мислата дека пак верно ме чека шаторот во универзитетскиот камп. Но сега настапуваат есенски денови и ќе биде студено и кално, и поарно да не мислам како. Понекогаш грозата во мене се засилуваше од кратките соопштенија во весниците дека во Скопје пак се случил некој посилен удар. Бездушно е — протестирав во себе — да ме подлагаат на вакви огромни промени во кратко време.
Неминовниот час на враќање стигна. He можам да опишам како ми се стегаше срцето во спалната кола, сè посилно и посилно колку што се ближеше Скопје. Беше добро разденето кога пристигнавме. Го фатив автобусот за Автокоманда и се упатив со истата грутка на срце, со чело стегнато до студеното стакло на прозорецот.
Одеднаш, кога стигнавме до плоштадот и веќе вртевме, кого ќе го видам? Се разбира, кого друг ако не Волче Наумчески, на истото место и во истото време како многу пати порано, кога ме пречекувал да ми објаснува и да ме уверува дека сонцето е тврдо тело. Тој секогаш нешто бара и очекува од мене, а мене ми се брза на работа, во осум и петнаесет ми почнува првиот час.
Сето ова ми мина секавично низ глава, и јас одеднаш почувствував длабока релаксација, така што градите сами ми се раширија. — Што си се стемнил, — си реков — кога животот еве продолжува таму каде што запрел?
Сончевиот ден го поткрепи мојот оптимизам. Како да ме ослободува од тежината на луксузните хотели, заслужниот шатор во нашиот камп ме пречека приветливо.
Фотографии: Томислав Петернек
Извор: Блаже Конески - Проза, јубилејно издание, книга 3, Скопје: Култура, 1990.