„Убавината“ на моменталната, насилна смрт

26.08.2013 09:09
„Убавината“ на моменталната, насилна смрт

Знам, насловот е морбиден. Такво е и прашањето кое се подготвувам да ви го поставам.

Дали некогаш сте размислувале за тоа какво е чувството, односно како изгледа да се добие куршум во главата или да се загине во директен судир? Ако е така, залудно сте размислувале. Не можете да знаете, дури и да ви се случи нешто такво.

Постојат најмалку две причини заради кои човекот не може да ја почувствува и перцепира сопствената моментална, насилна смрт. Прво, затоа што нашиот мозок релативно бавно ги обработува информациите. Второ, заради начинот на кој се организирани нашите когнитивни функции, кои се одговорни за свесното искуство, и нивната интеграција.

Животот во минатото

Иако живееме со убедувањето дека светот го набљудуваме и доживуваме во реално време, тука и сега, науката го тврди спротивното. Сигналите низ сивата мозочна маса патуваат со брзина на еден метар во секунда. Со други зборови, на мозокот му е потребно одредено време за да „дознае“ што се случува. И покрај тоа, нашите автономни моторички системи реагираат на надворешните дразби значително побрзо отколку што му е потребно на кортексот од „собраните“ стимуланси да креира целосно, свесно доживување.

Да ја разгледаме автомобилската несреќа. Психолозите и невронаучниците кои се занимаваат со перцепцијата пресметале дека на човекот му се потребни помеѓу 300 и 500 милисекунди за да стане свесен за судирот. На прв поглед, изгледа дека тоа е многу кратко време. Меѓутоа, на автомобилските сензори за притисок им е потребна една милисекунда за да го детектираат судирот. Приближно 8,5 милисекунди подоцна, се активира системот со воздушните перничиња (airbag), но ќе помине уште толку време додека да дојде до контакт помеѓу заштитната перница и возачот. Ударот ја достигнува кулминацијата за приближно 50 милисекунди од првиот контакт помеѓу двете возила во директен судир, а прилижно 20 милисекунди претходно телото на патникот се поместува naназад, кон средината на автомобилот. За авто-инженерите, тоа е крајот на судирот. Значи, преостануваат уште најмалку 230 милисекунди додека личноста да стане свесна за настанот, и тоа под услов да била врзана со сигурносниот појас и да се активирала airbag заштитата. Во спротивно, не постои шанса информацијата за несреќата да биде обработена во мозокот на учесникот во судирот.



Нема мозок, нема свест

Иако, би можело да се каже дека целиот човечки мозок учествува во креирањето на свеста за околината, постојат делови во мозокот кои ја играат клучната улога во тоа. Нивното оштетување резултира со губење на способноста за перцепција. Тоа се: фронталниот кортекс, односно фронталниот лобус, надлежен за внимание и краткорочна меморија; таламусот, кој управува со свеста и будноста; темпоралниот гирус (тој го раздвојува темпоралниот (слепоочен) лобус од горната страна во однос на фронталниот (челниот) и париенталниот лобус), кој е клучен за осмислување на примените слушни дразби, односно перцепцијата; хипокампусот, структура која е од пресудна важност за помнењето и забележувањето на просторот. Повредата на фронталниот кортекс и таламусот доведува до состојба на кома.

Секоја повреда на мозокот не мора да има толку катастрофални последици. Зависно од обемот на повредата, свеста може да остане недопрена доколку малиот мозок е целосно сочуван.

За воља на вистината, науката нема одговор на прашањето што точно е свеста, како од деловите може да се конструира целосно доживување кое го опишуваме со зборовите „чувствувам“, „доживувам“, „знам“... Знаеме дека е фрагилна, дека „престојува“ во мозокот и дека, зависно од масивноста на неговата повреда, може да остане делумно зачувана или целосно да исчезне; значи, свеста не е „сè или ништо“. На пример, посилен удар во главата може да предизвика потрес на мозокот и моментално губење на свеста која, дури и без интервенција, постепено се враќа. Но, доколку два автомобили се движат со голема брзина и директно се судрат, патникот што не е врзан со сигурносниот појас ризикува со главата да удри во контролната табла толку силно што мозокот може буквално да се помести, удирајќи во коската, која може да го згмечи... Не може да се има свест за таков настан; оној на кого ова може да му се случи не може да перцепира што му се случило.



Куршум во мозокот

Што се случува кога куршумот ќе стигне во мозокот? Има повеќе сценарија. Нас нè интересира фаталното, она кое се однесува на морбидното прашање од почетокот на текстот. Она кое е невозможно да се перцепира.

На патот до мозокот, истреланиот куршум во главата најпрвин ја допира косата, кожата и мускулите, за да стигне до некои од осумте коски на черепот, кои ја сочинуваат цврстата заштита на мозокот. Иако нивната густина е голема, коските на черепот не се пречка за зрното кое патува со околу 900 метри во секунда. Ќе направи отвор во коските, ќе ја пробие меката ткивна заштита на мозокот и ќе стигне до цереброспиналната течност. (Таа има две важни улоги: најпрвин, мозокот буквално лебди во течноста, што го прави „лесен за носење“, така што никој од нас не е свесен дека на вратот носи товар чија тежина изнесува приближно еден и пол килограм; второ, цереброспиналната течност има улога на амортизер – го спречува мозокот да се помести и да удри во черепот по ударот)

Најпосле, куршумот доаѓа до мозокот. Но, се движи со поголема брзина од онаа со која се кине мозочното ткиво, така што буквално го турка и растегнува, правејќи си пат. Зависно од типот на оружјето со кое е истрелан куршумот, тој може да ја напушти главата, а притоа, мозочното ткиво сè уште да не биде скинато. Кога веќе ништо не го турка напред, подеднакво брзо ќе почне да се враќа назад до дупката која ја направил куршумот во главата.

Зборуваме за делови од секундата, а многу работи веќе се случиле. Повредата на префронталното ткиво ви ја одземала моќта да ги обработите информациите; уништувањето на хипокампусот ве оневозможува да формирате меморија.

Куршумот во главата не мора да значи смртен исход. Ако не ја пресече средишната линија на мозокот во длабочина, шансите за преживување се 30 проценти, но половината од преживеаните умираат во наредните 30 дена. Повеќето од оние кои го преживеале и тој критичен период, не знаат што им се случило. По оштетувањето на мозочното ткиво не биле во состојба да го перцепираат настанот и да формираат мемориски запис за него.

Значи, смртта по истреланиот куршум во главата може да настапи во дел од секундата. Заради споредба, ако ме погоди куршум во срцето, притисокот наеднаш ќе ми опадне, но до гаснење на мозокот ќе поминат уште петнаесет секунди – доволно време за да бидам свесна за настанот, дури и да ги изговорам последните зборови. Периодот од 15 секунди е доволен и да размислам за настанот.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото