1022 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 12:59
На четириесет минути возење југозападно од Будимпешта се ноаѓа Фелшут, на прв поглед типично унгарско цело со уредни куќички на двете страни од долгата главна улица. Но невообичаено за унгарските провинции, овде владее манична градежничка активност. Приватното обезбедување ја надгледува армијата луѓе со заштитини шлемови, булдожери и кранови кои неуморно работат во топлината, довршувајќи ја изградбата на огромниот фудбалски стадион кој се издигнува над селските градини и бавчи.
Тука има и шест помошни терени, како и „фудбалска академија“ именувана по унгарскиот фудбалски светец, Ференц Пушкаш, мајсторот од Реал Мадрид од 1960-те.
Селото со 1.800 жители делува како чуден избор за ваква инвестиција. Но Фелшут е и родното место на Виктор Орбан, моќниот премиер на Унгарија, кој е фудбалски фанатик и благодарение на новите закони кои ги воведе тој, ваквите инвестиции станаа возможни.
Мегаломанија? Суетен проект? Или само уште еден аспект на вртоглавиот ритам на промените во Унгарија откако Орбан и неговата партија Фидеш освоија убедлива победа на изборите пред три години?
Орбан донесе нов устав и повеќе од стотина нови закони во Унгарија – понекогаш и по еден дневно- вклучувајќи ги и промените на даночните политики, со кои сега инвестициите и спонзорирањата во спортството се третираат како даночни олеснувања.
Резултат на сето ова е благосостојбата во селото во кое пораснал, каде што сè уште се наоѓа неговата семејна куќа. Според извештаите на два независни медиумски извора, минатата година приватните вложувања во фудбалските проекти во Унгарија изнесувале околу 6 милијарди форинти (околу 20 милиони евра). Запрепастувачкиот податок е дека речиси половина од таа сума завршила во селото на Орбан.
Оваа великодушност сугерира дека унгарските бизнисмени се сосема подготвени да му удоволат на својот моќен премиер кој ја ужива поддршката на гласачите за која другите политичари во Европа можат само да сонуваат, но за кој се смета дека го злоупотребува својот мандат за да воспостави систем на перпетуирање на неговата лична моќ.
„Очигледни се тенденциите на концентрирање на моќта во неговите раце и фактот дека тој самостојно одлучува за сè“, вели Петер Молнар, активист за граѓански права и поранешен близок соработник на Орбан. „Тоа сериозно ја нарушува демократијата во Унгарија. Ги промени нештата за да ја приграби сета моќ за себе.“
Но унгарскиот лидер не е осамен во источна и јужна Европа, каде доминираат демократски избрани популистички лидери кои ја користат силата на државата и низ инструменти за заплашување на неистомислениците ја демонизираат опозицијата, ги ограничуваат медиумите и го уредуваат системот според своите потреби.
Во Русија и во Турција, две поранешни големи империјални сили во источните и јужните делови на Европа, претседателот Владимир Путин и премиерот Реџеп Таип Ердоган агресивно ги прогонуваат своите противници, ги апсат и им судат, рутински употребувајќи насилство во задушувањето на мирните протести. И двјацата се многу популарни и доминираат со националната политика на своите земји.
Во Романија минатата година, премиерот Виктор Понта се обиде да изведе, како што беше оценето, уставен удар, за да го отфрли и обвини својот ривал и непријател, претседателот Трајан Басеску. Не му успеа.
Во Прага, претседателот Милош Земан се обиде да ја искористи кризата во владата за да ја наметне својата моќ. Чешка е парламентарна демократија со кабинетска влада, но кога владата падна поради корупциски скандал во јуни, Земан именуваше еден свој близок соработник за технички премиер.
Парламентот се побуни и пред неколку недели изгласа недоверба во Земан, за потоа кабинетот да поднесе оставка, со што беа создадени услови за предвремени избори со кои ќе се разреши оваа криза.
Со исклучок на Русија, каде демократските стандарди се далеку послаби, сите овие лидери гладни за моќ се избрани со демократско гласање и сите водат сметка да постапуваат во склад со законите. „Мислам дека тој верува во слободни и праведни избори, но системот кој сега го гради делува директно против тие принципи“, вели Акош Марој за тактиките на Орбан. Тој е експерт и активист за кампањите за слободни информации во центарот за истражувачко новинарство Атлатсо.
„Орбан е вистински мајстор и умее да ги претстави како формално легални нештата кои ги прави, дури и кога е очигледно дека го злоупотребува законот“, вели Молнар, кој додека студирале право во 1980-те делел и соба со Орбан, со кој ја основал Фидеш со 1988 година, една година пред падот на комунизмот во регионот. Ја напуштил партијата во текот на 1990-те.
Сите овие земји политички многу се разликуваат, но нивните моќни лидери неверојатно слично и често прибегнуваат кон идентични тактики. И Орбан и Ергдоган и Путин се на чело на политичките партии, односно на елитите кои се многу фокусирани на доминантните лидери.
Молнар го опишува пристапот на Орбан кон јавните политики на овој начин: „Дозволена е многу ограничена расправа, но тој ќе биде оној кој ќе пресуди, уверен дека го прави тоа за доброто на својата земја“.
Како и Путин и Ердоган, и Орбан ја сфаќа политиката како игра во која победникот добива сè. Сите тројца ги напаѓаат своите противници како ексремисти и предавници. Во пресметката со своите критичари, тие предизвикуваат параноја поради заверите организирани од странство, без разлика дали искрено веруваат во нив или едноставно ги користат како популистичка тактика. При жигосувањето на противниците како непатриотски марионети на странските сили редовно се користи националистичката реторика.
„Се води антиугнарска кампања“, тврди Енико Гиори, унгарската министерка за европска политика. „Странските компании одат во Брисел да се жалат за новите даноци. Некои во Европа велат дека го намалуваме степенот на демократија. Тоа не е вистина. Но нашиот нов устав, со брзите реформи и новите закони, во Европа се смета за политички некоректен. Нашите критичари зборуваат глупости и тоа во Унгарија предизвикува антиевропски чувства.“
Таа го смета Орбан за лидер со визија посветена на обновата на унгарската улога во регионот и на запирање на долгиот процес на национално пропаѓање. „Никој не сака да ги менува границите во Европа, но ние сакаме да преживееме. Долготрајната визија е преживувањето на унгарскиот народ, а за тоа ни се потребни повеќе деца. Бројот на населението опаѓа. Тоа е ужасно. Застрашувачко. Ако сакаме да преживееме во карпатскиот басен, ако сакаме овие луѓе да опстанат, можеби ни се потребни повеќе Унгарци. Треба да ги охрабриме луѓето да веруваат дека тоа е добра работа.“
„Кризното управување бара брза, одлучна акција. И токму тоа и го прави нашиот лидер“, вели Балап Орбан, експерт за уставно право во провладиниот истражувачки институт Зазадвег. „Тој е пример за источна Европа. Способен е за многу нешта кои другите европски лидери не можат да ги направат.“
Со дветретинско мнозинство во унгарскиот парламент, практично сведено на машина за изгласување на волјата на премиерот, Орбан може да прави што сака. Но неговото поигрување со демократските процеси го доведе во судир во Брисел. Последниот судир беше предизвикан по критички настроениот, детален извештај на Европскиот парламент во кој беше побаран посебен систем за надгледување од страна на Унијата, за да се испита политиката на Орбан.
Настаните во Унгарија ги принудија Берлин и другите европски престолнини да побараат воспоставување на систем за надзор на демократијата во земјите членки од страна на Унијата, со казни за прекршоците. Изгледа дека во текот на оваа година, Брисел ќе одговори на ова барање.
Во дискурсот на владата на Орбан преовладува тонот на авторитарниот национализам, тврдат критичарите. Во декларацијата која партијата Фидеш ја донесе по убедливата изборна победа на Орбан, неговиот мандат е опишан како „нов општествен договор“.
„Унгарците одлучија да создадат нов систем на национална кооперација... Во него учествуваат сите Унгарци, во земјата и надвор од неа... Тоа не е само шанса, туку нужна потреба за секој Унгарец, а парламентот и владата се обврзани пред унгарскиот народ да го преземат водството во овој потфат.“
Молнар го опишува ваквиот јазик како „орвелијански и целосно лажен“, како регесија во јазикот од 1930-те. Владата на Орбан наложи оваа декларација да се закачи на јавно место во секоја јавна институција.
Пред парламентот сместен на брегот на Дунав во Будимпешта се наоѓа голем парк кој беше просторот за политичките протести. Тој е сега заграден и претворен во огромно градилиште. Идејата е да се реконструира ова место, за повторно да изгледа како од 1930-те години, во времето на авторитарниот режим на Миклош Хорти.
Во Будимпешта немаше поголеми протести поради ваквата одлука, за разлика од Турција, каде беа одржани големи демонстрации заради намерата на премиерот да го уништи истанбулскиот парк Гези и на неговото место да изгради реплика од воената касарна и џамијата од 1930-те. Турските протести беа загушени со солзавец и водени млазови.
Нетрпеливоста на овие лидери кон политичките неистомисленици и нивната аверзија кон плурализмот како тенденција најјасно се чувствуваат во медиумите. Инструментите на контрола се движат од правната рамка, регулаторните тела кои се запоседнати од партиски потрчковци, хомогенизацијата на државните медиуми, до приватните медиуми во сопствеништво на локалните бизнисмени и олигарси, чие богатство зависи од владините договори кои го обесхрабруваат критичкото известување и повикувањето на политичарите на одговорност.
Орбан донесе контроверзен закон за медиумите со кој ја централизираше и хомогенизираше целокупната продукција на вестите на државните телевизии, радија и национални агенции, а ги именуваше и сите пет членови на медиумскиот регулаторен совет.
„Успеаја да ги припитомат и обесхрабрат медиумите. Нема да ве упасат или да ве убијат како во Русија. Но ќе добиете отказ“, вели новинарот Бодоки.
„Цензурата е интернализирана“, додава неговиот колега Марој. „Луѓето се загрижени за својата егзистенција, па се однесуваат онака како што се очекува од нив. Така се прави тоа.“
Другите инструменти кои обично се користат за изнудување лојалност и казнување на различното мислење опфаќаат селективна употреба на даночните инспекции, со цел да се заплашат бизнисмените и некои поединци, а да се наградат оние кои ги почитуваат владините договори.
Така Орбан го усвои новиот систем за лиценцирање на продажбата на тутунот, со што уништи околу 40.000 мали претприемачи, за потоа да издаде околу 5.000 нови лиценци, што од страна на критичарите и независните новинари беше означено како операција на наградување на послушните и купување на лојалноста.
Унгарскиот премиер исто така им додели државјанства и право на глас на стотици илјади Унгари кои живеат надвор од земјата. Тие за прв пат ќе можат да гласаат на општите избори следниот април. Се очекува да гласаат за партијата која им го овозможи тоа право, што ќе му помогне на Орбан да го освои и вториот мандат.
Гордон Бајнаи, лидерот на опозицијата и поранешен премиер, го опишува политичкиот проект во Унгарија како создавање на „Орбанисти“, наведувајќи го фудбалскиот стадион во Фелшут како типичен пример.
Тамас Бодоки, истражувачки новинар кој го води сајтот Атлатсо го опишува проектот во Фелшут како „чист феудализам“, симптоматичен за новата клима која ја создава Орбан.
„Се работи за многу интелигентен и авторитативен човек. Тој е контрол-фрик“, вели Бодоки. „Добро знае како работи државата. Ги става своите службеници на клучните места и не ги почитува независните институции кои би можеле да го контролираат и да му ја ограничат моќта.“
Но поддржувачите на Орбан – кои и понатаму убедливо водат во анкетите – инсистиеаат на тоа дека нивниот лидер едноставно се осудил да се „тргне“ од европските насоки и како свој приоритет да ја постави добросостојбата на својата земја,,
Убедени се дека Унгарија и Орбан, кој целоно доминира со националната политика, победуваат. Останатите не се толку сигурни. „Тоа е навистина трагична приказна“, вели Молнар. „Во таа драма, една талентирана политичка фигура е уништена од нејзината алчност. Тој е изгубен случај.“
Моќниците на власт
Унгарија
Виктор Орбан, премиер
Време на служба: 3 години
Мнозинство: 263 од 386 места во парламентот
Политичка ориентација: десно
Поддржувалите велат: Брз е и одлучен во криза
Критичарите велат: Го користи дветретинското мнозинство во парламентот за да ја концентрира моќта во свои раце, ја прекршува слободата на печатот
Реакции на јавноста: Големи протести во 2012 против „Виктаторот“ заради промената на уставот
Чешка
Милош Земан, претседател
Време на служба: 5 месеци
Процент на поддршка: Ги доби мартовските избори со 54.8% од гласовите
Политичка ориентација: лев центар
Поддржувачите велат: Има поголем легитимитет од премиерот бидејќи е избран со непоседно гласање
Кртичарите велат: Ја злоупотребува кризата во владата за ја зголеми својата моќ
Реакција на јавноста: Помали протести во текот на летото
Романија
Виктор Понта, премиер
Време на служба: 15 месеци
Мнозинство: 395 од 588 места во парламентот
Политичка ориентација: лев центар
Критичарите велат: Го прекрши уставот во обидот да го отстрани претседателот минатата година
Поддржувачите велат: Само сакаше да го олабави железниот стисок на претседателот
Реакции на јавноста: Протести во текот на 2012-та
Русија
Владимир Путин, претседател, премиер, повторно претседател
Време на служба: 13 години
Процент на поддршка: 63, 6% од гласовите на изборите во март 2012
Политичка ориентација: десно
Поддржувачите велат: Повторно направи сила од Русија
Критичарите велат: Ја уништи опозицијата и ја загуши демократијата
Реакции на јавноста: Протестите од крајот на 2011-та беа згаснати по прогонот на лидерите од типот на Алексеј Навални
Турција
Реџеп Таип Ердоган, премиер
Време на служба: 10 години
Мнозинство: 327 од 550 места во парламентот
Политичка ориентација: умерен исламист
Поддржувачите велат: Го обнови економскиот раст, ја направи земјата лидер во регионот
Критичарите велат: Станува сè поголем исламист и авторитарна фигура, беговите развојни планови го игнорираат турското наследство
Реакции на јавноста: Масовни протесто, главно во Истанбул кои сè уште траат
Извор: The Guardian