Мапа на женското и машкото срце од XIX век

27.08.2013 08:24
Мапа на женското и машкото срце од XIX век

Идеалите за женственоста и убавината од XIX век ја прикажуваат тогашната положба на жените, но и притисоците на кои биле изложени од страна на општествените прописи. Во време на радикални социо-културни и економски промени – брза урбанизација, нови начини на превоз и комуникација, зголемена механизација на индустријата – и очекувањата за улогата на жените во општеството се менувале, во рамки на идеализираната верзија која била позната како „вистинската женственост“ и која била дел од сите културни репрезенатции за жените, наоѓајќи го своето место во секоја сфера, од колумните со совети во весниците до уметноста.

Пример за промоцијата на идеалот на „вистинската женственост“ е и оваа мапа на „земјата на женското срце“ од XIX век, која е обликувана според моделот на мапите на географските простори, но наместо физичките, ги прикажува емоционалните предели.

Авторката на оваа мапа е наводно непозната „дама“, а литографиите биле објавени во Конектикат, САД во 1830-те. Алегоричниот приказ ја користи типично карикатуралната содржина, но воедно пренесува и една јасна моралистичка порака за добрите и лоши избори со кои се сочувале Американките во XIX век и нивните последици.

До морето на богатството се стигнува низ Земјата на афирмираноста, но и низ Заливот на старите љубовници. Брзата железница води од Желбата за восхит низ Приврзаноста и Неверноста до Земјата на заборавените. До Цврстите вредности се стигнува преку Трпението, Способноста за разликување и Разумноста.

Интересно е тоа дека машкото срце (на втората слика) е прикажано како утврдена земја, за разлика од „отвореното“ женско срце. Додека во женското срце најголемиот дел го заземаат љубовта кон восхитот, покажувањето и облекувањето, поголемиот дел од машкото срце е окупирано од Економијата, Љубовта кон моќта и Љубовта кон парите.

Во рамки на овој тренд на алегорична картографија во минатото биле создадени многубројни водичи низ човечкиот карактер.



Извор: Brainpickings

ОкоБоли главаВицФото