Три моќни жени

09.11.2009 12:10
Мари Ндиај

Ова не е Бах, ова е Моцарт – прокоментирал еден од членовите на жирито за романот на Мари Ндиај, кој го доби најголемото француско книжевно признание.

Спокојна и стрплива, Мари Ндиај и со својата појава беше во силен контраст со купот агресивни новинари и ТВ екипи кои го стегаа обрачот околу новата добитничка на најголемото книжевно признание во Франција – Гонкуровата награда. Сцената се одвиваше минатиот понеделник во Париз, пред елегантниот ресторан „Друан“ на десниот брег на Сена, каде жири комисијата традиционално ги прогласува резултатите од последниот круг на гласањето. Овојпат речиси и да не постоеја дилеми – за романот „Три моќни жени“ гласаа половина од членовите на комисијата.

„За мене ова претставува признание за 25-те години во кои пишувам. ’Три моќни жени’ е мојата тринаесетта книга, па оваа награда ја примам со одредена дистанца. Истовремено сум и многу задоволна, но и многу смирена“, изјави 42-годишната писателка чие лице зрачеше со младешка свежина.

Жирито избра зрела авторка, чиј последен роман критиката го смета за круна на нејзиното творештво.

„Ова не е Бах, ова е Моцарт“, прокоментира еден од членовите. Успехот кај критиката, која по објавувањето минатото лето даде исклучителни оценки за овој роман, во кој се зборува за судбините на жените кои се растргнати меѓу африканскиот и европскиот контитент, се совпадна со необично големиот одзив на читателите, па издавачот, Галимар, наместо првобитните 15 000, отпечати 155 000 примероци, од кои веќе се продадоа 130 000.

„Ни самата не можам да си објаснам која е причината за овој успех, по што оваа книга се разликува од другите. Ми се чини дека темата за емигрантите, особено во последниот дел од романот, се поклопува со денешните преокупации во општеството“, изјави таа.

Сеопштото признание ги задуши ретките критики дека во прилог и’ одело тоа што е жена, а притоа и црнкиња, во општество во кое ваквиот избор би можел да се протолкува како политички коректен.

Откако Франција доби министерки од редовите на „видливото малцинство“, зошто не и една Афрофранцузинка да не добие Гонкур? Но овде не станува збор за роман на емигрантка која добро се вклопила во француското општество, туку за Французинка, чиј татко, Сенегалец по потекло, го напуштил семејството уште додека била во колевка, не пренесувајќи и’ ништо од африканското наследство. Таа, напротив, се изградила врз класиците на американската и руската книжевност.

„Често се зборува за моите африкански корени, но јас по културата и местото на живеење сум 100% Французинка. Би сакала да имам двојна култура, но тоа не е случај“, објаснува Ндиај, која не сака да ја сместуваат во бесмислените категории како што се „женски“ или „црн писател“, иако се радува што е меѓу ретките жени кои добиле Гонкурова награда.

Погледот кој го фрла на судбините на своите ликови, Норе, Фанте и Кади, од кои секоја со бори со ограничувањата кои им ги наметнал животот, против бедата, понижувањето, отфрленоста и расизмот, е оптимистички, натопен со верба во внатрешната сила и борбата за достоинство.

Подготвувајќи се да го напише својот прв роман, во кој се свртува кон африканскиот континент (бидејќи повеќето претходни романи би можеле да се наречат семејни), Ндиај поминала една година собирајќи статии од весници и истражувајќи ја положбата на емигрантите.

„Ова е мојот прв роман на кој му пријдов на ваков начин, прв кој не е сто отсто фикција“, вели таа.

Нејзин интерес е како да се изразат преку книжевни средства најтешките социјални страдања, како да се претвори во уметничко дело стварноста која е лишена од убавина и величина. За забелешките за сопствениот стил, кои неодамна ги изнесе на еден книжевен собир, таа го предупредува читателот дека треба да биде нетрпелив кон благоста во книжевноста.

„Благодарение на неа, насилството често ја крие својата игра. На своите реченици понекогаш намерно им давам низок и пригушен тон, пристојна надворешност во околности кои не се нормални, кои можат да бидат дури скандалозни, за контрастот да биде повознемирувачки, и за ние повеќе да не можеме да бидеме сигурни која е причината за чувството на револт: самите околности или стилската обоеност.“

Ндиај отсекогаш пишувала оддалечена од париските книжевни кругови, во француската провинција, Шпанија, Италија, Холандија и Германија, каде денес живее со својот сопруг, писателот Жан-Ив Сандреј и трите деца. Почнала да пишува на 12 години, а веќе на 18 го објавува својот прв роман. За 25 години има напишано 21 книга, од кои десет романи, потоа, книги раскази, драми и неодамна едно сценарио за филм.

„Три моќни жени“ на нејзиниот издавач Галимар му ја донесоа 36-тата Гонкурова награда. Оваа издавачка куќа уште еднаш покажа дека има апсолутен примат над најголемата француска книжевна награда.

Извор: Политика


Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото