МВР набавува природен солзавец

28.08.2013 10:22
МВР набавува природен солзавец

Скопје, 28 август 2013

За да ги хуманизира своите полициски акции, Министерството за внатрешни работи ќе набави 30 тони природен солзавец на база на кромид, кој ќе се употребува при разбивање на демонстрации и масовни нереди.

Новата опрема е набавена по сугестија на големиот македонски пријател, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој по непријатните искуства со нередите околу паркот Гези и големиот број повредени демонстранти, морал да пронајде начин да ги минимизира штетите.

„Набавката на триесетте тони солзавец од кромид е дел од проектот 'За секој случај', заедно со новата опрема за прислушкување. Иако македонскиот народ е традиционално апатичен, наша работа е секогаш да бидеме подготвени за евентуални протести и нереди“, велат од МВР.

Експертите за безбедност ја критикуваа одлуката да се набави толкава количина солзавец како недомаќинска и како непотребен трошок, бидејќи состојбата во земјата е таква што повеќето граѓани и онака речиси постојано плачат.

Македонските полицајци ќе учат да го употребуваат новиот солзавец на специјална вежба на која ќе бидат обучувани од турските колеги. Вежбата со име „Главица у глава“ треба да се одржи на денот кога ќе биде закажан првиот нареден граѓански протест во државата.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото