Стрмоглаво кон височините

29.08.2013 10:00
Стрмоглаво кон височините

КНИГА ПРВА

А ако не акнеше,
пукнеше, пеплосаше
Аурата на Аврелиј, пак
Армагедон ќе нѐ однесеше. Аш!

А ако арката
Акнеше, пукнеше, треснеше…
Арарат ни планина ќе беше
Ни ние синови божји!

А ако агата не го
предадеше снагата крепка
Аскер уште ќе шеташе овде
Аирлија работа – ашколсун!

А ако аватари сме нечии сите
Асури во нашите души векуваат
Анимусот не ја признава Анимата
А ти тврдиш дека знаеш кој си?

А ако не знаевме ни за Adonai
Академици ли ќе бевме?
Арамбаши спијат во нас
А не береме гајле дал’ ќе опстоиме…

Ако ни е!


КНИГА ВТОРА

Беснееш бури во земјината утроба
Блеснуваш бурлескно во небесата
Бидуваш болест меѓу луѓето
Бајроновски брлив пред мене
Буричкаш бразди во умовите
Блуден беќариш со векови
Беснееш бич пред неправедникот
Бадијала бистро војуваш со неумниот
Бакнуваш безбожник да му ја засилиш вербата
Баеш басни за да ги истераш духовите зли
Банален Бахус во твое име го слават
Благословуваш Баханалии за да си напоиш душа
Безгласно бегаш кога најмногу те бараме
Беседиш беснило во устите на премудрите
Брануваш безволие за да се забавуваш
Бесчестиш блажени за да не се осуетат
Бесполов Блудник си кога се додворуваш
Беспомошен Брахман кога сме пред истребување
Бедеми бележиш со страдањата човечки
Бесчестен Богољуб создаваш за да те слави
Бирократски Богу(мил) – ми создаваш главоболие!


КНИГА ЧЕТВРТА

Градиме
Гониме
Гинеме
Гноиме
Гении не сме...

На „Г” беше зборот, само не ми текнува...

КНИГА ДВАЕСЕТТА

Промeтеј окован, дал симбол е на
истрајност ил’ љубопитство вечно
Пенелопа чедна, дал’ симбол е на
верноста ил’ на потчинетоста?

Патрокло, дали симбол е на
забранета љубов ил’ другарство?
Перикле, дал симбол е на
снагата ил’ лагата?

Помпеја дал’ симбол е на
разврат, блуд ил’ прогрес
Перивлепта дал’ симбол е на
на безгрешие ил’ сожалување?

Поуката лежи ко змија под пазува:

Памети, па врати - за добро!
Посилно е егото од моралниот закон!
Победата некој друг ја купува!
Пеколот го потврдува постоењето на рајот!
Пионот не ја добива шах партијата!
Поразот е поголема лекција од победата!

КНИГА ДВАЕСЕТ И ОСМА

Ц, ц, ц
И црвот не би сакал
со тебе да се менува

Ц, ц, ц
и циркузантот знае
кога не е смешен

Ц, ц, ц
и црепот знае
дека е помудар од тебе

Ц, ц, ц
и цицијата знае
да е подарежлив од тебе

Ц, ц, ц
Целта ги целува
оние што се стремат кон неа

Ц, ц, ц
и целината е претесна
ако во неа влезеш ти

Ц, ц, ц
целибатот е мојот избор
ако мора со тебе да векувам

Ц, ц, ц
цена немаат зборовите
за тебе потрошени

Песните се преземени од книгата „Стрмоглаво кон височините“ во издание на Магор.

Слики: Мика Ганске

ОкоБоли главаВицФото