1010 hPa
88 %
13 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 03:59
(Кон книгата поезија „Влезот е од другата страна“ [Темплум] од Николина Андова)
На крајот од лектирите што ги читав за време на летните распусти стоеше текст што се викаше Разговор за делото. Ова што јас сега го пишувам е Разговор со делото „Влезот е од другата страна“. Интимен разговор.
Со книгите се препознаваме, исто како и со луѓето. Само оние луѓе со кои ќе се препознаеме остануваат, останатите се само на поминување. Така е и со книгите, само оние со кои ќе се препознаеме ги понесуваме со себе на патувањата и само ним им се навраќаме и кога ќе се вратиме дома. Тоа се оние книги по чии белини оставаме траги од моливче, подвлекуваме, заокружуваме, цртаме човечиња што се смешкаат. Тоа се местата во нив што ги прогласуваме за свои. Дупчиња големи колку клучалки низ кои сме ѕирнале отаде зборовите.
Ова е поезија во која стиховите се поважни од оној што ги запишува. Овде лирското ЈАС се смалува до исчезнување и станува ништо во сè. Станува последната молитва на монахот, станува празнината во ѓевречето. Кога е во нас тивко нашето Јас, во таа тишина јасно се слуша и најтивкиот шум на светот. Во таа тишина сè станува свето и еднакво важно. Во таква тишина Николина Андова со еднаква, детска леснотија пее и за животот и за смртта, кои, иако не се познаваат, секојдневно си мавтаат како патниците на палубата на два брода што се среќаваат на отворено море. Таму, во тишината, мигот е еднаков на вечноста, а малечките секојдневности што често ни се чинат банални се претвораат во мудри зен-приказни што ни раскажуваат за едноставноста на постоењето. Нè соочуваат со парадоксалната обичност на животот за која ни зборуваат и просветлените мудреци од Истокот.
Николина Андова донесува свет до кој се стигнува по длабоко нуркање во себе, свет во кој се стигнува по долги мигови молчење, по долго чистење на сѐ што е помеѓу копчињата, бројките, буквите. Таа знае што значи небо без облаци и знае дека птиците што летаат по него не се слободни, условени од својата глад, страв и преселби. Затоа што таа знае што е слободата. И затоа за бог и за љубовта пее ослободена од догмите што се запишани во светите книги и создава свои сопствени богови, со своја сопствена космогонија. Создава свет во кој влезот е од другата страна, каде што смртта никогаш не им се враќа на оние што додека се живи спиеле со неа.
Поетот не е пророк, оти пророци не постојат, но луѓето ги нарекуваат така оние што пренесуваат пораки од светови што се надвор од она што можат да го видат очите. Оваа книга носи пораки од еден таков свет. Ова е будна поезија, запишана од човек чиј ум е ширум отворен. Поезија ослободена од бижутеријата и шминката на поетовото Јас. Чиста поезија, која како изворска вода го прочистува оној низ кого протекува.
Слика: Игор Кислев