1003 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 23:59
Некои луѓе го отфрлаат овој вид активизам, таканаречениот „кликтивизам“ како мрзлив, неактивистички, или дури бесмислен начин, но сепак на крајот е докажано дека тој може да промени нешто. Нормално, не сите онлајн петиции и кампањи даваат директен резултат, но помагаат да се развие и прошири свеста и да се охрабрат луѓето кои инаку немаат канал (можност) или склоност да поддржат или промовираат нешто.
Ова се само некои примери на обични луѓе кои буквално го промениле светот одејќи онлајн:
1. Не слушаме вакви вести баш секој ден, но петициите на интернет всушност влијаат врз промена на политиките. Минатата година, поранешниот маринец Џери Енсмингер започна петиција со која побара американската влада да обезбеди здравствена заштита за ветераните од кампот Lejeune кои биле изложени на допир со отровна вода. (9-годишната ќерка на Енсемингер умрела од леукемија.) Откако 135 илјади луѓе ја потпишаа петицијата, претседателот Обама го потпиша законот со кој им се овозможува здравствена нега на жртвите.
2. Отприлика во истото време во Чикаго, 13-годишната активистка Еби Голдберг собра 170.000 луѓе кои ја потпишаа нејзината петиција на страницата change.org, со која се оневозможува спречувањето на предложениот закон кој забранува во градовите во државата Илиноис да се употребуваат пластични кеси и да се воведе надомест за нивно користење. Гувернерот на Илиноис го вети законот и поради резултатите од оваа петиција.
3. Бидејќи сфати дека петициите на интернет станале многу ефективни, самата државна администрација одлучи да ги „угости“ на своите портали. Во Велика Британија, доколку соберете 100.000 потписници за одреден случај, комитетот на Парламентот ќе одлучи дали ќе ги стави на некоја од своите расправи. А во САД, 100.000 онлајн потписници во врска со што било на делот „We the people“ („Ние, народот“) на интернет страниците на администрацијата, добиваат директен одговор од Белата куќа. Така, на пример, минатиот декември, поради пукањето во едно основно училиште во Конектикат, од страна на граѓаните успешно беше спроведена петиција со која се бараше моментална реакција на американската влада во врска со контролата на оружјето. Петицијата директно ја поттикна Белата куќа итно и јавно да реагира по ова прашање.
4. Откако во 2008 година торнадо го уништи брегот на Мјанмар, членовите на најголемата активистичка мрежа Avaaz се состанаа и собраа неверојатни 2 милиони долари за фонд со кој ќе им се помага на жртвите. Овие активисти дури успеаја да поминат преку бројните контроли поставени од мјанмарската воена хунта. Во 2010 година, Avaaz повторно собра 1,4 милиони долари за жртвите од земјотресот во Хаити.
5. Постои цела низа кампањи кои се наоѓаат на сајтовите како IndieGogo, најголемата платформа во светот за собирање пари, која ги охрабрува обичните, грижливи луѓе да донираат пари за она за што најмногу се загрижени. Овие страствени одговорни граѓани буквално собраа десетици милиони долари за различни намени - од спасување на прашумите, до испраќање на деца во летни кампови. Една од најуспешните кампањи минатата година на овој сајт беше лансирањето на новата линија часовници 1:Face Watch, преку наменска профитна организација која дел од својата заработувачка ја донира во шест хуманитарни правци - како што е помош за гладните, образование, борба против сидата итн. Собрани се повеќе од 350 илјади долари за помалку од два месеци. Популарноста на платформата докажа дека создавајќи сигурна и соодветна платформа за донација, милиони луѓе ширум светот ќе ги отворат своите срца (а и паричници) за да помогнат.
6. Парите зборуваат, но моќта е во знаењето. Уште еден начин како да се дојде до промена е подигањето на свеста. Штом повеќе луѓе зборуваат на одредена тема, штом заедничкиот глас станува погласен, поголема е можноста тој глас да се слушне и да доведе до одредени промени. Благодарение на социјалните медиуми, сега секој што е поврзан на интернет може да помогне работите да се случуваат на брз и едноставен начин, просто споделувајќи информации со пријателите за нештата во кои веруваат. Со споделувањето на линковите, па сè до текстовите, петициите и кампањите, дури и ако не сте во можност да донирате некоја поголема сума, бидете уверени дека вашиот глас ќе го чуе некој кој може да си го дозволи тоа.
(Авторот е експерт за социјални медиуми)
Извор: linkedin.com