Колку на жените им е важна големината на пенисот?

30.08.2013 06:50
Колку на жените им е важна големината на пенисот?

Судејќи според работата на група истражувачи од Националниот универзитет на Австралија, објавена на интернет, во списанието „Proceedings of the National Academy of Sciences“ (PNAS), големината на пенисот е поважна отколку што мислиме или сакаме да признаеме. Наспроти претходните истражувања кои го мереле влијанието на големината на пенисот при проценката на атрактивноста на мажите врз основа на статистички грешки, според резултатите на студијата на Брајан Моц, Боб Вонг и соработниците, за време на оценувањето на привлечноста на мажите, на жените им е важна големината на пенисот колку и висината, и е сосема малку поважна од формата на торзото.

Настојувајќи да ја утврдат важноста која жените ѝ ја придаваат на големината на пенисот, кога се изјаснуваат за привлечноста на мажите, истражувачите на субјектите во студијата – 103 хетеросексуални Австралијки – им претставиле компјутерски генерирани тродимензионални прикази на голи мажи. На секоја од испитаничките ѝ биле прикажани фотографии од 53 голи машки тела, односно нивна проекција во природна големина, на кои освен големината на пенисот (во не-еректирана состојба) варирале уште две физички карактеристики – висината и градбата на торзото (односот помеѓу ширината на рамениците и половината; односот помеѓу ширината на рамениците и колковите) – за кои е веќе документирано дека влијаат на проценката на физичката привлечност на мажите.

Фотографиите од сетот стимуланси им биле прикажувани на субјектите една по една, при што задачата на испитаничките била да ја оценат секоја фотографија поединечно според привлечноста – со оценка од „1“ до „7“. Судејќи според нивните оценки, привлечноста на мажите зависи од големината на пенисот колку и од нивната висина и помалку од обликот на торзото – физичките карактеристики кои во истражувањата од овој вид редовно избиваат на првото место меѓу телесните карактеристики според кои се раководат жените кога ја оценуваат привлечноста на мажите.

Зошто истражувачите ги интересира пенисот?

Иако фактот дека станува збор за тема со која речиси исклучиво се занимаваат мажите не треба да се занемари, човечкиот пенис е еден вид загатка која еволутивните биолози настојуваат да ја решат.

Генерално, пенисот претставува една од најваријабилните физички карактеристики во животинскиот свет. Кај животните, од големината и обликот на пенисот зависи способноста на овој орган да го испорача и да го положи семето токму таму каде што треба (зголемувајќи ја веројатноста да дојде до оплодување), да ја отстрани спермата која останала во репродуктивниот тракт на женката од претходните парења, да ја стимулира женката да ја „искористи“ спермата, па дури и да ѝ нанесе повреда за да ја спречи повторно набрзо да се пари.

Со својот облик (печуркаст врв), пенисот на Хомо сапиенсот „потсетува“ дека еволуирал, т.е дека влече корени од животните кај кои машкиот полов орган имал некои од споменатите особини/функции. Кога станува збор за големината, споредено со мажјаците од другите видови, вклучувајчи ги и приматите, пенисот на човекот е огромен; според должината и обемот, како апсолутно така и во пропорција со телото, човечкиот пенис е поголем отколку половиот орган кај мажјаците орангутани, горили, шимпанза, бонобо мајмуни...

Имајќи предвид дека за разлика од другите примати стоиме сосема исправено, а во интерперсоналната интеракција, вклучувајќи ја и сексуалната, стапуваме лице в лице, предимензионираноста го прави човечкиот пенис навистина впечатлив. Во врска со тоа, се поставува дилемата: Зошто мажите имаат пенис каков што имаат?

Еволуција на пенисот

Според најзастапената хипотеза, големиот пенис ја сигнализира сексуалната способност на мажот. И покрај тоа, се смета за показател на неговото општо физичко здравје, т.е потенцијалот да „испорача“ добри гени. Бидејќи хомо сапиенсот нема коска во пенисот (baculum), теоријата вели дека пенисот е и многу веродостоен сигнал, на кој жената може да се потпре при изборот на репродуктивниот партнер.

Мажите не се единствените според отсуството на коска на пенисот. Меѓу цицачите, коска во пенисот немаат ниту коњите, китовите, слоновите, хиените... Кај животните кои ја поседуваат, таа има повеќекратна функција. Освен што со нејзината помош постигнуваат ерекција, која е нужна за да можат да продрат до репродуктивниот тракт на женката, коската во пенисот на мажјаците им олеснува да ја одржат ерекцијата доволно долго за да можат да ја положат спермата. Нејзината втора важна функција се однесува на брзината. Имено, оваа коска вообичаено е сместена во абдоменот, чии мускули, кога има потреба, ја спуштаат во пенисот, еректирајќи го. Најпросто кажано, спуштањето на крутата коска во пенисот е побрз и поверодостоен метод за постигнување ерекција отколку чекањето тој да се снабди со крв за да ја постигне цврстината која е неопходна за пенетрација.

Меѓутоа, отсуството на оваа коска ги прави машките припадници од нашиот вид единствени меѓу своите најблиски роднини. Заради тоа, се поставува прашањето зошто мажите ја немаат оваа коска.

Еволутивните биолози и антрополози шпекулираат дека тоа е во врска со специфичните репродуктивни и партнерски системи, и стратегиите на човечкиот вид. Со други зборови, пенисот без коска е резултат на сексуалната (полова) селекција – процес кој е одговорен за избор на карактеристиките кои ја носат репродуктивната предност. Попрецизно, станува збор за интерсексуална селекција. Теоретски, процесот изгледа приближно вака:

изборот на партнерот за репродукција делумно е управуван од несвесната потрага по носителот на добрите гени. Затоа што жените немаат начин на кој навистина ќе го видат генот на потенцијалните партнери, тие мораат да се служат со индиректни показатели. Пенисот може да биде еден од нив.

Фактот дека мажот не ја постигнува ерекцијата со помош на коска, туку хидраулички, на жената ѝ овозможува лесно да ја утврди разликата помеѓу мажите кај кои таа способност постои во помал или поголем степен. Како и да е, потребата на жените да имаат показател за еректилната способност на потенцијалните партнери, го селектирала пенисот без коска.

Хипотезата за пенисот без коска како производ на селективните притисоци наметнати од спротивниот пол не е без основа. Мажјаците на нашите блиски роднини, шимпанзата, имаат, на пример, многу мала коска. Можно е во понатамошниот процес на еволуцијата и тие да останат без коската на пенисот. Од друга страна, големината на пенисот, т.е неговото диспропорционално зголемување кај човечкиот вид, е далеку помалку истражувана карактеристика.

Мерење на пенисот

Пред цитираниот труд на австралиските истражувачи, студиите на оваа тема вообичаено завршувале со заклучокот дека – сè додека не е екстремно мал или екстремно голем – едноставно, пенисот е соодветен. Опфатот на терминот „соодветен“ и дали жените имаат некакви преференции во поглед на големината на пенисот, претставува прилично шпекулативен терен, поврзан со проблемите на истражувањето на преференциите.

Се разбира, еден од наједноставните начини за да утврдите каков пенис сакаат жените – е директно да ги прашате. Меѓутоа, постои цела низа на причини заради кои – без разлика дали тоа прашање ќе им го поставите на мажи или на жени – анкетниот метод не нуди доволно веродостојни резултати. Во таа смисла, трудот на Брајан Моц и соработниците претставува придвижување.

Освен што со користењето на новите технологии биле во можност на жените да им го претстават машкото тело во природна големина, Брајан Моц и соработниците можеле да варираат и со другите карактеристики. Имено, претходните истражувања, како единствена експериментална варијабла, ја имале големината на пенисот. Ако го мерите влијанието на само еден фактор на одредена појава, се разбира дека ќе дојдете до резултатот дека тој постои. До душа, пред оваа студија нема резултати кои значајно ја доведуваат големината на машкиот полов орган во врска со привлечноста на мажот, но причината за тоа може да биде и некомплетната методологија (анкетната техника). Имајќи го предвид тоа, се поставува прашањето колку се важни наодите на австралиската студија?

Дали е важна големината на пенисот?

За волја на вистината, Моц, Вонг и соработниците не можат да бидат обвинети заради насловите со кои медиумите ги претставиле резултатите од нивното истражување. Во нивниот труд никаде не се тврди дека големината на пенисот доминантно ја детерминира привлечноста на мажите во очите на жените. Насловите од типот: „Пенис: колку поголем-толку подобро“; „Големината на пенисот е важна“; „Дали големината на пенисот е важна? Науката и еволуцијата велат дека е така“, значи, можат да ѝ се припишат на потребата за сензација на медиумите.

Имено, авторите на студијата откриле дека големината на пенисот во интеракција со другите телесни карактеристики на мажот, влијае на судот на жените за неговата привлечност. И покрај тоа, пенисот како релевантна варијабла се појавува дури ако претходно се исполнети два услови: (1) доколку мажот е доволно висок за да им одговара на преференциите на испитаничките; (2) доколку односот помеѓу ширината на неговите раменици и половината/колковите е во согласност со нивната дефиниција за физички привлечен маж. Имено, кога истражувачите им „закачиле“ релативно голем пенис на изразено ниските мажи, тоа не ја зголемило нивната привлечност.

Сепак, амбициите на австралиските истражувачи се малку поголеми. Во заклучоците на студијата се наведува дека таа покажува дека женската преференција за поголем пенис би можела да биде еден од факторите кој влијаел на тоа како еволуцијата го обликувала машкиот полов орган. Сама по себе, тезата не е неприфатлива, но, дали истражувањето ја поддржува? Не може да се каже; еве зошто:

• Примерокот од 103 жени не може да генерира релевантни резултати.
• Истражувачите манипулирале само со три карактеристики, додека привлечноста, т.е перцепираната привлечност, е многу посложен феномен – резултат на интеракција на многу поголем број фактори. Додуша, нема сомнеж дека е невозможно да се направи студија која сè ќе земе предвид.
• Нема податоци за сексуалното искуство на испитаничките.
• Жената не може да ја оценува привлечноста на мажот врз основа на големината на пенисот, пред да стапи во сексуален однос со него.
• На испитаничките им биле презентирани фотографии со не-еректирани пениси, со што е занемарен фактот дека помалиот пенис, релативно мерено, со ерекција се зголемува повеќе отколку големиот пенис.
• Привлечен маж за што? Имено, доколку привлечноста е дефинирана како нешто врз чија основа жената се впушта во еднократен сексуален однос, тогаш во игра се сосема поинакви параметри од оние врз чија основа се избира долгорочниот партнер, што би можело да биде темел за интерсексуална селекција. Доволно е да се замисли дека со фотографијата на најпривлечно оценетиот маж оди придружниот текст за тоа дека жените го интересираат само како сексуален објект, или дека не ја прифаќа моногамијата, или дека се гледа со други жени и дека не користи кондом, па на тој начин резултатите да бидат значително поинакви.

Со оглед на тоа и по најновата студија и бурата што таа ја предизвика во популарните медиуми, остануваме со стариот, но не премногу прецизен заклучок: сè додека не е екстремно мал или екстремно голем, пенисот е – соодветен.

Извор: mindreadingsblog.wordpress.com