Големото бегство

30.08.2013 06:17
Големото бегство

Индиските цариници деновиве имаат полни раце работа обидувајќи се да го го сопрат илегалниот увоз на злато. На аеродромот во Кочи на југот од земјата беше уапсен човек кој во своите чорапи носел два килограми од благородниот метал. Го препознале по чудниот начин на одење. На границата со Непал беше запленет камион во чиј браник беа пронајдени 35 килограми злато.

Фрустрирачка борба. На секој килограм запленето злато доаѓа уште по еден килограм кој незабележано влегува во земјата. Заработката на шверцерите кои го носат златото од омиленото Дубаи изнесува околу 50.000 рупии (575 евра) по тура. Индијците се опседнати со злато, не само поради сезоната на венчавки.

Откако во последните неколку месеци рупијата драматично девалвираше, многу Индијци купуваат злато, што ја принуди владата да ги зголеми царините за увоз на злато, за да ја заштити домашната валута, но со тоа само дополнително ги преплаши несигурните инвеститори.

Речиси секојдневно, владата смислува нови методи за да го ублажи падот на рупијата. Се зголемуваат царините на телевизорите со рамен екран или се отежнува изнесувањето капитал од земјата. Меѓутоа, ништо не помага – почнувајќи од овој мај, рупијата изгуби 17% од својата вредност во однос на доларот.

Има две причини за падот. Првата: инвеститорите ја загубија довербата во индиското економско чудо и во индиските политичари. Растот е преполовен, трговскиот биланс е во сè поголем минус, акциите постојано паѓаат, а инфлацијата дополнително го продлабочува јазот помеѓу богатите и сиромашните.

А што се однесува до втората причина, властите во Њу Делхи се целосно беспомошни: настапи крајот на ерата на евтините пари во САД.

Поголемиот дел од парите кои американските Федерални резерви ги изнесоа на пазарот со цел да ја покренат економијата се слеваа кон Индија и другите земји во развој, зголемувајќи ги цените на недвижностите и на нивните акции.

Во мај, шефот на Федералните резерви најави промена на курсот. Оттогаш инвеститорите шпекулираат дека ќе дојде до зголемување на основната каматна стапка во САД и заради тоа почнуваат да ги повлекуваат парите од земјите во развој. Тоа е причината поради која сега девалвираат валутите на државите кои до неодамна профитираа до странскиот капитал, од Бразил преку Русија, па сè до Јужна Африка, но никаде така како во Индија.

Таканаречените БРИК земји до неодамна беа сметани за победници од глобалната економска криза во 2008. Економистите предвидуваа дека тие би можеле да се „одвојат“ економски од Европа и САД. Но сега тие земји стравуваат дека изворот на пари од САД наскоро ќе пресуши.

Меѓутоа, водечката земја на БРИК, Кина, не е директно погодена од моменталната монетарна криза, пред сè затоа што курсот на јуанот не се одредува на слободниот пазар. Но комунистичката партија има други проблеми. Веќе подолго време се бори со домашната банкарска криза и неопходното насочување на економијата кон поголема домашна потрошувачка. Со падот на кинеската економија се намалува и увозот на суровините, од што најтешко се погодени југоисточните кинески соседи: Индонезија, Малезија и Тајланд. Тие сега беспомошно гледаат како инвеститорите масовно бегаат од индонезиската рупија, малезискиот рингит и тајландскиот бат.

Залудни се обидите на Прасарн Траиратворакула, гувернерот на централната банка на Тајланд да го смири пазарот: „Општата економска ситуација е добра. Курсот на батот се движи во рамката на основните вредности“.

И индонезискиот главен банкар, Агус Мартовародојо ја ублажува сериозноста на ситуацијата: „Периодот на најголемиот одлив на капитал е зад нас, притисокот врз рупијата наскоро ќе попушти“. Експерите се сомневаат во способноста на индонезиската влада за успешна реакција на кризата. Аналитичарот од Барклис, Пракрити Софат, објаснува: „Не веруваме дека постои магично стапче за решавање на овие проблеми“.

Изгледа дека се повторува мрачното минато. Во 1997 година таканаречените државни тигри предизвикаа азиска криза по фазата на вештачки раст. Дебаклот започна на Тајланд, каде што новата средна класа ја финансираше изградбата на луксузни облакодери и вили со помош на кредити. Кога стана очигледно дека е илузија, хеџ фондовите на берзите во Лондон и Њујорк започнаа да шпекулираат против батот.

Тајландската валута тогаш беше поврзана со доларот. За да се одбрани од нападите на шпекулантите и за да го зачува курсот на домашната валута, Тајланд за само неколку дена ги продаде сите свои девизни резерви. На крајот, централната банка мораше да капитулира пред хеџ фондовите. Беше напуштена поврзаноста со доларот и батот девалвираше. Истовремено пораснаа кредитните обврски на сите Тајланѓани, бидејќи поголемиот дел од нив беше задолжен со долари.

Тогаш Тајланд практично банкротираше. На ред дојдоа и банките во Малезија и Индонезија, каде што незадоволниот народ ги ограбуваше и уништуваше продавниците на кинеските трговци. Набрзо падна и режимот на диктаторот Сухарто. Благодарение на кредитите од ММФ, Јужна Кореја за малку избегна банкрот.

Но сега земјите во развој се подобро подготвени за таков одлив на капитал. Ги научија своите лекции од азиската криза, ги зголемија своите девизни резерви и делумно го реформираа банкарскиот систем, и што е уште поважно – нивните девизни курсеви не се повеќе поврзани со доларот.

Истовремено, актуелниот одлив на капитал покажува во која мера земјите на БРИК сè уште економски заостануваат зад западните индустриски нации и до која мера е загрозено сè што досега беше постигнато. Само во периодот од мај до јуни, според пресметките на аналитичарите од Морган Стенли, централните банки на сите земји во развој, освен Кина, продале 81 милијарда долари од девизните резерви за да ги одбранат своите валути.

Девизните резерви на Индонезија се намалени за 18% од почетокот на годината. До неодамна, најголемата муслиманска земја важеше за миленичка на странските инвеститори. Благодарение на растот на цената на суровините, индустријата во Индонезија забележа неверојатен раст од 10% овој април. Компаниите од Европа, САД и Јапонија градеа автомобилски и електронски фабрики, верувајќи во демократијата која функционира неверојатно добро во Индонезија, и покрај тоа што речиси половина од вкупно 240-те милиони жители на Индонезија живеат со помалку од два долари на ден.

Како последица од падот на индонезиската рупија сиромашните ќе штедат на храна уште повеќе. Од друга страна, новите индонезиски богаташи грозничаво бараат начини на кои би можеле да ги заштитат своите имоти. Централната банка во Џакарта привремено забрани подигнување долари од банкарските автомати.

Земјите во развој имаат проблеми. „За да го сопрат одливот на капитал, централните банки мораат значајно да ги зголемат каматните стапки. Од друга страна, тоа ќе ја парализира економијата, што би можело да доведе до социјални немири“, предупредува индиската економистка Џајати Гош. Ова ужасно сценарио ги плаши владите на Индија и Индонезија. Во овие две големи демократии следната година се одржуваат парламентарни избори.

Извор: Spiegel
Слики: Енди Мерсер

ОкоБоли главаВицФото