Монументални шутраци (2)

30.08.2013 10:35
Монументални шутраци (2)

1.

Лошо е кога лоши правници читаат и, не дај боже, толкуваат закони. Ама кога луѓе со „дваесетгодишна работа на раководни позиции во граѓанскиот сектор“, се обидуваат да изигруват струњаци во некоја област, е тогаш доаѓа до катастрофи. А такви „стручњаци“ од (не)владиниот сектор денес имаме колку сакате. И сите се стручни за сè. И сите се – аналитичари, ни помалку ни повеќе!

Ако пак во случајот со оној релативизиран стручњак–монументалист, клекнат пред товарот на задачата што ја добил, горе-долу се појасни што е монументално, што е споменик а што спомен обележје, која е разликата помеѓу нив и слично, ред е да поминеме на другите негови монументално ступидни толкувања поврзани со т.н. Прв извештај за Скопје 2014, што толку им ги боцка очите.

2.

Значи, вториот чин во монументално небулозната „одбрана“ на саканиот му „грандиозен“ проект, е безмалу неверојатен за човек со „дваесетгодишна работа на раководни позиции во граѓанскиот сектор“, плус тоа аналитичар, плус иден амбасадор. (Со какво ли клечење го заслужуваат луѓево сето ова?)

Па така, укажувајќи ни дека Законот за меморијални споменици и спомен обележја фактички бил неприменлив (види каков клекнат Колумбо!), „стручњаков“ на раководни позиции, во неговата одбрана на „Тинексовата“ Општина Центар, се повикува, ни помалку ни повеќе, туку на некаква востановена практика. Па откачува дека и во други општини (Струмица, Карпош, Чаир и др.) се правело истото, односно незаконски се подигале споменици! И значи, бидејќи Министерството за култура упорно избира да спие и да не си ја врши инспекциската работа, кога тоа им поминало на тие општини, зошто истото да не го направи и Општина Центар? Каква (перверзна) логика на иден амбасадор! Кради додека можеш, односно додека полицијата спие и не ги гони крадците! Вака ли се обучува тој фамозен провладин граѓански сектор?! Вакви ли неписмени шутраци седат таму на раководни позиции?!

3.

Друг битен „аргумент“ во одбраната на барокољупството и малверзациите на Тинексовото владеење во Општина Центар е едно интересно Решение на Уставниот суд од 2010 година, а по повод иницијативата на Мирослав Грчев за оценување на законитоста на Програмата за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја („Службен гласник на општина Центар“ бр.1/2008, 5/2008, 6/2008, 8/2008, 10/2008 и 4/2009-пречистен текст), донесена од Советот на општина Центар.

И монументалецов ме натера да го барам тоа Решение, и го најдов. Ама тука пак се работи за замена на тези.

Прво, на веб страната на Уставниот суд се дадени само неговите решенија, а не и изворните и интегралните текстови на иницијативите. Иако иницијативите се цитирани и прераскажани во решенијата, добро би било човек да може да го прочита изворниот текст. Нејсе.

Второ, во случајов, мислам дека се работи за несреќно срочена Иницијатива на Грчев. Тој, имено, ги оспорува програмите за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен обележја од аспект на значењето на личностите! Што, мислам, не држи вода со онаков чл. 2 од Законот! Што ќе рече дека Уставниот суд реагирал соодветно, не сакајќи да се впушта во какви и да се оценки на предложените личности од аспект на нивното значење. И напишал: „Со оглед на тоа што со иницијативата се оспорува Програмата од аспект на конкретно наброените настани и личности дека не биле соодветно статусно определени во согласност со одредбите од Законот за меморијалните споменици и спомен обележја, а со тоа и не можеле да бидат дел од содржината на Програмата, за што Судот не е надлежен да одлучува по однос на целисходноста и оправданоста на таквата определба на општината …“.

Трето, ако внимателно се чита почетокот на клучната реченица на Уставниот – дека со оглед на тоа што со иницијативата се оспорува Програмата од аспект на конкретно наброените настани и личности дека не биле соодветно статусно определени – јасно е што всушност требало да се направи со Иницијативата! Некој паметен во Судот мудро упатил на тоа дека од тој аспект не може да се оспорат програмите на Општина Центар. Требало да се бара друг аспект!

Односно, она што требало да се направи – а можеби сè уште не е доцна – е истите да се оспорат од аспект на карактерот на обележјата! Односно, дека „Тинекс“ формално донел програми за спомен обележја (што било во негова надлежност), а фактички подигнал меморијални споменици, што не е негова надлежност. Што е очигледна кражба! И тоа ќе им го потврди секој нормален македонски историчар на уметност!

Зашто, токму во таа грмушка се крие зајакот на големата измама на барокољупциве! И таа лесно се побива со поумен стручен пристап!

Кон првиот дел

Извор: teodosievski.blog.mk
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото