Расчистување на урнатините (1)

31.08.2013 03:33
Расчистување на урнатините (1)

Двајца бригадирци: црвеноармеец и младинка од Скопје

Службата за расчистување на градот почна да дејствува уште веднаш на 26 јули. Се формираа екипи за расчистување, кои работеа без одмор. Понекогаш една смена работеше преку цела ноќ. Остатоците од некогашните згради по секоја цена мораа да се отстранат, за да се овозможи движењето на возилата. Во расчистувањето покрај граѓаните мобилизирани во работни бригади, учествуваа и специјални екипи испратени од другите југословенски градови. Првите два дена расчистувањето беше повеќе рачно, потоа дојде механизација: багери, булдожери, докери, утоварувачи, камиони, дампери, компресори, агрегати, дигалки и др. На 27 јули главните сообраќајници веќе беа расчистени и сообраќајот можеше некако да се одвива. На другите урнатини расчистувањето продолжи неколку месеци. Екипите се нафрлија врз урнатините. Често за ситнење на големи бетонски блокови употребуваа и рударски направи. До колку и тоа не помагаше, се прибегнуваше кон минирање. И покрај сета претпазливост, се случуваа и повреди. За таа цел во секој пункт на градот беа поставени станици за брза помош. Тешките булдожери, со челичните заби ги кинеа остатоците на становите, ги влечеа блоковите, разнесуваа подови, смачкани шифоњери, фрижидери, остатоци на некогашната топла стреа. Војниците и граѓаните копаа по разурнатите домови и вадеа остатоци на нешта кои до вчера беа обележје дека тука се живеело. Од рака на рака одат рамови, искинати слики и книги, стари паларии, душеци, алишта, кревети, фотелји, шпорети и сл. Се вадат и пари, златни украси и други скапоцености. Сето тоа записнички се предава на органите на власта. Милиционерот не дозволува да се пријде до екипите за расчистување.


Собранието на СР Македонија под шатори


Во некои делови на градот се чувствуваше миризба на распаднати човечки тела. Затоа, службата за расчистување ја беше сконцентрисала својата работа на неколку објекти каде што се сметаше дека уште има лешеви. Бидејќи механизацијата не беше достаточна, се побара помош од другите градови и од Армијата. Единици од Командата на скопската област, како и инженерски единици од Крагуевац, Ниш и Нови Сад дојдоа со специјални машини за брзо отстранување на тешки бетонски блокови, со камиони, автоцистерни, кипери и др. Поголем дел од градежните машини од Автопатот тргнаа за Скопје. Големите градежни претпријатија од целата земја ја испратија својата механизација. Претпријатијата од Белград .,Комграп'', „Београдски пут", „Партизан" и сараевското претпријатие „Пут", кое ги изведуваше работите на патот Ниш—Димитровград ги упатија сите машини за Скопје. Југословенските рудници ги испратија своите рударски машини со стручни екипи за расчистување. Во екипата на рудникот Бановиќи, на пример се наоѓаа 8 багеристи, 6 булдожеристи, 4 возачи на тешки камиони, бравари, механичари, електричари, и рударски инженери со група рудари — специјалисти за работа во затрупани и загадени простории. Екипата беше опремена да може да работи без прекин во сите смени и со себе носеше опрема за сместување. Голем брзј стручни лица кои доаѓаа во помош на Скопје ги користеа своите годишни одмори. Рудниците од Космет, од Љубија, од Радуша, од Пробиштип ги испратија своите рудари, кои неколку дена и ноќи, без смена, со рефлектори и автомобилски фарови место јаглен и бакар од скопските рудници копаа луѓе, често пати по цена на својот живот, а откако ќе ги извадеа лешевите, ги расчистуваа урнатините. Дали на оваа земја едни исти луѓе секојпат треба да ги работат најтешките и најопасните работи? Слава на сите рудари.

И железничките градежни претпријатија ги испратија своите екипи со дигалки, компресори, апарати за сечење метал и друга комплетна опрема што е потребна за расчистување на тешки бетонски блокови. Многу градови ги испратија своите пожарникарски екипи со опрема за расчистување на урнатините.


Советска воена единица ги расчистува урнатините


Исто така и три странски земји — Бугарија, Шведска и СССР — испратија механизација за расчистување на Скопје. Прва дојде (на 26 јули) екипата од Ќустендил — Бугарија, со 126 стручни лица поделени во две работни бригади, со камиони, багери, швајс-апарати и друга опрема. Бугарската група ги расчистуваше урнатините на железничката станица, хотелот „Скопје", Југобанка, инженерската зграда на улица „8 ударна бригада", зградата бр. 13 во „Карпош", на ул. „29 Ноември" и кај Сули-Ан. Фирмата „Атлас Копко" од Стокхолм — Шведска испрати преку својот застапник „Универзал" од Белград 5 комплетни дупчалки од типот „Кобра", кои се погодни за дупчење и разбивање бетонски блокови.

На 5 август дојде во Скопје инженерската единица на советската армија со 500 војници, 125 булдожери, носачи, дигалки, голем број камиони, сопствена пекарница, кино, клуб, бања, 6 електроагрегати и со своја пилана со капацитет од 120 кубни метра граѓа на ден. Покрај инженери, единицата имаше свои лекари, хирурзи и други специјалисти. Бидејќи беше модерно опремена, советската единица доби задача да ги расчистува најголемите урнатини. Испечени од августовското сонце, забрадени со маски од газа, зашто правот навистина беше голем, заштитени со кожни нараквици, полуголи, советските војници работеа на плоштадот „Слобода", улиците „Ѓуро Гаковиќ", ,,Орце Николов", „Булевар ЈНА", и др. Тие работеа на 55 објекти во новиот дел на Скопје. Покрај тоа учествуваа во евакуацијата на семејствата, во мелиорационите работи во околината на Скопје, а нивните лекари и другиот медицински персонал му укажуваа прва помош на населението што живеше под шатори. Работата на младите војници од пријателската земја се следеше со љубопитство и симпатија од граѓаните на Скопје. Нивната единица се лоцира близу до селото Влае, веднаш над мостот од левата страна на Вардар. Над целиот логор, црвена арка на која поигруваат на ветрот две знамиња, југословенското и советското, а на арката со големи букви пишуваше: „Вечно нека живее и цвета дружбата меѓу советскиот и југословенскиот народ".

(продолжува)

ОкоБоли главаВицФото