Оџак

02.09.2013 12:17
Оџак

Оџакот е најдобар или најлош пример (зависи од која перспектива се гледа) на таканаречената ера на „политичка коректност“. Имено, нешто што со години, векови, милениуми... било симбол на среќа, на дом, на огниште... денес, односно во последните најмногу две децении, е симбол на загадувањето на човековата средина и на пропаднатите сништа за подобра иднина. Да, зборуваме за за она што некогаш беше симбол на посакуваната индустријализација, а денес е симбол на неправедната приватизација и на лошата транзиција. Значи, за оџакот.

А не било секогаш така...

Оџакот е значаен елемент на сечија и секоја детска и не само детска фантазија. Дедо Мраз се симнува низ оџак за да ви стави подарок под елката; лошиот волк се обидува преку оџакот да влезе во домот на трите прасиња; низ оџакот штркот пушта бебиња; допир на оџаџар носи среќа...

Оџакот е основниот симбол на домот или барем на цивилизацискиот напредок на домувањето. Тој е највисоката точка во куќата и не ретко централен дел од домот. Оџакот значи дека во куќата постои живот, одосно оган. („Тешко на куќа чиј оџак не чади“, вели една македонска поговорка.) Тој и ритуално и буквално е врзан за огнот и огништето. Имено, цивилизациската поделба по социјални сталежи, значи цивилизацијата каква што денес ја познаваме, е директно поврзана со пронаоѓањето на огнот, а уште поточно со пронаоѓањето начин тој оган да се одржи.

Основната придобивка и основната задача на оџакот е да го испушта чадот во слободниот простор. Чадот, ете, ја има таа особина да оди од долу угоре и да се задржи на едно место ако нема отвор низ кој може да пројде. Значи, уште од времето на првите постојани куќи човекот пронаоѓа начини како да го испушти чадот во воздухот, а самиот да не го вдишува. Во таа смисла оџакот станува еден од најсериозните и најкомплицирани архитектонски елементи што човековиот ум некогаш ги измислил. Конечно, огнот, чиј нуспродукт е оџакот, нема само благотворни дејства врз урбаниот живот, туку предизвикува и катастрофални последици. Историјата ги бележи како најкатастрофални пожарите во Дубровник 1296 година, во Лондон 1666 година, во Чикаго 1871 година... Сите тие искуства го принудуваат човекот на оџакот да му пристапи со целата своја сериозност и со сиот ум што го поседува.

Во револуциите од XIX век (индустриската и другите), како и оние од XX век, оџакот добива сосема ново значење. Тој е симбол на растеж на општеството. Колку повеќе оџаци – толку поголем напредок. На пример, паролата: „Социјализам = електрификација + индустријализација“ секогаш беше проследена со слика или цртеж на некакви високи оџаци. Тој тип оџаци, иако ги имаше и претходно, во Македонија почнуваат да растат по Втората светска војна, особено во 60-тите и 70-тите години од минатиот век. Некаде во тоа време се отворени или ги доживуваат најсветлите денови Железарницата Скопје, Металскиот завод „Тито“, ФЕНИ Кавадарци, Топилницата во Велес итн. За волја на вистината, и во тоа време можеа да се слушнат некои тивки и скромни гласови против „преголемата индустријализација“ на Македонија, меѓутоа не толку во смисла на она што денес го нарекуваме „политичка коректност“ односно „битка против глобалното затоплување“, туку повеќе од аспект на теоријата дека цела вечност ќе живееме во тогашната заедничка држава, па, едноставно, е глупаво секоја република да има своја железара или свој аеродром, кога, нели, парите можат и подобро да се потрошат. Сепак, тогашните комунистички раководители, се чини, имале подобар нос за националните интереси отколку денешните политички елити, па во некоја преносна смисла може да се каже дека растењето на македонските оџаци во суштина значи и поставување темели на Македонија како самостојна и суверена држава.

Она што во тоа време, значи, беше симбол на напредокот, денес е симбол на пропаднатите надежи и на корумпираната власт. Повозрасните помнат дека работниците од Железара беа првите што излегоа на поголеми протести пред зградата на Собранието на тогашната СРМ. За Топилницата од Велес и нејзините последици врз животната средина веројатно е излишно да се трошат зборови. ФЕНИ долго време беше прогласуван за најголемо индустриско и инвестициско промашување. (Во тоа време, во 70-те години на минатиот век, на пример, се водеа политички битки од типот: дали треба да се изгради ФЕНИ или современ пат до манастирот „Свети Прохор Пчињски“. Интересно е дека од денешен аспект и двете струи делуваат прилично националистички, иако, покрај сите контроверзи, одлуката да се изгради ФЕНИ денес делува многу порационално отколку пат до манастирот каде што нашите државни делегации одамна немаат пристап.)

Денес речиси не се сеќаваме на времето кога оџаците беа веселите знаци на нашите животи. Во зградите тие одамна го изгубија своето значење. Новите технологии, топланите и електричната енергија одамна го истиснаа оџакот во втор план. Додуша, сите оние што на сметка на оџакот добија два квадрата повеќе во својот станбен простор подоцна, во времето на прескапото парно греење, веројатно повеќекратно се покајаа за оваа своја невнимателна одлука. Како и да е, и оние индустриски оџаци што останаа да испуштаат чад, денес се доживуваат како симбол на корумпираната власт (наводно, „Окта“, „Мител“, „Макстил“ и останатите што испуштаат чад во скопската атмосфера имаат специјални договори со власта или им се гледа низ прсти во загадувањето на средината).

Што се однесува до употребата на оџаците во останатите делови на социјалниот живот, ќе споменеме само дека Оџаци е име на едно градче во Војводина, Србија, а Оџак е име на друго помало гратче во Босна и Херцеговина, инаку место на случување на повеќе ужасни воени злосторства.

Кога станува збор за референците на оџакот во човековото културно наследство, кога е во прашање Македонија, прво што ни паѓа на ум е старата арапска приказна, која отприлика оди вака: Некој строг калиф владеел строго со својот калифат (диктаторски, што би се рекло денес). И бидејќи веќе ги исцрпел сите средства за малтретирање на својот народ, на крајот наредил да се заѕидаат сите врати и луѓето да влегуваат дома преку прозорци. И луѓето, виделе – не виделе, ги заѕидале вратите и влегувале дома преку прозорци. Потоа калифот умрел и го наследил неговиот син. Бидејќи синот морал да биде построг од својот татко, тој наредил да се заѕидаат сите прозорци и луѓето да влегуваат дома низ оџаците. Луѓето, виделе – не виделе, ги заѕидале прозорците и влегувале дома преку оџаците. И велеле: ах, колку беше убаво кога влегувавме дома низ прозорци.

Во Македонија, очигледно, одамна се заѕидани и прозорците и оџаците. Веројатно затоа ни Дедо Мраз одамна не дошол.

Слики: APAK

Слични содржини

Општество
Општество / Став
Општество / Став
Општество / Став
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Општество

ОкоБоли главаВицФото