1011 hPa
100 %
16 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 06:59
1.
На школо одев кога бев мал
И учев што е мое, а што твое
И кога сите знаења ги бев збрал
Мислев дека за учење уште има.
Јас немам што за појадок да јадам
А другите го имаа појадокот свој
И така успеав да го свладам
Она што е битно за непријателот класен.
И учев зошто и како
Постои расцеп во светот!
И дека делењето меѓу нас е јако
Зашто дождот од горе надолу паѓа.
2.
И ми рекоа тие: ако им се свидам
Тогаш ќе станам исто како нив.
Но мислев: нивна овца ако бидам
Никогаш касап нема да станам.
Некој од нас да им ги нуди
Сакаше услугите свои, видов,
Но му се случи нешто што го вчуди,
Нешто што ни се случи тебе и мене.
Но чудото мене не ме мачи
Благовремено им дадов отпор:
Нагоре дождот не ќе се качи,
Тој само надолу паѓа.
3.
И слушав како бијат барабани бројни
И сите зборуваа за тоа:
Мораме сега да водиме војни
За едно место под сонцето топло.
Викајќи со засипнат глас
Ветуваа мешлестите бонзи
Ќе го слезат небото сино за нас
Само сега да бидеме храбри.
И прашање на часој, верувавме ние,
Е кога ќе го имаме ова или она.
Но дождот пак надолу лие
А четири години јадеме трева.
4.
Република сега се спрема
Еднаш одненадеж ни рекоа тие,
И дека разлики меѓу луѓето нема
Без оглед дали се дебели ил’ слаби.
И оној што беше гладен
Никогаш толку надежи немал.
Оној што за јадење никогаш не бил страден
Исто така беше со надежи полн.
И сомнеж почна во мене да рие,
Си велев: нешто не е в ред:
Нагоре почнал дождот да лие
А тоа не е в ред.
5.
Ливчиња за гласање добивме ние
И го предадовме оружјето наше.
Ветувања нам ни дадоа тие
А ние на нив пушките наши.
Ни рекоа: оној што може да сфати
Ќе ни помогне и нам.
Само нека секој од нас на работа се врати,
Другото ќе го направеле тие.
Во раздвиженост ова пак ме стави,
И бев, како што бараа, мирен.
Убаво е што дождот напори прави,
Си мислев, нагоре да паѓа.
6.
И наскоро чув дека сме на сигурно тло,
Велеа дека суредено е сè.
Ако сме го прифателе помалото зло
Поголемото заштедено ќе ни било.
Да го прифатиме попот Бриниг за нас
Подобро би било за да не дојде Папен.
А бидејќи од Шлајхер ќе немало спас,
Го прифативме и јункерот Папен.
Јункерот отстапи пред еден генерал
А пред јункерот отстапи попот.
И дождот не беше мал
И паѓаше од горе долу.
7.
Со гласачки ливчиња ни ја испитуваа свеста,
А за тоа време фабриките затворени беа.
И ако заспиевме пред гласачките места
Од нас ќе имаа мир.
Почекајте малку! Не кревајте бура!
Со вакви зборови ни се обраќаа тие.
Доаѓа уште поголема конјуктура
По една голема криза.
А јас им реков на моите колеги:
Така зборува непријателот класен!
Кога тој зборува за времиња без стеги
На свои времиња тој мисли.
Дождот не може нагоре да летне,
Само за да биде добар спрема нас.
Но ако еднаш сонцето светне
И дождот ќе престане да паѓа.
8.
Како маршираат ги видов еден ден
Зад знамињата нови.
И многу наши станаа нивни плен:
Веруваа дека веќе нема непријателски класи.
И тогаш видов на нивното чело
Муцки што веќе ги знаев.
И слушав како ечат гласови смело
Во стариот фелдфебелски тон.
И деноноќниот дожд тежи
Кога низ знамиња и свечености паѓа.
И оној што на улица лежи
Секојдневно го чувствува тоа.
9.
За непријателот зборуваа гласно
Вежбајќи да стрелаат вредно
И зад границата покажуваа страсно
А мислеа само зад нас.
Во војна во која победува само еден
Непријателите сме тие и ние,
Зашто животот нивни би бил беден
Ако ние не им бидеме кули.
И затоа грешно е да се суди
Дека тие нема да удрат врз нас.
Тоа не треба да ве чуди
Како ни тоа дека врз земјата удира дожд.
10.
И оној што ќе умре од глад
Тој што паднал во битка,
И оној што ќе умре млад
Всушност убиен е тој.
Оние што не сакале од глад да скапат
Ќе ги одведат војниците нивни.
Оној врз чија глава тие ќе стапат,
Тој леб само барал.
На оној кого сега го гонат
Му ветувале леб.
Кому што посмртни ѕвона му ѕвонат,
Тој вистината ја кажал.
И оној кај кого верба се раѓа
Дека пријатели му се тие,
Дека дождот можел и нагоре да паѓа
Всушност надежи тој имал.
11.
Зашто непријатели класни сме ние
Па што и некој да ни каже:
Оној што од борбата се крие
Ризикува да умре од глад.
Трубачу, ние сме непријатели класни,
Фабриканти, јункери, генерали
Колку и трубите ваши да се гласни
Останувате вие непријатели наши.
И ништо не ќе може да се среди
Ништо не ќе може да се смени.
И да им биде јасно вреди
Дека нагоре не се лее дождот.
12.
И колку да мачка молерот твој
Не ќе може да го замачка јазот.
Еден од нас останува во решавачкиот бој
Другиот да отстапи ќе мора: ти или јас.
И едно е јасно како денот бел,
Без оглед дали уште ќе принаучам нешто:
Ништо заедничко немам со неговата цел,
Со целта на непријателот класен.
Уште нема од зборови спој
Што ќе нè обедини нас:
Ти си непријател класен мој
И дождот од горе надолу паѓа.
Препев: Душан Томовски
Слики: Џозеф Шац