Обама, Конгресот и Сирија

03.09.2013 17:13
Обама, Конгресот и Сирија

Добар показател за тоа колку ниско падна американската политика е фактот дека во јавноста се изразува благодарност заради тоа што американскиот претседател ќе побара изјаснување од Конгресот пред да почне да ја бомбардира земјата која ниту ја напаѓа Америка, ниту ѝ се заканува. Дека САД нема да се меша во туѓите војни без согласност на американскиот народ преку неговите претставници во Конгресот е централна одредба на американскиот Устав, а не некоја просветлена, прогресивна иновација на XXI век. Џорџ Буш, секако, побара одобрување од Конгресот за војната во Ирак (иако го стори тоа кога беше јасно дека ќе ја добие војната: добро се сеќавам дека го гледав тогашниот претседател на Комитетот за односи со странство во Сенатот, Џо Бајден, како практично ја моли Белата куќа на Буш да му „дозволи“ на Конгресот да се изјасни за нападот, додека однапред ветува дека ќе го одобри).

Но, она што зачудува во славеничката реакција на вчерашната изјава на претседателот, е тоа дека гласањето на Конгресот што Обама ќе го побара, судејќи според сè, во неговата глава, нема никаква обврзувачка сила. Нема причина да веруваме дека отфрлањето на војната во Конгресот на кој било начин ќе го спречи Обама, освен можеби политички. Напротив, има доволно докази дека Белата куќа ова гласање го смета исклучиво за советодавно, т.е. безначајно.

Сетете се како - во една од најнезабележаните лоши постапки на администрацијата на Обама - мнозинството на Конгресот всушност гласаше против американската војна во Либија, па сепак Обама го игнорираше тоа и продолжи да ја води војната (како што стори и Клинтон кога Конгресот одби да го издаде одобрувањето што го побара од него за бомбардирање на Косово, иако во тој случај Конгресот подоцна гласаше да се одобрат средства за кампањата за бомбардирањето). Зошто Белата куќа би сметала дека Конгресот не може да го одврати претседателот од војната во Либија, но дека неговата способност да почне војна во Сирија зависи од одобрувањето на Конгресот?

Притоа, неговите соработници јасно ставаат до знаење дека Обама ова гласање не го смета за обрзувачко, како што известува Тајм:

„За да бидат работите уште покомплицирани, соработниците на Обама јасно ставија до знаење дека барањето на претседателот за согласност од Конгресот нема да биде задолжително. Тој би можел да ја нападне Сирија дури и ако Конгресот го отфрли тоа.“

Секако дека е подобро претседателот да побара одобрување од Конгресот отколку да не побара, пред САД да се вмеша во уште една произволна војна на Блискиот исток, но ова важи само ако гласањето се третира како нешто повеќе од празен симболичен ритуал. Однапред да се прогласи дека расправата на која се повика претседателот и конгресното гласање што го побара се само необврзни гестови - дека ќе се смета на нив само ако исходот е онаков каков што посакува претседателот - значи дека се покажува прилично силен презир и кон демократијата и кон Уставот.

Бизарно е да се видат луѓе кои предлагаат бомбардирање на друга земја, додека истовремено признаваат дека со тоа нема да се постигне ниедна друга цел освен зачувување на „кредибилитетот“ на оние кои бомбардираат. Исто така, тешко е да се замисли посилен симптом на ослабната империја од тоа нечиј национален „кредибилитет“ да зависи од периодично бомбардирање на туѓи земји.

Додаток: Државниот секретар Џон Кери утрово на CNN на прашањето дали гласањето во Конгресот ќе биде обврзувачко, изјави: „Обама има право да го направи тоа, без разлика на одлуката на Конгресот“.

Извор: The Guardian, 01.09.2013.
Слики: Џејмс В. Џонсон

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото