Како (не) треба да се известува за самоубиство

04.09.2013 08:51
Како (не) треба да се известува за самоубиство

Како (не) треба да се известува за самоубиство: Препораки и примери

 

Во првиот дел – (Не)етичко известување: Дали медиумите влијаат на бројот на самоубиства? – ги покренавме и прашањата

-Дали треба да се известува за секој случај на самоубиство?“,
-Дали треба да се известува за причините за самоубиство?“,
-Дали новинар(к)ите треба да се вклучат во борбата за превенција од самоубиства?“.

Во вториот дел – Како (не) треба да се известува за самоубиство: Воздржете се од сензационализам! – укажавме зошто медиумите не би требало да бидат „copycat“ на МВР, дека не објавуваат прецизна статистика и дека етичкото известување е неспоиво со сензационализмот. Во третиов дел посочуваме конкретни препораки за одговорно известување и даваме примери за неодговорно известување од страна на македонските медиуми.

Едукација на јавноста

„Самоубиството никогаш не е резултат на само еден фактор или настан“ (Прирачник на СЗО)

Во случаите кога има јавен интерес да се известува за самоубиство, новинар(к)ите треба да ја искористат можноста за едукација на јавноста и за разбивање на митовите и предрасудите. Притоа, самоубиството не треба да се претставува како резултат на еден настан или една причина. На пример, во текстот „За два дена две самоубиства“ претставено е самоубиство како резултат на еден „бизарен“ настан:

„…животот си го одзел најверојатно по една вообичаена семејна расправија за тоа дали таткото ќе му го даде автомобилот или не.“

Неетичкото известување продолжува и во следната реченица, наспроти препораките да се избегнува експлицитно опишување на методот на самоубиство:

„Откако таткото одлучил да не му го даде автомобилот на својот син, момчето отишло во другата соба, ја зело пушката и пукало во себе.“

За разлика од едното самоубиство (кое е „разрешено“, „иако засега нема официјална потврда за причините“) , другото самоубиство е претставено како мистериозно, наспроти препораката да не се опишува самоубиството како необјасниво или „без предупредување“: „Никој точно не може да каже кои се причините за смртта на…“, „Вистината за смртта студентот ја однесе во гроб“.

Нема „успешно“ самоубиство

„Избегнувајте јазик со кој се сензационализира или нормализира самоубиството или истото се претставува како решение за проблемите“ (Прирачник на СЗО)

Употребата на фразата „неуспешно самоубиство“ претпоставува дека самоубиството е успех. Исто така, наместо изразот „епидемија на самоубиства“, препорачливо е да се користи изразот „зголемена стапка“, особено кога се известува за „земјата што претходно имаше една од најниските стапки на самоубиства во целиот свет“. Се препорачува да се избегне и објавување на изрази како „Македонците се рекордери во труење со…“, „место со највисока стапка на самоубиства во светот“, „градот под Пелистер беше на самиот врв по самоубиства во Македонија“ и слично.

Наместо полициски фрази кои го претставуваат самоубиството како феномен од областа на криминалот, треба да се користи едукативен речник кој пренесува порака дека самоубиството е значаен проблем на јавното здравство. Оттаму, не се препорачува ниту метафоричната употреба на зборот „самоубиство“ во политички контекст, како во фразата „политичко самоубиство“.

Во никој случај не се препорачува да се претставува самоубиството како „решение“ или „спас“, како во насловот „Самоубиството – спас од проблемите“.

Чаршијата не смее да се користи како извор

Новинар(к)ите треба да се воздржуваат од потпирање врз чаршиски извори или шпекулации:

„Низ чаршијата се слушаат различни верзии околу неговиот мотив, се споменуваат зависности, но вистината веројатно отиде во гроб со несреќното момче.“ (Две секунди до смртта).

Наместо цитирање или интервјуирање на сведоци или полициски извори, се препорачува да се побара совет од експерти за превенција на самоубиство.

Треба да се биде особено внимателен кога извори на информации се најблиските. Непрофесионално е врамување во наслов на сензационалистички шпекулации за исчезнато лице („Можеби се самоубила?“) како и објавување информации од медицинското досие. Треба да се избегнува и сензационалистичко врамување на експертски мислења, како што е поднасловот „Самоубиството не може да се спречи!“. Новинар(к)ите треба да се воздржуваат и од објавување на контроверзни „експертски“ тврдења:

„…психолог, при центарот за социјални грижи, вели дека самоубиствата е сезонска појава, но големо влијание има и созвездието.“

Внимателно со детални описи!

Новинар(к)ите треба да се воздржуваат од детални описи на жртвата (особено ако не станува збор за јавна личност) и на методот на самоубиство, затоа што деталното известување може да претставува поттик и други луѓе да го копираат опишаниот метод. Ако се известува за случај на предозирање на некоја јавна личност, се препорачува да не се известува детално за природата, квантитетот, комбинацијата на земени дроги или начинот на кој се набавени.

Кај нас, премногу често се објавуваат имињата, презимињата и други лични податоци за жртви на самоубиство кои не се јавни личности, а за методот на самоубиство сензационалистички се известува уште во насловот. Неретко се посочуваат детали и за средството со кое е извршено самоубиството (објавување марка на пиштол, „бренд“ на хемикалија, вид и квантитет на злоупотребени лекови или дрога, итн.).

Не треба да се рекламираат „популарни“ места за самоубиство

„Не наведувајте детални информации за местото на извршеното самоубиство или обид за самоубиство“ (Прирачник на СЗО)

Деталното или сензационалистичко известување за „самоубиствени локации“ може да биде сфатено како нивна медиумска промоција. Непрофесионално е метафорично да се претставуваат таквите локации како „магнет“:

„Кога во Македонија би се направила топ-листа на места што како магнет ги привлекуваат лицата со самоубиствен нагон – кумановскиот [име на мост] би му бил пандан на мостот „Голден Гејт“ во Сан Франциско.“ (Две секунди до смртта).

Уште понепрофесионално е да се даваат конкретни насоки како се стигнува до „Мостот на смртта“ (…се стигнува многу лесно…) и истиот да се претставува како мост „што од прва ќе ви го одземе здивот“.

Видеа, фотографии, проштални пораки, содржини од социјални мрежи

„…Не треба да се користат слики од лицето кое извршило самоубиство. За користење визуелни слики мора да добиете експлицитно одобрение од членовите на семејството“…(Прирачник на СЗО)

Во македонските медиуми се почесто се објавуваат фотографии, видеа или проштални пораки на жртви на самоубиство, дури и на малолетни жртви. Во одредени случаи, се објавуваат крајно несоодветни фотографии. На пример, сензационалистичкиот наслов „Се самоуби пациент во штипската болница – се обесил со болнички завој“ е илустриран со фотографија со јаже-бесилка. Притоа, се даваат податоци од историјата на болеста на пациентот, од што боледувал, од што бил опериран, и каде живеел.

Уредниците треба да бидат особено внимателни при изборот на фотографии, затоа што и самата фотографија може да сугерира на самоубиство. За жал, медимски „тренд“ станува и објавување видеа и фотографии од социјалните мрежи на жртви, нивните проштални пораки и пораки на лица кои најавуваат самоубиство.

Едно од најтешките кршења на професионалните новинарски стандарди беше објавувањето на „самоубиство во живо“ на осомничено лице гонето од полиција, од страна на една американска ТВ. Некои домашни портали објавија сензационалистички написи дека малолетните деца на жртвата ја тужат ТВ-станицата зошто дозволила во живо да го гледаат самоубиството на нивниот татко. Со објавувањето на спорното видео (особено со сензационалистичкото врамување „СМРТ ВО ДИРЕКТЕН ПРЕНОС“) и нашите медиуми станаа директни соучесници во непочитувањето на личната болка и жалост на децата за кои известуваа.

СОС-линија за кризни состојби на Клиниката за психијатрија (24/7):
(02) 3136 400

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).