Слоеви

04.09.2013 10:07
Слоеви

На тоа место археолозите вршеа ископувања во тек на повеќе сезони и открија многубројни културни слоеви. Блиску до површината, со урнатини кои на некои места беа сè уште видливи среде ниската дабова шумичка, имаше средновековна тврдина која, очигледно, требало да го штити влезот во клисурата. Во подножјето на ѕидовите беа најдени неколку ‘рѓосани шилци од стрели и еден пробиен шлем. Потоа, археолозите открија дека под тврдината има разурнати делови од рановизантиска црква, со мошне убаво орнаментирани ѕидови од наизменично редени камења и тули, и со остатоци од фрески. Под црквата се укажа една римска villa rustica, со фрагменти од статуа на божицата Помона, како и со мозаик на кој имаше претстави на морски суштества – делфини, медузи, октоподи. Под оваа градба беше откриен грчки храм со столбови во дорски стил, кој очигледно бил урнат при некоја варварска наезда. Археолозите копаа уште подлабоко, и дојдоа до едно неолитско живеалиште во кое, под еден ѕид од плитар, беше најдена фигурка на Големата Мајка, со мошне нагласени облини – како што беше опишано во извештајот – „во долниот дел од грбот“. Големата количина на пепел и изгорени коски зборуваше за тоа дека населбата била опожарена. Копајќи уште подлабоко, археолозите дојдоа до слој земја без траги на човечко присуство, освен една вилица на мамут врз која имаше неколку решки за кои би можело да се претпостави дека потекнуваат од човечка рака. Кога продолжија да копаат уште подолу, археолозите открија неколку целосно сочувани ЦД на Ролингстоунсите од нивниот познат албум „Big Bang“.

Расказот е преземен од книгата „Седмата страна на коцката“ во издание на Магор

Слика: Анамарија Папалини

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото