Обесчестено Собрание

04.09.2013 09:24
Обесчестено Собрание

Во Македонија редовно сме потсетени дека поделбата на власта е непостојна, дека законодавната и судската власт се целосно потчинети на извршната власт или на нејзината најтесна врхушка.

Дрскоста или негрижата на власта е фрапанта. Таа не се обидува да го маскира, да го прикрие обесчестувањето на Собранието и на институциите. Сите знаеме како се прекрши Уставот на 24 декември, како насилно се исфрлија пратениците на опозицијата и новинарите, сите ја следевме актуелната шарада на власта околу палома извештајот за тие настани. Власта не презема одговорност ниту за прекршување на Уставот, ниту пак за рушење на законодавната власт, прво преку злоупотреба на полицијата, а потоа и преку шверцерското донесување на законот за буџет.

Груевски со сета своја ароганција овие денови ќе изјави дека пратениците на опозицијата наместо да бараат одоговорност за уништената институција, Собрание на РМ, требало да му се извинат на Трајко Вељаноски поради нанесениот стрес, нападот, спречувањето на работа, итн, итн... Но, зошто ги зборувам овие работи кои ни се толку добро познати? Сакам преку една проста паралела и пример да ви доловам која е разликата помеѓу светските демократии и нашиов апсолутистички режим.

Токму овие денови, парламентите на двете најстари светски демократии извојуваа огромна победа над извршната власт. И во Велика Британија и во Америка, нивните влади, односно извршната власт, му ја вратија на парламентот најсуверената моќ што постои во една држава, а тоа е да одлучува по прашањето на војната и мирот. Ниту британскиот премиер, ниту пак американскиот претседател беа приморани да го направат тоа. Притоа, ниту Британија, а ниту Америка не се строго парламентарни демократии - првата е парламентарна демократија и уставна монархија, а втората е претседателска демократија.

И замислете, најмоќните лидери на светот се потчинуваат пред институцијата парламент, пред законодавната власт, а нашиот премиер на една банана држава не е способен да направи нешто слично. Епа, токму затоа сме банана држава, поради режимот кој ги срози и потчини сите институции, секој вид на власт во државата.

Големите светски демократии и лидери одржаа лекција дека парламентарната демократија, една од најголемите креации на англосаксонскиот свет, не може да биде потчинета ниту на интересите на тесни групи, ниту на самоволието на популистичките лидери кои мислат дека преку перење на мозок или преку нарачаните анкети одговараат директно пред народот. Не, помеѓу народот и лидерот стои парламентот и само преку поделба на власта и преку почитување на законодавната власт една држава може да аспирира да биде демократија. Македонија под Груевски не ги исполнува ни тие елементарни предуслови.

Вистинска демократија значи власт на народот, избрана од народот, за народот, да ја цитирам познатата фраза на Линколн. Но, се мисли на власт на народот остварена преку неговите претставници и преку почитување на законот, а не преку некое недоквакано диктаторче кое мисли дека може да ја манипулира народната волја или да ги исфрли од Собрание претставниците на половина граѓани од државата.

Можеби и кај нас еден ден ќе се врати достоинството и суверенитетот на Собранието, можеби еден ден повторно претставниците на народот ќе се избираат на слободни, фер и демократски избори. Можеби еден ден повторно ќе имаме право да се наречеме демократија.

Ако тој ден дојде, прва обрвска на новото демократското собрание ќе биде преку уставна промена да го осуди сегашниот режим, да ги забрани фашистичките партии од типот на ДПМНЕ и да постави здрави основи, за ова лудило никогаш повеќе да не ни се повтори.

Демократијата во една земја не зависи од Собранието, да не бидеме наивни. Таа зависи од власта и нејзиното почитување на институциите и законите. Но, враќањето на достоинството и суверенитетот на Собранието ќе има особено симболичко значење, овој режим и овој диктатор да бидат морално и правно осудени од истата институција која најмногу ја погазија.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото