Снабдувањето на градот

05.09.2013 08:06
Снабдувањето на градот

Помошта почна да пристига од сите страни

 

Веднаш по земјотресот, уништените продавници, магацини и утостителски капацитети го направија безизлезен проблемот за исхраната на населението. Снабдувањето на градот беше наполно прекинато. И оние продавници кои не беа многу оштетени, првите неколку дена не беа отворени. Благодарејќи на одделни организации и органи, како на ЈНА, на Црвениот крст, на помошта од другите градови на СРМ и другите републики и странство, во голема мера се успеа брзо да се обезбеди основната исхрана на населението. Основниот прехранбен продукт, лебот, уште истиот ден до 8 часот го снема од оние продавници кои тој ден го продаваа. Веднаш по земјотресот, луѓето нагрнаа на оние продавници кои тоа утро беа снабдени со леб. Плашејќи се од недостиг на леб, тие купуваа поголеми количества и така создаваа извесна резерва за неколкуте наредни дена. Првите два дена по земјотресот снабдувањето со леб беше прилично тешко. Затоа веднаш се презедоа мерки и се ангажираа пекарниците на ЈНА и пекарниците од Тетово, Гостивар, Куманово, Титов Велес, Штип, Врање, Лесковац, Ниш и Белград. Овие градови го снабдуваа Скопје се’ додека не се поправија оштетените пекарници во градот. Кога дојде советската инженерска единица, нејзината голема пекарница се придружи кон снабдувањето на градот. Во тие денови, таа беше единствена пекарница во градот. Штом почна евакуацијата, потрошувачката на лебот во градот се намали; во тие денови, во градот се консумираа само 60.000 кгр. леб на ден. За да се олесни снабдувањето со леб, во шаторските населби и во другите пунктови каде што имаше собрано народ се отворија импровизирани продавници на леб. Особено многу придонесоа полските пекарници на леб на ЈНА, кои веднаш по земјотресот се ставија на услуга на градот. Благодарејќи на овие мерки, снабдувањето со леб, иако во моменти беше тешко, никогаш не беше критично.


Аптека

 

Снабдувањето со вода, во првите моменти исто така беше ненормално, бидејќи водоводната мрежа беше помалку или повеќе оштетена на целото подрачје на градот. Прснаа повеќе цевки, а во реонот на Серава, како и во урнатите згради имаше големо одлевање на водата. И тука помогнаа единиците на ЈНА кои веднаш со своите цистерни почнаа да го снабдуваат градот со вода. Војниците-возачи беа во постојано движење. Co своите цистерни донесуваа во градот околу 350.000 литри вода на ден. Водата требаше за пиење, за миење, и перење, за полските пекарници на ЈНА и за болниците што ги имаше многу низ градот. Пожарникарските служби од соседните градови и од Србија уште истиот ден дојдоа со своите цистерни и вршеа дотур на вода. Само од Белград дојдоа 7 пожарникарски цистерни полни со вода за пиење. Од другите републики веднаш дојдоа и стручњаци за водоводна инсталација и уште во првите моменти се пристапи кон отстранување на дефектите во водоводната мрежа, а тоа придонесе во рок од два дена градот да добие вода.

Благодарејќи на братската помош од другите републики во стручни лица и материјали, како и на помошта на електродистрибуцијата од Ќустендил, снабдувањето со електрична енергија беше исто така брзо решено. Центарот на Скопје во мрак беше само една ноќ. Другиот ден струја добија болниците, Градската млекарница, Пиварницата и Железарницата, а третиот ден општините „Идадија" и „Кисела Вода" и други стопански организации. Прво се осветли „Плоштадот" и шаторските населби, а потоа другите делови на градот. Осветлувањето на градот значеше многу и за психозата која настана по земјотресот.


Една од 275-те полски кујни за исхрана на населението

 

Продажбата на овошје и зеленчук се вршеше на бившите пазари кои останаа поштедени од стихијата или на импровизирани тезги кои индивидуалните производители, задруги и земјоделски стопанства ги подигнаа во шаторските населби. Селаните од околните села ниту еден ден не го оставија Скопје без овошје и зеленчук. Дури и на денот на катастрофата, кога ниту еден скопјанец не мислеше да оди на пазар, тезгите беа полни со овошје и зеленчук, а особено со пиперки и домати. Меѓутоа, покрај тезгите ги немаше продавачите. „Земајте, ова е дар од селаните" — велеа селаните кои ги истресуваа своите кошници и се враќаа дома.

Веќе вториот ден во градот беа отворени неколку продавници за прехранбени продукти, a пo улиците крстосуваа камиони на Градското млекарство кои продаваа млеко, леб, и бурек. Во шаторските населби се отворија околу 30 импровизирани продавници на бело пециво, леб и слаткарски производи. Некои продавници за индустриска стока, како сапун, крпи за лице, пасти за заби, чорапи, кошули, тутун, конзерви и друго, својата стока ја нудеа под натстрешници направени обично пред нивните бивши продавници или во шаторските населби. За жалење е фактот шго некои неодговорни поединци ги покачуваа цените на прехранбените и индустриските производи, поради што органите на власта презедоа мерки за казнување на лицата што самоволно ги покачија цените. Се појави дури и препродавање на прехранбени продукти и шпекулација со нив. За да се спречи понатамошното ширење на оваа појава, се презедоа мерки да се дотурат прехранбени продукти од блиските градови. Од Ниш, Куманово, Титов Велес, Тетово, Гостивар, Струмица, Кичево и од други поблиски градови почна да пристигнува големо количество леб, конзервирана храна и други прехранбени продукти. На повик од Сојузната комора некои индустриски и трговски претпријатија од другите републики веднаш испратија во Скопје монтажни продавници со стока. Така, Градското млекарство од Белград, белградската Тржница и претпријатието „Дунав" во соработка со Народниот одбор на Белград, испратија 26 монтажни продавници со персонал и стока. Прехранбена и индустриска стока почна да пристига и од сите градови на другите републики. И во поглед на исхраната, Армијата одигра решавачка улога бидејќи уште првиот ден излезе со своите полски кујни и им делеше на граѓаните топла храна од војничките казани. Единиците на ЈНА отворија 7 полски кујни во кои делеа бесплатно храна за 50.000 луѓе. Извршниот совет на СРМ издаде одлука според која во кругот на фабриките, во шаторските населби и во околните села каде што имаше евакуирано население се организира општествена исхрана. Храната се приготвуваше во неколку централни места за гpyпa претпријатија кои се наоѓаа едни покрај други. На приготвување и сервирање на храната работеа главно угостители и персоналот на рестораните чии објекти беа разурнати. За три оброка на ден се воведе плаќање од 120 динари. Цената на исхраната се определи според реалните трошоци, намалена за вредноста на продуктите добиени од бесплатната помош сè додека тие не се потрошија. На лицата што беа социјално загрозени храната им се делеше бесплатно. Кога се потрошија продуктите добиени како помош, цената на исхраната стана комерцијална. На 7 август почна да работи партерот на Стоковната куќа со 25 тезги. Така положбата се’ повеќе се нормализираше и за релативно кус рок се создадоа најелементарни услови за егзистирање.

ОкоБоли главаВицФото