Гебелс како класик

05.09.2013 09:45
Гебелс како класик

Во својата едиција Прозата на великаните, издавачката куќа Алгоритам го издаде романот на Јозеф Гебелс „Михаел. Дневник на германската судбина“.

За почеток, неколку зборови за издавачот. Бидејќи станува збор за куќа која веќе неколку години демонстрира склоност кон литература со прилично егзотична ориентација, со акцент на сосема одредени теми, тоа што изборот падна баш на овој „писател“ е работа која не изненадува особено. Заедно со делата на сликарот и писател Николај Рерих и езотеричните списи на филозофката Хелена Блаватски, оваа издавачка куќа до сега ги објави и книжевните дела на Олга Грејг, авторка на знаменити книги за Хитлер, како и практично сите умотворби на целиот колектив на списанието „Утрешнина“ со Александар Проханов и Владимир Бушин на чело. А сега - еве го и Гебелс.

Последното дело кое Алгоритам му го нуди на рускиот читател ја видело светлината на денот во Германија 1929 година, четири години пред нацистите да дојдат на власт. Гебелс во тоа време веќе на големо бил член на Националсоцијалистичката работничка партија на Германија, така што првото издание на овој роман го финансирала неговата партија.

Од белешките објавени на сајтот на рускиот издавач, за книгата на Гебелс може да се дознае следното: „Младешкото одушевување, отвореноста, непосредноста на мислите и емоциите на авторот, условиле остар афористичен стил кој дослeдно ја следи содржината на целата книга“. Во делото на овој голем автор се забележани и некои „спорни, за денешни услови безусловно анахрони аспекти“. Но, во времињата кога овој млад писател творел, овие „спорни аспекти“ тогашната јавност ги прифаќала сосема поинаку. Па денес спорните гледишта тогаш не биле „маргинални, туку напротив, широко прифатени“ и затоа - нè предупредуваат на крајот на оваа белешка нејзините автори - „што се однесува до неговите мисли, ставови и убедувања, ние немаме право да му замериме што било на овој млад писател“.

То ест, тој е нацист, но ние немаме право да му замериме што било. Ние имаме право само на тоа со полни гради да го вдишеме мирисот на неговата ароматична проза, неговиот симпатичен безопасен роман, неговото младешко одушевување, искреност, и секако, неговата чудесна афористичност. Нема што! Вистинско малечко зајаче! Прекрасен пример на чиста милост. Да, овде и онде понекогаш искрснува и по нешто „безусловно спорно“, ама ќе признаете - никој не е совршен.

Некој ќе помисли дека на идниот читател му се нуди уживање или дури задоволство во текстот на раниот Хајне, Бајрон или на уште сосема младиот Лермонтов; дека за среќа е откриено и подарено на светот до сега непознато дело потпишано од генијалното перо на „Антоша Чехонт“ (псевдоним на младиот Чехов) или, да речеме, на „пчеларот Руди Пањко“ (псевдоним на младиот Гогољ), чие бајковито и раскошно малоруско дрдорење го доведувало Владимир Набоков до ужас: ако овој лукав пчелар поживеел подолго, светот можеби никогаш не би дознал за планетата Гогољ!

Меѓутоа, како што знаеме, овде не станува збор за светол гениј. А не станува збор ниту за гениј на злото - демонски привлечен и неодолив. Станува збор за ситен злодух, ништожен и одвратен изрод.

Дмитриј Биков, човекот кој прочита сè што е излезено од печатарската машина од нејзиниот изум до денес, тврди дека романот на Гебелс во книжевна смисла е едно големо ништо, еден обичен безвреден фалсификат. Не ми паѓа на памет да ја читам белетристиката на Гебелс, но ако по некој случај Дмитриј Биков ја оценеше книгата поинаку, јас не би му поверувал. Впрочем, сите тие морални накази, оние баш крупните а и поситните, во својата младост безуспешно се обидувале да се занимаваат со некакво творештво. Хитлер сликал лирски пејзажи, Сталин и Мао пишувале стихови и нормално, сето тоа творештво имало возвишено-романтичен карактер. И бидејќи човештвото не умеело да го оцени нивниот талент и резултатите од нивниот уметнички занес, тие сурово му се одмаздиле.

Објавувањето на романот на младиот Гебелс може да се оправда само во случај во книгата неизоставно да се приложи подробен и за сите разбирлив предговор во кој на пристапен начин се зборува за личноста на авторот, за тоа до кој степен се гнасни злосторствата кои ги извршил и за тоа дека неговото дело, од гледна точка на книжевноста, е апсолутно безвредно. На овој предговор треба уште да се додаде и некој вид кратко упатство за тоа кого сè оваа книга може да го интересира: историчарите, социјалните психолози и секако, психијатрите. Во спротивно, каков што и е случајот со овој роман кој издавачот гордо го смести во својата едиција Прозата на великаните, се стекнува со сосема доволен број услови да се поведе разговор за пропагандата на нацизмот.

Бидејќи репутацијата на издавачката куќа Алгоритам ги прави излишни сите разговори на оваа тема, за неа всушност и немам никакви прашања. Печатот на срамот таму повеќе нема каде да се постави. Многу повеќе ме интересира позицијата на оние депутати од Думата кои пожртвувано се посветија во борбата за зацврстување на духовно-моралните врски во нашето општество. Ако овие достоинствени луѓе барем на кратко се оддалечат од важните и интересни проблеми поврани со сексуалната ориентација и различните облици на сексуални односи меѓу граѓаните, овој издавачки подвиг би им дал ништо помалку достојни причини за жестока примена на нивниот патриотски темперамент.

Не можам а да не оддадам и некој вид признание за објавувањето на оваа книга, на која ѝ е предодреден не баш мал комерцијален успех. Во атмосфера на социјална огорченост, грозничаво трагање по непријатели и шовинистичка милитантно-реваншистичка хистерија креирана одозгора и издашно потхранување одоздола, баукот на фашизмот денес речиси отворено кружи над Русија. Во ваков амбиент кој било текст, на кој било нацистички лидер, макар и исчезнал пред повеќе од осумдесет години, ќе биде прифатен како нешто суперактуелно и за жал ќе предизвика неоправдано голем интерес.

Извор: Ежедневный журнал

ОкоБоли главаВицФото