Љубовта е безизлезен лавиринт од недоразбирања

05.09.2013 12:35
Љубовта е безизлезен лавиринт од недоразбирања

Дали психоанализата делумно нè учи на љубовта?

Жак-Ален Милер: Во голема мера, бидејќи таа е искуство чиешто извориште е љубовта. Тоа е прашање на онаа автоматска и почесто несвесна љубов којашто анализираниот му ја пружа на аналитичарот, а која ја нарекуваме трансфер. Тоа е вештачка љубов, но направена од ист материјал како вистинската. Таа фрла светлина врз механизмот на вистинската љубов: љубовта е упатена кон оној за кого што мислиме дека ја знае нашата права вистина. Но, љубовта ви допушта да мислите дека таа вистина ќе ви се допадне, дека е прифатлива, додека во стварноста таа попрво е тешко поднослива.

Добро, што навистина значи да се сака?

Навистина да се сака некој значи да се верува дека со сакањето ќе дојдеме до вистината за нас самите. Го сакаме оној кој во себе го крие правиот одговор или барем еден одговор на нашето прашање: „Кој сум јас?“

Зошто некои луѓе знаат како да сакаат, а некои имаат проблеми?

Некои луѓе знаат како да предизвикаат љубов во друга личност, на пример сериските љубовници, мажи или жени. Тие знаат кои копчиња треба да се притиснат за да бидат сакани. Но тие самите не мораат нужно да сакаат, тие порадо си играат мачка и глушец со својот плен. За да сакате, морате да го признаете својот недостаток, да сфатите дека ви треба другиот, дека тој или таа ви недостасуваат. Оние кои мислат дека веќе се комплетни, или сакаат да бидат тоа, не знаат како да сакаат. А понекогаш, тоа го осознаваат на болен начин. Тие манипулираат, ги повлекуваат конците, но не ги вкусуваат ниту ризикот ниту задоволствата на љубовта.

„Веќе комплетни“ - само маж може да помисли такво нешто...

Добро воочено! Лакан велеше: „Да се сака е да се дава она што се нема“. Што значи: да се сака значи да се препознае својот недостаток и да му се даде на другиот, да се стави во другиот. Тоа не е давање на она што го поседуваме, добра или подароци, тоа е давање на нешто што не го поседуваме, што нè надминува. За тоа да го направите, морате да ја претпоставите својата загуба, својата „кастрација“, како што велеше Фројд. А тоа е суштински женски. Некој стварно сака само од женска позиција. Љубовта феминизира. Тоа е причината зошто љубовта секогаш е малку комична кај мажот. Но, ако тој си дозволи себе таа комичност да го застраши, тогаш всушност не е доволно сигурен во својата мажевност.

Дали тогаш на мажите им е многу потешко да сакаат?

О, да. Дури и мажот што сака има моменти на гордост, изливи на агресивност спрема објектот на својата љубов, бидејќи таа љубов го става во позиција на некомплетност, зависност. Тоа е причината поради која тој може да ја посакува жената што не ја сака, за на тој начин да ја поврати својата мажевна позиција којашто ја суспендира во љубовта. Овој принцип Фројд го нарече „дерогирање на љубовниот живот“ во мажот: расцеп помеѓу љубовта и сексуалната желба.

А кај жените?

Тоа е помалку вообичаено. Во повеќето случаи станува збор за удвостручување на машкиот партнер. Од една страна, тој е мажот кој им дава ужиток (jouissance) и кого го сакаат, но тој едновремено е и човек на љубовта, кој е феминизиран, нужно кастриран. Само што тука не станува збор за автономија: постојат и жени кои ја усвојуваат позицијата на мажот. И ги има сè повеќе. Еден маж за љубов, по дома; а другиот за ужиток, кого го запознале на нет, или во воз.

Зошто ги има „сè повеќе“?

Социо-културните стереотипи на женственоста и мажевноста токму се во процес на радикална трансформација. Мажите се повикани да се отворат спрема сопствените емоции, да сакаат и да се феминизираат себеси; жените, пак, преживуваат своевиден „притисок кон маскулинизација“: во име на правната еднаквост тие се поттикнати да кажат „и јас тоа го можам“. Едновремено и хомосексуалците бараат исти права и симболи како и хетеросексуалците, како што се бракот и усвојувањето. Оттаму е огромната нестабилност на улогите, широката флуидност во театарот на љубовта, која е во спротивност со фиксираниот свет на вчерашницата. Љубовта станува „флуидна“, како што забележа социологот Зигмунд Бауман. Секој е повикан да си го измисли сопствениот стил на живот, да ја преземе одговорноста за својот тип ужиток и форма на љубов. Традиционалните сценарија полека стануваат неупотребливи. Социјалниот притисок да се прилагодиме не е исчезнат, но е во опаѓање.

„Љубовта секогаш е взаемна“, вели Лакан. Дали тоа сеуште е точно во денешниот контекст? И што тоа всушност значи?

Таа реченица постојано се повторува, без да е разбрана, или ја разбираат најчесто на погрешен начин. Таа не значи дека е доволно некого да сакате за и тој да ве сака. Тоа би било очигледно неточно. Таа значи: „Ако те сакам, тоа е зашто имаш нешто во себе што може да се сака (because you're loveable). Јас сум оној/онаа што сака, но и ти се вмешан/а во тоа, бидејќи има нешто во тебе што во мене предизвикува љубов. Љубовта е взаемна бидејќи се состои од „кон“ и „од“: љубовта што ја имам за тебе е повратен ефект на фактот дека ти за мене си причината за љубов. Така, ти си вмешан/а. Мојата љубов кон тебе не е само моја работа, туку и твоја. Мојата љубов можеби зборува нешто за тебе што ни сам/ата не го знаеш.“ Ова воопшто не гарантира дека на нечија љубов секогаш ќе биде возвратено со љубовта на другиот: кога тоа ќе се случи во тоа секогаш има нешто од чудо, тоа не може однапред да се предвиди.

Ние, значи, не се пронаоѓаме случајно. Зошто тој дечко? Зошто баш таа девојка?

Тука се јавува нешто што Фројд го нарекуваше Liebesbedingung, условот за љубов, причината за желбата. Тоа е посебна црта - или збир од црти - кои имаат решавачка улога за некој да биде избран како сакан. Ова наполно им бега на невронауките, бидејќи е различно од личност до личност и зависи од нивната поединечна, интимна историја. Од цртите кои понекогаш се појавуваат само за момент. На пример, Фројд издвои случај на маж, негов пациент, за кого што причината на желбата била одблесокот врз женскиот нос!

Тешко е да се верува во љубовта заснована врз такви трици!

Реалноста на несвесното ја надминува фантазијата. Не можете ни да замислите колку работи во човечкиот живот, посебно во врска со љубовта, се засновани на мали работи, ситници, „несекојдневни детали“. Точно е дека кај мажите ваквите причини играат превасходна улога, тие се како фетиши чија присутност е неопходна за да се запали искрата што води кон љубовта. Таквите ситни поединечности, потсетувањата на таткото, мајката, братот или сестрата или на некој од детството, исто така играат улога во женскиот избор на објектот на љубов. Но женската форма на љубов почесто е еротоманска отколку фетишистичка: тие сакаат да бидат сакани, и интересот или љубовта што им е искажана, или за која претпоставуваат дека постои во другата личност, често е sine qua non за предизвикување на нивната љубов, или макар на нивното прифаќање. Овој феномен лежи во основата на машкото флертување со жените.

Дали во сево ова им доделувате некоја улога на фантазиите?

Кај жените, фантазиите, било свесни или несвесни, поважни се за позицијата на ужитокот отколку за изборот на објектот на љубовта. Кај мажите токму е обратно. На пример, може да се случи жената да доживее ужиток - оргазам, да речеме - ако во текот на односот замислува дека ја тепаат, или силуваат, или замислува дека е некоја друга жена, или дека е негде другде, отсутна.

А машката фантазија?

Таа, на пример, игра улога кај љубовта на прв поглед. Класичниот пример, толкуван и од Лакан, потекнува од романот на Гете: ненадејната страст на младиот Вертер спрема Шарлота кога ја гледа прв пат како храни куп деца собран околу неа. Овде мајчинството е тоа што ја пали искрата на љубовта. Друг пример, од мојата пракса, е следниот: работодавач во своите педесетти дочекува кандидатки за работа на местото секретарка; една девојка од дваесет година влегува и тој веднаш ѝ изјавува љубов. Потоа тој се прашува што му станало и се анализира себеси. И го открива чкрапалото: во нејзе тој ги видел цртите што го потсетиле каков бил самиот кога имал дваесет, кога отишол на своето прво интервју за работа. Во некоја рака, тој се вљубил во самиот себе. Во овие два примери ги гледаме двете страни на љубовта кои ги разликуваше Фројд: или ја сакате личноста која заштитува, во случајов мајката, или ја сакате нарцистичката слика на самите себе.

Тоа звучи како да сме кукли!

Не, помеѓу која било жена и маж, ништо не е предодредено, нема компас или однапред поставен однос. Нивната средба не е програмирана како средба помеѓу сперматозоид и јајце клетка; исто така, ни гените не се толку важни. Мажите и жените зборуваат, тие живеат во светот на дискурси, тоа е најважното. Модалитетите на љубовта се екстремно осетливи на културата што ги опкружува. Секоја цивилизација е одговорна за начинот на кој ги структуира односите меѓу половите. Така, на пример, се случува на Запад, во нашите општества кои се либерални, пазарни и правни, „мноштвото“ да е на добар пат да ја симне од тронот „единственоста“. Идеалниот модел „голема љубов за цел живот“ полека го губи тлото под нозе со брзите излегувања, брзите љубови, и целата флотила алтернативни, последователни, или дури едновремени љубовни сценарија.

А љубовта за сите времиња? За вечност?

Балзак рече: „Секоја страст која не е вечна е одвратна“. Но може ли некоја врска да биде страсна и да трае цел живот? Колку повеќе мажот ѝ се посветува на само една жена, толку повеќе таа за него ќе добива мајчинско значење: повеќе возвишено и недопирливо, отколку сакано. Венчаните хомосексуалци најдобро го развиваат овој култ на жената: Арагон ѝ изјавува љубов на Елса, но штом таа ќе умре, тој се врти кон мажи! А кога жената ќе се прилепи за својот маж, таа го кастрира. Така што, патеката е тесна. Најдобриот исход за љубовта во бракот е пријателството, а тоа е во основата и на она што Аристотел го рекол.

Проблемот е што мажите велат дека не разбираат што сакаат жените, а жените велат дека не разбираат што мажите очекуваат од нив...

Да. Приговорот кон Аристотеловото решение е фактот дека дијалогот помеѓу половите е неможен, како што рече Лакан, со воздишка. Луѓето што се сакаат осудени се да одат напред постојано учејќи го јазикот на оној другиот, талкајќи, барајќи ги клучевите за значењата - клучеви кои секогаш можат да се покажат погрешни. Љубовта е лавиринт на недоразбирања од кои не постои излез.

Колажи: Anthony Zinonos
Разговарала Хана Вар (Hanna Waar)
Извор: www.lacan.com

Слични содржини

Општество / Психологија / Живот / Теорија
Живот / Култура
Никола Гелевски
Графички Дизајн / Книжевност / Психологија / Стрип

ОкоБоли главаВицФото