1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Само за 100 дена припадниците на ЈНА ја изградија населбата Аеродром за 10.000 жители
Разни органи на власта, од сојузни до локални, како и општествено-политичките организации, веднаш по земјотресот презедоа разни мерки да се ублажат последиците од земјотресот и што побргу да се нормализира положбата во градот. Во таа смисла тие издадоа разни наредби и одлуки, препораки и прописи. Вакви наредби и одлуки имаше многу, толку многу што е невозможно тука сите да се набројат. Затоа ќе ги споменеме само најважните. Прва наредба издаде Секретаријатот за внатрешни работи на град Скопје и тоа на 26 јули 1963 година. Co оваа наредба се забрануваше секакво движење на лица по улиците на градот во времето од 19 до 5 часот. Оваа забрана добро дојде за да се спречат немили случаи на кражби, бидејќи стоката лежеше расфрлена по тротоарите и улиците, а витрините на дуќаните беа испокршени. Меѓутоа, во Скопје немаше појава на кражба освен два-три случаи кога крадци се обиделе да украдат чевли, но биле фатени, а народот сакал да ги линчува. Стоката неколку дена лежеше по улиците и тротоарите, но никој не ја гибаше. И во оваа смисла скопјаните се покажаа на висина.
За поблиску да се запознаат со вистинската положба, во Скопје допатуваа повеќе југословенски раководители. Уште првиот ден на местото на несреќата се најде другарот Петар Стамболиќ. Наредниот ден пo земјотресот во Скопје допатува и другарот Тито, придружен од Александар Ранковиќ, Едвард Кардељ, Мијалко Тодоровиќ, Иван Гошњак и други највисоки политички и воени раководители. Другарот Тито и неговата придружба ги разгледаа урнатините, а потоа дискутираа со политичките раководители на СРМ за мерките што треба да се преземат за нормализирање на положбата. Во врска со посетата на другарот Тито, на Пленумот на ЦК на СКМ одржан на 10. VIII. во Титов Велес, во својот реферат другарот Крсте Црвенковски рече: „Како што ви е познато, само еден ден по катастрофалниот земјотрес другарот Тито и повеќе членови на ИК на ЦК на СКЈ и други партиски и државни раководители го посетија Скопје. За граѓаните на настраданиот град тоа беше голема поддршка и охрабрување во тешките часови. Другарот Тито и другите членови на ИК на ЦК на СКЈ непосредно се запознаа со катастрофалните размери на разурнувањата... Покрај тоа, одржани се први разговори за натамошната иднина на градот. Во духот на тие разговори, ИК на ЦК на СКЈ, републичкиот Извршен совет како и Градскиот комитет на СКМ и Градското собрание на Скопје ги утврдија основните становишта и зафати на концепцијата за радикална обнова и изградба на Скопје".
Населбата Козле
На 27-от ден од земјотресот т.е. на 22. VIII. во Скопје повторно допатува другарот Тито. Co него беше и првиот секретар на Комунистичката пapтија на Советскиот Сојуз и претседател на владата на СССР другарот Никита Сергеевич Хрушчов. Тие ги разгледаа урнатините на градот и населбата под шатори во Градскиот парк, каде што граѓаните им приредија трогателен пречек.
За обновата и изградбата на Скопје, од најголемо значење се заклучоците од проширената седница на ИК на СКЈ одржана под претседателството на другарот Тито на Бриони на 2. VIII. 1963 год. во кои меѓу другото се вели:
1. Да се преземат мерки и да се создадат услови за што побрзо оспособување на стопанството во Скопје.
2. До крајот на 1963 година да се обезбеди привремено сместување на работниците и службениците.
3. Да се извршат подготовки изградбата на Скопје да заврши колку што е можно во пократок рок.
4. Обновата и изградбата на Скопје можат да бидат решени само со заеднички напори на целата општествена заедница.
5. За обновата и изградбата на Скопје ќе се обезбедат потребни извори на средства што ќе се слеваат во кредитен фонд. За таа цел треба што поитно да се преземат и мерки за обезбедување помош од страна на другите земји и меѓународните организации, како и за ангажирање на странски кредити под поволни услови.
6. Преку разни погодни форми за кредитирање и давање помош да им се овозможи на настраданите граѓани да ја обноват својата покуќнина.
7. My се препорачува на Сојузниот извршен совет да донесе соодветни прописи за спроведување на овие заклучоци во живот.
Согласно со овие заклучоци, на 9. VIII. 1963, Сојузниот извршен совет донесе неколку нови прописи кои придонесоа да се ублажат последиците од земјотресот кај граѓаните, а стопанските организации што побргу да ги совладаат тешкотиите и да создадат услови за нормално стопанисување. Сојузниот извршен совет ги донесе следните прописи:
1. Одлука за прогласување мораториум на сите ануитети на стопанските организации од подрачјето на Скопје за сите кредити и заеми што на овие организации им се дадени од средствата на Федерацијата.
2. Одлука за прогласување мораториум на сите потрошувачки кредити на граѓаните од подрачјето на Скопје кои претрпеа штета поради земјотресот. Се даваат поволни услови за добивање нови потрошувачки кредити. Рокот за отплата на новите потрошувачки кредити ќе биде 6 години со камата од 1%, без вложување учество во готови пари. Висината на месечната рата ќе изнесува 1/3 од личниот доход. Кредитот може да се користи за купување секаква индустриска стока освен за прехранбени продукти. Нови потрошувачки кредити можат да подигнат и оние граѓани кои од порано имале подигнато потрошувачки кредити, a чие плаќање е сега одложено. Оние граѓани кои добиениот кредит ќе го претворат во пари, а потоа ќе го вложат на штедна книшка за да остварат камата од 6% ќе бидат гонети. Намената на новите кредити е поправка на згради, купување монтажни куќи, покуќнина и сл.
3. Одлука за финансирање на изградбата за сместување на населението и работните организации во Скопје. За оваа цел Народната банка на Југославијa и’ одобри на Стопанската банка на СРМ аванс во вид на кредит во износ од 30 милијарди динари за изградба на монтажни куќи за сместување на населението.
4. Одлука за олеснување на увозот на стоките што работните организации и граѓаните од Скопје ги примаат бесплатно или ги набавуваат од странство. Сите овие стоки се ослободуваат од плаќањето царина и други давачки.
5. Одлука за одобрување кредити на стопанските организации од Скопје за вложувања во основни средства. На овие кредити имаат право оние стопански организации чии основни средства се оштетени од земјотресот.
6. Одлука за одобрување кредити за обртни средства на работните организации од Скопје.
7. Одлука за привремено одлагање на уплатувањата на аконтации во вид на камати на фондовите во стопанството, придонеси од доходот на стопанските организации и придонеси на вонредни приходи.
8. Одлука за стопанските организации од подрачјето на Скопје кои не мораат да одделуваат задолжителни резерви од фондови во 1963 година, т. е. не само што се ослободуваат од обврската за формирање задолжителни резерви на своите фондови во 1963 год., туку можат да ги користат и своите резерви од 1961 и 1962 година.
9. Наредба за инвентарисување кај стопанските организиции во Скопје. Овој попис има за цел да ја утврди реалната состојба на имотот по претрпеното оштетување.
10. Одлука за евидентирање на сите парични средства, добиени од Југославија и од странство како помош за отстранување на последиците од земјотресот во Скопје.
11. Наредба за постапка со штедните влогови на граѓаните на кои штедните книшки им исчезнале при земјотресот.
Сите овие одлуки ја олеснија положбата како на стопанските организации, така и на граѓаните од Скопје.