Русија ќе им ги одзема децата на геј родителите?

06.09.2013 10:08
Русија ќе им ги одзема децата на геј родителите?

Руските пратеници во четврток предложија уште еден скандалозен закон против тамошната геј заедница, со кој би им се одземале децата на геј родителите, а хомосексуалноста е наведена како однесување од типот на алкохолизмот, употребата на дроги, насилството и менталната непресметливост.

Алексеј Журављев, пратеник во руската Дума, го предложи тој амандман на законот за семејство. Според новиот закон „нетрадиционалната сексуална ориентација“ ќе биде основа за скратување на правата на старателство на геј лицата.

Други основи за тоа се алкохолизмот, употребата на дроги, насилството, менталната непресметливост и злоупотребувањето.

Журављев, автор на законот за старателство над децата, рече дека „хомосексуалната пропаганда мора да биде забранета не само во јавниот простор, туку и во семејството“.

Во јуни, Думата едногласно го усвои сојузниот закон за „геј пропаганда“, осигурувајќи се дека ниедно дете нема да учи дека геј лицата треба да бидат еднакви со хетеросексуалците во сите права.

Друг усвоен закон забрани посвојување деца од страна на луѓе, со геј или стрејт ориентација, во земји кои дозволуваат хомосексуални бракови.

Авторите на законот го оправдуваа прогонот на ЛГБТ заедницата со „заштита на децата“.

Елена Милузина, спонзор на федералниот закон за геј пропаганда, го обвини Запад дека „агресивно ги воведува своите стандарди во Русија со својата фетишизација на човековите права, вклучувајќи ги и оние на сексуалните малцинства“.

Таа во јуни изјави дека парламентот би требало да размисли за одземање на децата на истополовите парови, бидејќи „постои шанса децата да го имитираат однесувањето на своите родители“.

Михаил Дегтјавов, пратеник во руската Дума и кандидат за градоначалник на Москва, исто така објави план владата да финансира „терапија за преобратување“ која би им овозможила на геј лицата „да се вратат на нормалниот живот и да станат хетеросексуалци“.

Руските законодавци исто така сакаат да ја вратат регулативата која се однесува на забрана за доброволно давање крв од страна на хомосексуалците. Претседателот Путин негираше дека Русија ги дискриминира сексуалните малцинства, но ги критикуваше истополовите парови бидејќи не придонесуваат за раст на наталитетот.

Хомосексуалноста, казнива со затвор за време на Советскиот сојуз, во Русија е декриминализирана во 1993 година, но голем дел од геј заедницата остана прикриен поради вкоренетите предрасуди во руското општество. Во последно време зачестија бруталните злосторства поради омраза кон припадниците на руската геј заедница.

Извор: www.cbc.ca